Културата како основен двигател на разликите

16.01.2019 01:33
Културата како основен двигател на разликите

Која е основната линија која создава разлики меѓу луѓето ширум светот? Дали тоа е поделбата на имотни и неимотни? На Исток и Запад, рурално и урбано, секуларно и религиозно? Или на глобалисти и националисти, што би ги објаснила Путин, Брегзит и подемот на Трамп? Сите тие поделби се значајни, но ниедна не пружа доследност во разбирањето на разликите од античкиот период до денес, во сè, од меѓународните односи до односите во нашите домови.

Во авторскиот текст за Гардијан, Мишел Гелфанд, социјален психолог, авторка и професорка по психологија на Универзитетот Мериленд, вели дека основниот двигател на разликите не е идеолошки, ни финансиски, ни географски, туку културен. Се покажало дека однесувањето во голем дел зависи од тоа дали културата во која живееме е „цврста“ односно строга или „опуштена“.

Нејзините истражувања покажуваат дека, како што вели, кога луѓето се чувствуваат загрозено, сакаат „построги“ општествени норми, што остава длабоки последици на политиката. Тоа е едноставен начин да се опише силата на општествените норми и строгоста со која се применуваат таквите норми. Сите култури имаат норми – правила за прифатливо однесување – кои ги земаме здраво за готово. Како деца учиме стотици: да не земаме од рацете на другите луѓе; секојдневно да се облекуваме. Продолжуваме да усвојуваме нови норми во текот на животот: што треба да се облече за погреб, како да се однесуваме на рок концерт а како на симфониски, и кој е соодветен начин за вршење ритуали, од венчавка до црквена служба.

Општествените норми се лепило кое ги држи заедно групите луѓе, тие ни даваат идентитет и ни помагаат да координираме на единствен начин. Сепак, културите варираат во однос на силата на таквото лепило, со длабоки последици по нашиот поглед на светот, нашето опкружување и нашиот мозок.

Построгите култури имаат строги норми и мала толеранција за девијантноста, додека послободните култури се опозит. Во Соединетите Американски Држави, релативно „полабава“ култура, не е можно да се премине улица а да не видите повреди на вообичаените правила на однесување, од расфрлано ѓубре, преминување улица на црвено и викање. Од друга страна, во Сингапур, улиците се чисти, а кршењето на прописите е ретко. Или размислете за Бразил, релативно лабава култура, каде доцнењето на деловен состанок повеќе е правило отколку исклучок. Впрочем, ако сакате да бидете сигурни дека некој ќе стигне на време во Бразил, ќе нагласите да дојде со „британска точност“. Во Јапонија, пак, земја со цврсти норми, акцентот на точноста е голем, возовите речиси никогаш не доцнат. Ретко, во деновите кога ќе се случи да доцнат, некои железници на патниците ќе им дадат билети кои ќе ги оправдаат кај шефовите заради доцнењето.

Откритието кое е објавено во списанието „Science“ вели дека силата на културните норми не е нешто случајно. Иако биле раздвоени со километри, па ако сакате и со векови, цврстите и мошне различни култури како што се Спарта и Сингапур имаат нешто заедничко: секоја се соочува или се соочувала со висок степен на закана, без разлика на природата: болести, катастрофи и оскудици со храна или човечка природа – хаос кој го предизвикуваат освојувањата и внатрешните конфликти. Строгите норми во овој контекст се потребни за да им помогнат на групите да преживеат. И кога ќе ги погледнеме послободните култури, од древна Атина до модерниот Нов Зеланд, гледаме спротивен образец: уживаат во луксуз или се соочуваат со далеку помали закани. Таа безбедност се користи за да се истражат нови идеи, да се прифатат дојденците и да се толерира однесување од широк спектар. Во контекстите во кои има помалку закани и затоа помала потреба од координација, строгите норми не се реализираат.

Оваа професорка вели дека анализата на стотина групи ловци-собирачи, како и држави-нации, вклучувајќи ги Ацтеките и Инките, открила дека културите кои искусиле егзистенцијални закани, како што се гладот и војната, фаворизирале строги норми и автократски водачи. Нивните компјутерски модели покажуваат сличен ефект: заканата води до еволуција и затвореност, односно и цврстина.

Оваа цврста-лабава логика исто така се применува и на регионалните разлики меѓу земјите. Се покажало дека американските држави со многу поголеми закани кои вклучувале природни катастрофи и поголема нестабилност при набавката на храна, биле многу постегнати отколку оние кои уживале релативна безбедност. Слично на тоа, заедниците кои се соочуваат со финансиска опасност – глад, сиромаштија, банкрот – се значително поцврсти. Ова помага да се објасни зошто оние со ниски приходи постојано зборуваат дека им се потребни построги правила и лидери. Впрочем, кога професорката и нејзините колеги побарале од испитаниците да даваат слободни асоцијации за зборот „правило“, оние со пониски приходи константно пишувале зборови како што се „добро“, „безбедно“ и „структура“, а побогатите пишувале „лошо“, „фрустрирачки“ и „ограничување“. Овие преференци биле забележливи и во нивните претходни истражувања: тригодишните деца од посиромашните семејства биле значително повознемирени во однос на нивните врсници од побогатите семејства кога ќе виделе дека куклите од претставата ги кршеле јасните правила.

Дали е подобро ако општеството е лабаво или цврсто? Одговорот е ниту едното ниту другото, вели професорката Гелфанд. Двете пружаат различни предности и обврски, во зависност од нечија позиција. Цврстите групи имаат пониска стапка на криминал и тенденција да бидат почисти и покоординирани. Тие исто така покажуваат поголема самоконтрола: поверојатно е дека ќе имаат помалку проблеми со гојазност и долгови, но и пониска стапка на алкохолизам и злоупотреба на дроги. Лабавите групи се релативно понеорганизирани и имаат мноштво пропусти во примена на регулацијата, но ги одликува отвореност. Многу се потолерантни, покреативни и пофлексибилни. Цврстите групи се помалку иновативни, повеќе етноцентрични и поотпорни на нови идеи. Тоа е она што го нарекуваат цврсто-лабаво тргување, предност во една реалност да коегзистираат со недостатоците во друга. Тие разлики можат да ги објаснат глобалните обрасци на конфликтите, револуциите, тероризмот и популизмот. Тие функционираат како универзална точка на прекин, правејќи културната кохезија да се отвори и да се разбие. Како што наидуваат заканите, групите се затвораат, стануваат поцврсти. Како што опаѓаат, групите се опуштаат. Заканите дури не ни мора да бидат реални. Тие експерименти покажуваат дека перцепцијата на луѓето, додека ја перципираат заканата, може да биде силна исто како и објективната реалност. Заканите доведуваат до желба за поцврсти правила и послушност на лидерите кои ветуваат дека ќе овозможат поцврст општествен поредок. Истражувањето потврдува дека најсилните поддржувачи на Трамп, како и поддржувачите на Марин Ле Пен во Франција, веруваат дека нивната земја е загрозена, без разлика дали од тероризам, миграција, природни катастрофи или болести. Чувствувале дека нивните земји се премногу лабави и сакале построги правила и построги лидери. Пострашливите гласачи исто така доведоа до Брегзит и до изразено десни политичари во Полска, Русија, на Филипините, Австрија, Унгарија, Холандија и Италија. Цврсто-лабаво е клуч за предвидување на нашите поделби. Со поголема свесност за културниот код, можеме подобро да разбереме зошто се однесуваме на начинот на кој се однесуваме – од револуции до војни, од Брегзит до Трамп, заклучува професорката Гелфанд во текстот за Гардијан.

Илустрации: Warren Dykeman

Извор: https://pulse.rs

ОкоБоли главаВицФото