Кочничари

19.01.2019 02:56
Кочничари

Мојата дребност нема никакви дилеми каде всушност се наоѓа главната сопирачка на реформите во културата. И тие треба/мора да се именуваат, кога-тогаш. Како што впрочем ги именувавме и оние претходно, оние од таборот на злосторничкото здружување. Зашто големи разлики изгледа – ќе нема. Овие узурпатори на процесот на реформите за жал многу бргу може да се трансформираат во истото зло како и претходното.

Но, ако некој знае повеќе, ако некој знае подобро, отворен сум за дебата, за размена на мислења зошто (сè уште) работите во културата не мрднуваат од мртвата точка иако поминуваат уште малку па цели две години од наводното започнување на реформските процеси и со тоа и трансформацијата на македонската култура во насоката на некакви – нека се и сосема маргинални – компаративни модели / концепти / решенија блиски до разбирањата на културата во (сè уште) далечниот недофатлив хоризонт викан Европска културна заедница.

Но, она што особено загрижува не е фактот дека има нешто спорно во концептот на најавуваните реформи, дека некои сегменти се несоодветно поставени или дека некој знае/ умее подобро. Не, оваа денешна игранка со реформите во културата е поставена единствено и исклучиво на лични основи – делумно лукративни но многу повеќе егоистички, егоцентристички, самобендисани – и тоа набргу ќе стане видливо. Многу бргу ќе се види кој/кои имале лични интереси во игранкава, кој бирал музика, кој диригирал, кој го играл тешкото …

Се разбира дека можам уште сега да посочам барем неколку имиња, но тоа би било непристојно. Не дека јас нешто многу инсистирам на пристојност во вакви случаи но сепак тоа би било токму на нивното рамниште, на муабети како на гумно средсело, што е сепак стил на другите, не мој. Ама кога нештата ќе се подрасчистат а главните актери повторно ќе си ги сместат задниците на посакуваните места, нема да заборавам да ја потсетам јавноста. Зашто, ако оние претходнине ги обвинуваме за целосна приватизација на културата, овој dance macabre не е ништо подолу. И цели токму на релативизација на започнатите реформски процеси, на уште една приватизација на институциите, на узурпација на партиската моќ и влијанија за лични интереси.

Но, работата на кочничарите сепак нема да биде лесна. Како што спомнав во воведниот дел на овој серијал, сите паметиме дека реформските процеси во македонската култура беа прилично самоуверено најавувани во документот наречен „План за живот во Македонија“ од 2016 година, а потоа и во програмата на Владата на РМ за периодот 2017-2020 година (а претходно во сите официелни стратешки документи на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија). Тие беа и основата, се разбира проширена и надградена со стручните согледувања на една група независни експерти, на Националната стратегија за културен развој на Република Македонија во периодот 2018 – 2022 година.

Овој реформски документ, засега единствен од овој вид во овој период, практично го трасираше курсот на новата културна политика во Македонија и ги помина сите неопходни официелни филтери во државата (десетина јавни дебати, Влада на РМ и Собрание на РМ), озваничувајќи ги на тој начин проевропските визии за развојот на македонската култура во наредниот петгодишен период.

И уште еден многу битен аспект сврзан со оваа Стратегија: можеби за прв пат во поновата македонска историја, тоа беше/е реформски документ креиран од целосно независни, непартиски експерти (вклучувајќи го тука и тогашниот министер за култура!). Злобниците ќе речат: можеби тоа и беше главниот проблем со овој документ? Можеби, иако не мислам така, или барем не сакам да мислам така зашто, повторно, основниот курс, барем во неговите главни црти, беше веќе нотиран во партиските документи на тогаш опозицискиот СДСМ (повторно со учество и на бројни непартиски експерти).

И тоа, се осмелувам да речам, беше големата, непроценливата (од денешнава клаустрофобична перспектива) придобивка на тоа неодамнешно време. Плус, тоа беше прва во поновово време голема победа на стручноста и експертизата над партијноста, што пак беше и несекојдневна пракса во македонската (не само културна) политика произлезена од тогаш опозицискиот Социјалдемократски сојуз. (И на ова ќе се навраќам и подоцна, почесто, со причина. Овде, и сега, ќе спомнам само дека еден голем дел од сегашниве партиски актери во македонската култура не само што не беа дел од тие процеси туку и никаде ги немаше на културниот хоризонт. Беа зафатени со свои лични тезгарења и дилови со тогашната власт, а сега се незаменлив владејачки кадар. Неверојатно!).

Оттука, овој темелен документ, како единствен од овој вид, не може / не смее да се заобиколува при која и да е анализа на зацртаните правци на новата културна политика во Македонија и, за жал, нејзината нереализација. Односно, сите успеси и порази – а вториве се многу побројни и неспоредливо понадмоќни – на македонската култура во изминатата 2018 и дел од 2017 година мора да се проценуваат низ призмата на овој документ зашто друг – не постои! И единствено низ него (ќе) се согледува и процесот на остварувањето на реформите, иако има очигледни напори тој документ да се минимизира, прескокнува, као заборава итн., па дури сведочиме и на напори на званични државни органи истиот да се дерогира како безначаен, што повторно е една ноторна македонска идиотштина самите да не си ги почитуваме званичните документи!

Цртежи: Marcel van Eeden

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото