Период на предизвици за Ципрас

16.01.2019 01:16
Период на предизвици за Ципрас

Збогувањето беше кратко и безболно, но добро подготвено: по присуството на црковна богослужба на 13 јануари, министерот за одбрана, Панос Каменос, се појави на кризна средба со премиерот Алексис Ципрас. Разговорот траеше само четириесет минути. Во одделни изјави, и двајцата политичари си заблагодарија меѓусебно за соработката, па дури и делуваа и малку натажени дека е готово. Каменос на прес-конференција зборуваше за „историски ден" за неговата десничарска популистичка партија АНЕЛ, тврдејќи дека нема друг избор освен да ја напушти владата. Причина: неодамнешниот компромис во македонскиот спор, кој Ципрас енергично го поддржува и сака што е можно побргу да го поднесе на гласање во грчкиот парламент.

Гласање за доверба на владата веќе неделава

А што вели шефот на владата? По средбата со Каменос, Ципрас рече дека сака да побара гласање за доверба на владата во наредните неколку дена. Во вторник, треба да започне дебатата во парламентот , а најдоцна до четвртокот вечер, да биде познат резултатот. Владејачката левичарска партија Сириза на Ципрас има само 145 од вкупно 300 пратеници. Сепак, Ципрас се чини е оптимист дека ќе го добие потребното мнозинство - веројатно со гласовите на независните пратеници, па дури и на отпадниците од АНЕЛ. Оваа опасност, исто така, се чини дека ја препозна и лидерот на АНЕЛ Каменос: „При гласањето за доверба, секој ќе гласа за она што смета дека е правилно и обврзувачко. Но ако некој сака да го замени својот глас за функција во владата, тогаш тој ќе биде исклучен од партијата“, предупреди Каменос на неговата прес-конференција.

Политикологот Левтерис Кусулис оценува дека е веројатно оти левичарскиот премиер Ципрас ќе го добие гласањето за доверба во парламентот. За него, според Кусулис, ќе гласаат поединечни членови на АНЕЛ.

„Каменос не може да ги исклучи сите пратеници од својата партија. На крајот од краиштата, нему му се потребни најмалку пет лица, за да може своите пратеници да ги организира во пратеничка група“, вели Кусулис во интервју за ДВ. Тој верува дека оставката на Каменос не беше толку болна како што беше претставена од сите засегнати. Конечно, разделбата е во заемен интерес: „Каменос може повторно да се дистанцира од власта и во изборната кампања темата Македонија да ја експлоатира за себе, додека Ципрас, од своја страна, може да се врати на своите традиционални политички вредности", вели аналитичарот.

По наредните парламентарни избори во Грција, меѓутоа нееднаквите партнери во определени околности би можеле повторно да се приближат, додава тој.

Каменос истакна дека отсекогаш велел оти во спорот за името со северниот сосед, не прифаќа никаков компромис што го вклучува терминот „Македонија". Сега , како што кажа, сака да апелира до „сите патриотски сили" да ја поддржат неговата партија, за да се спречи компромисот со северниот сосед. Во итен случај, Каменос истакна дека ќе се обрати и до Врховниот управен суд на Грција, па дури и ќе ги изнесе своите приврзеници на улица.

Десничарскиот популист го обвини поранешниот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, кој беше вклучен во постигнувањето на Договорот за Македонија, дека „се откажува од националниот суверенитет". Коѕијас, пак, во интервју истакна дека Каменос требало „да си замине уште порано“.

Следува Договорот за Македонија

Ако Алексис Ципрас го преживее гласањето за доверба, тој има намера во наредните недели на гласање за ратификација во парламентот да го стави Договорот за Македонија. При ова гласање, тој веројатно нема да може да смета на тоа дека отпадниците од десничарската популистичка партија АНЕЛ ќе го поддржат. Можно е меѓутоа, одделни пратеници од малата социјално-либерална партија „То Потами" или независни пратеници да гласаат за компромисот со соседната земја. Во секој случај, лидерот на конзервативната опозиција Кирјакос Мицотакис постојано изјавува дека е против компромисот.

Ако македонскиот договор биде отфрлен во грчкиот парламент, Ципрас нема друг избор освен да распише предвремени избори. Политикологот Кусулис смета дека ова и онака е стратегијата на шефот на владата дури и ако сѐ оди според планот и договорот за Македонија помине во парламентот. „Ципрас не сака да си остави време до редовниот термин за изборите наесен годинава. Најдоцна во мај, во Грција веројатно ќе има нови избори“, смета политичкиот аналитичар.

Извор: DW