Законот за употреба на јазиците ќе бара многу пари и работа

17.01.2019 17:31
Законот за употреба на јазиците ќе бара многу пари и работа

Со објавувањето во Службен весник стапува на сила Законот за употреба на јазиците чија имплементација ќе предизвика директни и индиректни финансиски импликации по буџетот на државата и на единиците на локалната самоуправа. Законот предвидува сите институции во државата односно од извршната, законодавната и судската власт да обезбедат превод на албански јазик во секојдневното работење.

Директните буџетски трошоци за спроведување на овој закон се однесуваат на формирањето на две нови институции, но и на вработувањата на преведувачи, лектори и лингвисти по албански јазик.

Во член 18 од законот е пропишано дека заради остварување на целите на овој закон, промовирање, заштита и воедначена примена на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо се основа Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните со својство на правно лице, надлежно за стандардизирање и воедначена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо со помошни тела за поддршка на институциите.

Директорот на Агенцијата го избира Владата на Република Македонија по претходно објавен јавен повик со мандат од 4 години со право на реизбор. Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи се вработуваат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори.

Уште една нова институција е Инспекторатот за употреба на јазиците. Со членот 20 е пропишано дека за надзорот над целосно и доследно спроведување на одредбите на овој закон кои се однесуваат на употребата на јазиците, се формира Инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерство за правда со својство на правно лице. Инспекторатот ќе се регулира со посебен закон.

„За спроведување на законот за употреба на јазиците потребни ќе бидат дополнителни средства од Буџетот на Република Македонија и повлекува материјални обврски за други субјекти. Потребните средства за функционирање на новите институции предвидени во член 18 и член 20 од овој предлог – закон, поврзани со спроведување на одредбите од предлог – законот, во првата година, се проценуваат на 16 милиони денари. Овие средства ќе бидат обезбедени во буџетот“, пишува во законот.

Во однос на вработувањата во новите институции, еден дел ќе бидат реализирани по пат на преземање од други државни институции, пред се од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.

„Дополнително ќе биде потребно да бидат обезбедени 90 милиони денари кои ќе бидат распределени за различни буџетски корисници за имплементација на одредбите од овој предлог – закон“, пишува во законот.

Сепак, овие суми се само мал дел за имплементација на законот, а кои очигледно не се пресметани. Имено, индиректните буџетски трошоци за спроведување на законот се однесуваат на промена на натписи на институции, на фактурите, на поштенските марки, на книжните пари, на униформите во полицијата, противпожарните служби, здравството…

Во член 7 од законот е уредена материјата за јазикот на пишување на називите на институциите. Имено, согласно овој член, називите на институциите ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо, како и на англиски јазик.

Во член 8 е уредена материјата за јазикот на поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите од институциите и бандеролите. Согласно овој член тие се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите од институциите, бандеролите, се пишуваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Исто така, книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Во законот е пропишано дека униформите на полицијата, пожарната и здравството, во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Слики: Ben Heine
Извор: Мета.мк

Слични содржини

Општество / Живот / Историја
Општество / Стрип / Живот
Општество / Живот
Општество / Теорија
Општество / Активизам / Живот

ОкоБоли главаВицФото