Машина за пишување

18.01.2019 12:42
Машина за пишување

Кај Римјаните пишувањето било робовска професија: слободниот човек не пишувал, туку му диктирал на робот, или (тоа, да речеме, го знаеме од Цицерон) веднаш му го давал на препис својот набрзина скициран текст, а и ден-денес машината за пишување е класен инструмент, поврзан со владеењето: тоа подразбира секретарка, модерна замена за античкиот роб. Секретарката, односно нејзиното тело припиено за машината за пишување, претставува мануелна протеза на шефот, еквивалент на куката кај сакатите гусари. Меѓутоа, бидејќи машината за пишување сѐ уште се смета (барем во Европа) за нечовечки предмет, ако му се пишува на пријател, со желба да се избрише или да се ублажи навредливоста на брзата машинска комуникација, на крајот се додаваат неколку зборови напишани на рака, како знак дека се срамиме што веќе не пишуваме со рака. Ракописот останува митски депозитер на човечките афективни вредности: тој во комуникацијата ја внесува желбата, затоа што тој е само тело. Повеќе поради одоко правни причини, како што изгледа, зашто на некој начин требало диктираното писмо да се потпише, и Римјанинот своерачно додавал понекој израз (Vale, Ama nos), со што го потврдувал своето граѓанско тело, тело на сопственик. А ние, ние со тоа го автентизираме своето афективно тело (тој обичај е врзан за нашата цивилизација дотолку што е привремен; во Соединетите Држави сѐ се пишува директно на машина – пораки, книжевни текстови – без никаква хуманистичка претпазливост).

Така е сѐ отповикано, но не и укинато, оти како што постои графологија на ракописот (главно за кривични цели), така и полициската пракса понекогаш бара потврда за потеклото на она што се нарекува машинопис. За таа цел – мала пикантност – таа користи една сосем луда реченица, вистински производ на автоматското писмо, што ја содржи секоја буква од дактилографската клавијатура само еднаш: Portez ce vieux whisky au juge blond qui fume1 (таа реченица, значи, има смисла, таа значи, а служи за вештачење на механичкото писмо, без сомнение, сѐ – ете – има некаква смисла).

1Буквално: Однесете му го ова старо виски на русокосиот судија што пуши.

Извор: Задовољство у тексту & Варијације о писму, Службени гласник, Београд, 2010.
Фотографија: Bret Culp

Слични содржини

Книжевност / Стрип / Теорија
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Книжевност / Теорија

ОкоБоли главаВицФото