1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
Можеби успевате да останете ладнокрвни пред секојдневните неволји, но сте личност која навистина ја вознемируваат непријатности во космички размери како што е, на пример, постоењето црни дупки, грозни структури во далечната вселена кои голтаат сè. Во тој случај, космолозите за вас имаат еден уште пострашен поим – бела дупка.
И додека црната дупка е толку масивна што ништо (па дури ни светлината) не може да излезе од неа, белата дупка е хипотетички космички објект во кој не може да влезе ништо. Досега невидени, ни директно, ни посредно, белите дупки се едно од можните решенија кои се појавуваат во замрсените равенки на теоријата за гравитацијата на Ајнштајн.
Прашањето за белата дупка е масивно не само заради нејзината гравитациска сила и тоа што, како инверзија на црната дупка, таа исто така е сингуларитет во просторот време, туку според некои хипотези, белата дупка претставува семе на новата Голема експлозија, можеби и почеток на нов Универзум. Се вели и дека и кај белите дупки исто како и кај црните, времето тече во обратна насока.
Пред дванаесет години, во јуни 2006 година, вселенскиот телескоп Свифт сними како од соѕвездието Индус доаѓа застрашувачки силен сингал – мистериозната гама експлозија од галаксија оддалечена 1,6 милијарди светлосни траеше 102 секунди и беше толку силна што истражувачите од вселенскиот центар Годард на Наса, буквално го нарекоа „ѕвер“.
Настанот, означен како ГРБ060614, имал необични особини и останало мистерија од што потекнал. Пет години подоцна, истражувачите од Израел, Алон Рете и Шломо Хелер, објавија труд во кој поставуваат хипотеза дека оваа гама експлозија е последица на краткотрајно создавање на бела дупка и таканаречена „мала експлозија“, односно Голема експлозија која не потрајала.
„Белите дупки се појавуваат на крајот од реалноста“, пишува италијанскиот физичар и писател, Карло Ровели, автор на исклучително популарни и вчудоневидувачки добро продавани книги за времето и вселената, во авторскиот текст „Hello from the other side“, објавен во декемврискиот број на списанието New Scientist. Опишувајќи ги белите дупки, Ровели потсетува дека и најголемите авторитети од седумдесеттите години на 20 век за црните дупки зборувале дека се само хипотеза од теоријата на Ајнштајн, а дека денес има толку докази дека постојат.
„Приказната сега може да се повтори и со белите дупки, кои, впрочем се обратни црни дупки“, смета Ровели, додавајќи дека доказ за постоењето на белите дупки би разјаснил многу отворени прашања, вклучувајќи го и тоа што се случува во средиштето на црната дупка, но и нерешеното прашање за потеклото на темната материја.
Хипотетички, ако се движите кон бела дупка (со претпоставка дека вашиот вселенски брод ќе ги преживее силните емисии од неа), просторот време е толку искривено што сосема бизарно – „паѓате низбрдо“. Колку сте поблиску до белата дупка, со секое движење напред потребно ви е сè поголемо и поголемо забрзување – во целиот Универзум нема доволно енергија за да стигнете внатре во неа.
Извор: http://naukakrozprice.rs