Регина

15.01.2019 16:55
Регина

Регина:

Knock knock knock
next station was the clock.

Последниот збор
лета под гумите
помеѓу тркалата
се крши на пола.

Се случува.
Во моментов
знам дека е судар
знам дека ќе боли.
Смртта не ми паѓа на ум.

Телото е потешко од мене,
не можам да ја сопрам
брзината на телото
кога удира од тлото.

Сè се врти наопаку. Нема време за страв.

 

Регина:

Трепкам во светлото.
Од каде толку нагло доаѓам?
Зраци низ завесата.
Орев на комодата.
Долго немам видено орев.
Оти не обрнувам внимание,
мислам дека секој орев е ист.

 

Регина:

Потреперува сè уште, животот некаде во мене. Знам оти имам чувство повремено дека нешто треба да направам, да станам, да тргнам, да кажам.

 

Регина:

Се искривувам. Долго немав маса, не умеам да седам. Немав кревет, не умеам да лежам. Не ја реметам болката во телото, останувам во таа поза. Важно е да се поремети болката.

 

Регина:

Се чувствувам како компјутер. Себе се држам во раце. Можеби ќе сакам да јадам, да мислам, да се бањам, да се насмеам. Ја чувствувам расипливоста на телото, нека почне да смрди, можеби тоа ќе ме помрдне.

 

Регина:

Нагазувам орев. Таа го помирисува. Не се задржува долго. А јас се потсетувам да дишам. Го гледам оревот. Ах, колку долго го немам видено. Се смешка. Такви се оревите. Шармери, со сите тие бразди. Погледнав горе. Се држат за своите гранки. Ореви Тарзани на лијани, се нишаат и судираат. А лисјето зелено, зелено само за себе.

Регина:

Овде е секогаш криза
сама себе се создава
храни
спроведува
низ ходниците
на човечките животи.
Зошто тука би останала
кој е мојот облик.
Криза кризата
има
име и презиме,
размазена
кнегиња,
совршена,
владее
со секоја ситуација.

 

Регина:

Да ја нема неa, тој ќе беше сосема друг човек. Со седумдесет, ќе беше луд, човек изгубен во улогата на мецена на уметноста, помеѓу ѕидовите, со старите слики и новите уметници чиишто гласови шумолат до изнемоштување. Без неa тој во тоа ќе се истопеше. Не ќе беше исплашен, не ќе беше човек.

 

Регина:

Тоа секого го интересира. Љубов.
Местото на препознавање на филм.
Средбата на село.
Разидувањето во град.
Вирот во стомак.
Гнездото на птица во глава.

 

Регина:

Кој е толпата во мене? Знам ли некого од луѓево и животниве?

 

Регина:

Високиот бор се клати, покривите се клатат, струјните кабли, оревите се клатат на своето дрво, низ завесите што треперат на силното Сонце и кревкиот ветар во октомври. Знам ли јас како срцето се дава или живеам само во себеси или има ли срце без давање срце или што ќе ми е срце во сопствениот свет.

 

Регина:

Нема принц за дворецов.

Јелена Анѓеловска живее меѓу Белград и Нови Сад. Драматург, пишува поезија и драми, организира поетски вечери. Феминистичка активистка против насилството спрема жените, за прашањата на нехетеросексуалните жени, на демонтирањето на општествените хиерархии. Работела како келнерка, новинарка, консултант за жени под насилство итн. Објавила две поетски збирки: Домовина, бес машина (2013) и 09:99 Ујутро (2016).

Избор и превод: П. В.
Слики: Rachel Goodyear
Извор: Jelena Andjelovska - 09:99 UJUTRO (2016)

ОкоБоли главаВицФото