Тинтин: 90 години на најпознатиот новинар од стриповите

15.01.2019 02:07
Тинтин: 90 години на најпознатиот новинар од стриповите

Русокосиот репортер во светло кафен долг мантил во придружба на бел териер во првата авантура се впуштил фаќајќи го возот за тогашниот Советски сојуз, пред точно деведесет години.

Да бев малку постар, околу шеестина години, веројатно на сличен начин би можел да ја започнам автобиографијата, бидејќи со главниот лик имаме иста професија, боја на коса, а неретко и иста фризура.

Но, сега можам само да му го честитам деведесеттиот роденден на Тинтин – еден од најпознатите белгиски стрип јунаци.

Тинтин со своите авантури обележа еден период од историјата на 20-от век, но стриповите на овој повеќе храбар отколку вешт новинар и денес спаѓаат во незаобиколната литература на љубителите на деветтата уметност.

Што всушност почнал да создава таткото на Тинтин, Жорж Реми, многу попознат како Ерже, во 1929 година?

Кој е Тинтин?

Всушност никој не знае. Сè што се знае за Тинтин е дека е новинар од Брисел, кого на задачите што најчесто самиот ги избира и неретко немаат никаква врска со неговата работа, го следи малотo куче Снешко или на француски – Милу.
Знае да управува со секој вид возила, од мопед до ракета за Месечината и зборува неколку странски јазици, но неговото потекло, годините, па дури и презимето се непознаница.
Но можеби потеклото на Тинтин треба да се побара меѓу раните дела на Ерже, бидејќи љубоптниот репортер не е првата креација на белгискиот автор.

Од 1926 година, Ерже ги работел „Авантурите на Тотор“, стрип за водачот на извидниците, кој излегувал во весникот „Le Boy Scout Belge“. Многу познавачи на стрипот истакнувале дека постоја бројни сличности меѓу Тотор и Тинтин, како визуелни така и наративни, споредувајќи го дури и хуморот во овие два стрипа.

Во еден момент, тој Тинтин дури и го нарекол „помладиот брат на Тотор“ и тоа нивната единствена врска за крвното сродство, покрај фактот што, гледано лаички, овие два лика изгледаат идентично.

Но обожавателите на стриповите на Ерже не обрнувале многу внимание на магливото минато на Тинтин, туку уживале во приказните што се случувале низ светот, заедно со ликовите како професорот Калкулус, капетанот Хадок и Томсон и Томсон, агентите кои, водејќи се од сосема погреѓна дедукција, на крајот сепак се наоѓаат на вистинското место во вистинско време.

Да, кога веќе ги разбиваме митовите за семејните врски и сличности, се покажало дека речиси пресликаните Томсон и Томсон всушност не се браќа и дека се разликуваат многу повеќе отколку по безвучната согласка – само загледајте ги добро нивните мустаќи.

И на крајот зарем е важно кој е Тинтин и од каде доаѓа? Можеби и тој како и многу славни ликови од стриповите треба да остане по малку мистериозен. Некои луѓе едноставно не сакаат да го дознаат вистинското потекло на Џокер, можеби истото треба да важи и за Тинтин.

Каде патувал Тинтин?

Она што е Артур Дојл за криминалистичкиот, а Јан Флеминг за шпионскиот роман, тоа отприлика е Ерже за авантуристичкиот стрип.

Тинтин патувајќи низ светот ги посетил Советскиот сојуз, Америка, Индија, Тибет, Конго, Кина и бројни други држави. Можеби не сите држави, но секако сите оние кои во моментот кога настанувал стрипот, биле важни за историскиот контекст.

Така, сакал или не, Тинтин се нашол во источноевропското кралство Силадивијја, како и во фантастичната Бордурија, чијшто лидер Мистлер претставувал очигледен комбиниран омаж на германскиот нацистички водач Адолф Хитлер и италијанскиот фашист Бенито Мусолини.

Тинтин бил дури и на Месечината и тоа 15 години пред Нил Армстронг. Црвено – белата ракета во која капетан Хадок и тој ја откривале вселената и денес претставува еден од најпопуларните цртежи на вселенско летало.

Низ патувањата на Тинтин, Ерже не само што раскажувал забавни стриповски авантури, туку и ги отсликувал, коментирал и ги критикувал тогашните случувања на геополитичката мапа на светот. Некогаш по своја волја, а некогаш по директива на уредниците, во зависност од политичката клима во која се наоѓала Белгија.

А колку далеку навистина патувал?

Иако Ерже создал само 24 албуми, „Авантурите на Тинтин“ се преведени на повеќе од 70 јазици, а биле продадени над 230 милиони примероци. Фигурите, постерите и разгледниците кои можат да се најдат речиси во секоја продавница за сувенири во Франција и Белгија, како и бројните мурали на ѕидовите на бриселските згради, потврдуваат дека не се работи само за бренд и парче на поткултурна манија што го зафатила целиот свет, туку за единствено културно наследство на франкофонските држави.

Дури и поранешниот француски претседател Шарл де Гол во една прилика изјавил дека Тинтин е неговиот „единствен интернационален ривал“.

Авантурите на Тинтин се преточени во бројни цртани филмови, а режисерот Питер Џексон, најпознат по трилогиите „Господар на прстените“ и „Хобит“, во 2011 година заедно со Стивен Спилберг во кино салите го донесе долгометражниот анимиран филм за Тинтин во кој гласовите се на Енди Серикс, Даниел Крејг, Џејми Бел и Сајмон Пег.

Филмот е акција и авантура преполна со изненадувања, пресврти и многу хумор, која во модерно руво успеала да го пренесе цртачкиот стил на Ерже, но и она што е многу поважно – неговата бескрајна творечка визија.
Многу критичари сметаат дека „Авантурите на Тинтин“ се највозбудливиот филм на Питер Џексон по серијалот „Господар на прстените“.

Планирани се три продолженија, сценариото за вториот филм го напишал Ентони Хоровиц, авторот на новите романи за Шерлок Холмс и Џејмс Бонд, само се чека Питер Џексон да најде време.

Политика, пропаганда и спорните „ставови на Тинтин“

Ерже имал идеја за својата прва авантура Тинтин да ги посети Соединетите држави, меѓутоа неговиот тогашен издавач, Норберт Валез имал поинакви планови.
Со оглед на тоа што Тинтин се објавувал во конзервативниот католички весник „Дваести век“, Валез му наредил на Ерже дејствието на стрипот да го смести во Советскиот сојуз за да послужи како антисоцијалистичка пропаганда за деца.

Според директивата на Валез, Ерже го направил и вториот албум „Тинтин во Конго“. Мног години подоцна, Ерже ќе го критикуваат заради неадекватното и расистичко претставување на локалното население.

Тинтин ќе биде обвинет за антисемитизам и за претерано брутален третман на животните.

Членовите на францускиот парламент во 1999 година расправале дали Тинтин е лево или десно ориентиран, но дискусијата завршила без јасна одлука.

Со доаѓањето на помирни времиња, попуштиле стегите на уредниците и Ерже можел да го праќа Тинтин каде што сакал.

А што прави Тинтин денес?

За разлика од неговите цртани колеги: Спиру, „Lucky Luke“, Астерикс и другите бисери на француско – белгиската школа, Тинтин не продолжи со авантурите по смртта на Ерже во 1983 година.

Но можеби Тинтин е еден од ретките примери кога нови авантури и не се нужно неопходни. И всушност кој да знае како наивниот добар репортер би се снашол во денешниот, благо кажано, превртлив свет?

Обожавателите немаат ништо против да ги препрочитуваат старите епизоди, додека на оние помладите, со објаснување на општествено – историскиот контекст и оправдана критика, би можеле да им бидат забавни и инспиративни. Ако не да го менуваат, барем да го откриваат светот околу себе.

Самиот Ерже во една прилика рекол дека „светот на Тинтин е оптимистичен“, а тоа е она што ни е неопходно последниве години.

Среќен деведесетти роденден, колега. Го чекаме стотиот.


Извор: BBC News на српски

 

ОкоБоли главаВицФото