Пресуда на Судот во Стразбур во корист на правата на трансродовите лица во Македонија

18.01.2019 02:16
Пресуда на Судот во Стразбур во корист на правата на трансродовите лица во Македонија

Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесе пресуда со која Македонија ќе треба да плати 9 илјади евра отштета на трансродово лице, затоа што му се повредени правото за приватност и правото на ефикасен лек во текот на процедурите за промена на полот во Македонија.

Тужбата е поднесена од лицето „Икс”, застапувано од адвокатката Наташа Бошкова. Лицето Икс кој бара да остане аноинимен, е родено во 1987 година како девојче, но, од детството тој се чувствува како машко. Во 2010, “Икс” започнува постапка за менување на полот и се соочува со правни и административни замки поради кои со поддршка од коалицијата Маргини, ја тужи државата во Стразбур.

Од Коалицијата Маргини, која го поддржуваше случајот на „Икс“ пред Стразбур, велат дека по оваа пресуда Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.

„Судот утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транслицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет. По оваа одлука, Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот. Судот на тужителот му додели 9000 евра нематеријална штета за претрпен стрес во изминатиот период“, велат од Коалицијата.

Адвокатка Наташа Бошкова, која го води овој случај пред судот во Стразбур, нагласува дека пресудата на ЕСЧП јасно укажува на недостатоците во домашното законодавство, отсуството на јасна процедура, но и неусогласеност на институциите. Адвокатката ја оценува пресудата како охрабрувачка од аспект на човековите права и правата на трансродовите лица, но и од аспект на потребата за измени на прописите.

 

ОкоБоли главаВицФото