Камен околу вратот

21.01.2019 02:49
Камен околу вратот

Сè ми се чини дека операцијата „Преспански договор“ беше најлесниот дел од нашето приклучување кон посакуваната Европска унија. Спремен сум дури и да се обложам на тоа. Притоа не мислам на самата постапка за обезбедување на потребното мнозинство за прифаќање на Договорот и менувањето на Уставот. Во нормални земји, со иоле (што би рекле Србите) умни и разумни пратеници, таа „операција“ би одела глатко, ко подмачкана. Колнењето во „едно име имаме“ и слични будалаштини паметните луѓе ги решаваат за пет минути и им обележуваат простор на другите каде што можат да протестираат. Толку.

А потоа доаѓа најтешкиот дел – неопходните реформи за усогласување со европските барања, стандарди и законодавство! А тоа пак значи работа, и тоа високостручна, експертска, за која што во оваа држава има сосема мал број луѓе, а уште помал е бројот на тие кои би се зафатиле со предизвикот. Поточно, во оваа држава најтешко е некого да натерате да работи, дури и да го сработи она минимално за кое што прима плата. Не така мала, ако се земат предвид платите во државната администрација. А таа, администрацијта, по дефиниција, треба да биде (барем) најстручна (не мора да биде и најпаметна) во одделни сегменти неопходни за чекорите што следат. А не само што не е, туку е токму спротивното: таа е каменот околу вратот на целата држава. И тоа е констатирано не само во анализите на таканаречената меѓународна заедница туку и на сите домашни рамништа. Но, државниот односно партискиот апарат ги крепи партиите, тој е нивното сигурно гласачко тело на кое што може во секој миг да се смета. (Што и не е баш најточно). И заради тоа се толерира нивната тотална но прескапа неспособност.

А токму заради неспособноста и нестручноста на администрацијата, за спроведување на реформските процеси во културата беа формирани повеќе експертски работни групи кои требаа да ја завршат работата на оние првите, инаку со години плаќани токму за тоа. Впрочем, слично како и во случајот со пишувањето на порано спомнатата Национална стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2018 – 2022 година. Ако тоа беше оставено на „културната“ администрација, којзнае каков унгарски гулаш наместо стратегија ќе добиевме! Тоа ќе рече дека по усвојувањето на Стратегијата од страна на Собранието на РМ, за изработката на сите неопходни анализи и осмислувањето на можните конкретни реформски чекори во одделни сегменти во културата беа барани педесетина стручни луѓе „од надвор“ за да ја завршат работата што требало многу порано да ја сработат двестотини некадарни државни службеници, со едно чудо државни советници, со едно чудо звучни титули и уште едно чудо земени пари на име плати сиве овие години. (Кога би почнал да ги објавувам „предлозите“ што беа добивани од овие највисоки државни службеници за, на пример, подготовката на спомнатата Стратегија, тоа би бил долгогодишен хит на социјалните мрежи!).

И тука, мислам, почнува и, за жал, ќе заврши приказната со реформите во културата. Односно, не случајно и во Стратегијата е апострофиран токму државниот орган надлежен за работите во културата како причина и последица, како виновник но и можен коректор на состојбите во културата и основен носител на неопходните реформски зафати. Ама оној нов орган, она ново Министерството за култура кое што би било реформирано, трансформирано, проветрено, остручено до тој степен да се носи со новото време и новите барања. Или, ако сакате, како што упатува мојот драг пријател Фарук (Омерагиќ), „Министерството за култура е врвот на пирамидата на системот во кој се негуваат врвните приоритети на културното творештво, неговата презентација и зачувување“. Односно, упростено, и поедноставено до крајни граници но многу точно за нашите состојби: сè, сета култура во државата (во административна смисла), почнува и завршува во Министерството за култура. Така е поставена културата кај нас, за жал, а кога и како ќе се смени е друга приказна.

Но, додека е така, тој државен орган е алфа и омега на сите случувања во културата – на административно рамниште, се разбира – па следствено е и најодговорен за истите. Тоа што таму некој, и некои, „успешно“ се оградуваат и затскриваат зад некакви квазидемократски небулози за самостојноста на институциите, тоа се приказни за мали деца. Или, ако сакате, како инаку еден в.д. директор би можел да добие четири продолжувања на в.д. мандатот од министерот, ако законот дозволува само – два?!

Но, како и сè друго во културата, државата го гледа тој орган со анахрона и дисторзирана диоптрија, како тендерска односно субвенциска машинерија за задоволување на партиско етничките апетити на поединци и групи. И тука, уште еднаш, почнува и завршува неговата улога, за жал согледана така дури и денес, од оваа власт која што, како ретко кога, ја доби безмалу целосната поддршка на културата во походот против режимот. А таа поддршка ја изневерува на ваков начин! Токму оваа реформска Влада на Република Македонија, а по неа и Собранието на Република Македонија токму во овој состав, кренаа два прста „за“ формулациите / барањата на Националната стратегија, меѓу другото и за трансформација на државниот орган надлежен за работите во културата и департизација на културата. Овие два сегменти требаа да бидат носечките столбови врз кои што понатаму ќе се градеа сите други реформски потези. И не случајно Националната стратегија констатира дека „Културниот контекст во Република Македонија го карактеризираат застарените модели на управување наследени од средината на минатиот век, како и анахрони и себедоволни културни програми што не соодветствуваат на вистинските потреби на граѓаните и на нивниот интерес. Поголемиот дел од културните институции не ја знаат сопствената мисија во општеството, уште помалку имаат визија за својата иднина.

Едновремено, речиси сите главни културни институции се тукуречи целосно разнебитени, со запуштени објекти, структурно и кадровски онеспособени и програмски дезориентирани. Од друга страна, независната културна сцена е во голем расчекор меѓу потребите и можностите, особено во споредба со институционалната култура. Финансирањето во културата е заробено од централизираната волја на политиката, која настојува да создава партиска култура и уметност. Ваквите тенденции особено дојдоа до израз во изминатата деценија влечејќи ја културата назад и оневозможувајќи вистински развој“. Сето ова паѓа врз грбот на Министерството за култура, она од времето на пуфлата, но и оние претходно, ама останува и денес. Зашто, ако Министерството за култура останува недопрено од реформските процеси, ако во него и понатаму царува истата структура, истата „мисла“ за тоа што и како треба да се прави во културата, тогаш за какви реформи можеме да говориме? И кому тоа, на кои сили им погодува задржувањето на статус квото во македонската култура? Ќе ги откриеме ли, еднаш за секогаш, и ќе ги елиминираме ли од клучните позиции во културата?

Не сакам да имплицирам дека баш сите изгледни работи кај нас, дури и оние громогласно најавувани како предизборни ветувања / прогласи, а особено оние потоа напишани и потпишани како званични државни документи – траат најкусо. Но токму така испаѓа со реформските процеси во културата кои што, така барем изгледа, се трансформираат во трн во окото и на оваа власт.

Слики: Igor Skaletsky

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

 

ОкоБоли главаВицФото