За чесните кои крадат

06.10.2010 12:17
За чесните кои крадат

Што е разлика помеѓу комунизмот и демократијата?
Во комунизмот едни луѓе експлоатираа други,
а во демократијата, пак, обратно.

Живееме во време кога работите се прилично измешани на многу планови, а многу ненормални работи се прифатени како вообичаени. Да не ги набројувам, ги знаете, ги знаеме. Секој од нас може да наброи барем десет работи кои се надвор од секаков разум, а станале норма во нашиве живеачки. Битисувајќи во такви превртено-извртени услови на живеење тешко е човек да живее и функционира на браникот на граѓанштината, па во таков некаков зорт се досетив на едно симпатично писание на Матија Бечковиќ негде од шеесетите годинини на оној дваесетион век. И гледам доста автентично, но и надвременски во својата порака, и промптно ем осетив - ем почувствував: време да се ажурира неговата парадигматична за „чесните кои крадат“.

Имено, чесните кои крадат се нормални и пристојни луѓе, но ставени под чеканот и наковалната на неподносливата леснотија на корумпирање и крадење, тие се обидуваат да најдат некакво чаре и да преживеат. Да не тупиме многу: чесниот човек мора да краде (види фото), за разлика од другите кои сакаат и кои се обземени со алчност за повеќе и подобро. Е, тие се лоповите, ајдуците, арамиите, грабливците на оваа наша транзиција, која како лоши римејци (или успешни порнички серијали?) стигнала до некое излитено 7 или 8 издание. Да видиме кои се разликите помеѓу чесните кои крадат и лоповите?

Чесниот човек никогаш не би крадел да не мора. Тој има свест за погрешното, тој знае дека така не треба, но „муката“ дека мора прави тој да за потисне тоа чувство и да каже „Морам!“ Многумина од нив имаат и совест која неуморно и континуирано ги гризе, но тие се тешат. Тој го преѕира чинот на крадење и ваквото дејание во неговиот светоглед не е во ред. Лоповот, пак, нема такви колатерални секирации: тој го врши чинот на крадење без око да му трепне. Во голем број случаи тој смета дека дури и тера некаква правдина со своето ајдуштво, дека му следи тоа што нелегално и неморално го граба и џапа. Врз ваквата логика „сега е моето време“ или „сега се моите 5 минути“, се прават цели идеологии и политички проекти, но ајт да не завлегуваме во таа сфера, текстов ќе стане чинам роман, а не колумна.

Чесниот човек кој краде, краде толку колку му треба. Чесниот краде толку колку што растат и трошоците. Како што расте цената на потрошувачката кошница така и тој малку брцнува повеќе од таму каде што краде. И краде онолку колку му фали да си ја доврши куќата, да го ожени синот, да ја омажи ќерката, да ги школува децата, да си обезбеди кола, па, ете, во некоја инстанца и летување или одмор. Лоповот краде без усул и никогаш не му е доста. За него нема хоризонт на посакуваното и потребното. Џапа без срам и перде, онака како што тој самиот во својот замислен свет мисли дека треба и потоа си го преоктира тоа врз процесот на „акумулација на капиталот“ и други материјални добра и угодности.

Чесниот човек ги преѕира лоповите. Тој се гади од нив и не се смета ниту одблиску сличен на нив. Тој цени дека човечкото во него не е загубено, дека тој само треба да застане на свои нозе и ќе се врати во „нормала“. Значи да се разбереме, чесниот крадец има усул. Тој не краде заради крадење, тој краде заради оправдани и легитимни причини, и само се обидува да ги исправи системските неправди кои општеството му ги наметнува.

Чесниот крадец не се крие, своите операции си ги врши со стил, додека арамијата става чорапи на глава, се маскира на различни начини, и бега како кукавица после секој свој срамен чин. Чесниот крадец нема такви одлики, тој знае што прави и не бега никаде.

Важна разлика, секако, е тоа што чесниот крадец краде само во кругот на своето социјализирање, своето претпријатие, организација, фирма, што-и-да-е, додека арамиите не бираат каде ќе крадат. Тие ако треба ќе стигнат до Тунгузија по своите злоцели.

Арамиите не можат да престанат да крадат за разлика од нашите чесни крадци кои кога ќе го исполнат фер-балансот на сопствената егзистенција можат да ги направат тоа.

Чесниот крадец ги подучува другите, вклучително своите деца, дека крадењето е погрешно и дека не треба да крадат. Арамијата своите деца ги води заедно со себе во ајдучките потфати.

Една од најважните особености на чесните крадци е тоа што покрај крадењето тие имаат и други ангажмани, преокупации, позиции и функции. Арамиите ви се, драги мои, професионални лопужи, тие живеат од крадењето, за нив нема друго, тоа им е лебот и погачата.

Чесниот крадец краде фино и осмислено, плански и стратешки, за разлика од арамијата кој краде што ќе му падне под рака и на што и да налета.

Нашите истражни органи се мошне свесни за тоа дека кога ќе се случи некоја кражба најважно е да се одреди (со основани соменија) дали чинот го сторил чесен крадец или некоја лопужа. Тоа е прв чекор во секоја истрага. Ако се работи за сомненија или индиции дека кражбата ја извршил некој чесен крадец тогаш истрагата се затвора, и од неа секако нема потреба. Ако некако и ја почнат истрагата и го вознемират чесниот крадец, тие фино и ќе му се извинат.

И конечно, арамиите се кријат од јавноста, органите, од камерите, фотографите, новинарите. Чесните крадци, пак, ги гледаме насекаде, по весници, по телевизии, знаеме речиси сè за нив.

ОкоБоли главаВицФото