1012 hPa
76 %
11 °C
Скопје - Вто, 19.03.2024 00:59
„Хрониките на Арслан Новинарски“ е една од новите книги во едицијата Магма на книгоиздателството Темплум. Во предговорот на книгата Шопов вели:
Tекстовите застапени во книгава се објавени во периодот 2012-2018 на интернет порталот Окно во рубриката Пара вести, период во кој и самиот бев дел од уредништвото на овој медиум. Во книгава е вклучена околу една четвртина од вкупниот број текстови кои ги објавив под псевдонимот Арслан Новинарски, во обид да бидам хроничар на перверзната стварност што ја живееме. Понекогаш, беше премногу лесно да се исмева и пародира глупоста. Но, многупати тоа беше речиси невозможно - сатиричарот е доведен во ќорсокак кога стварноста е пародија. Можно ли е да се пародира пародијата?! Свесен дека ефектот од моите текстови можеби е еднаков на оној кога му удирате чврга на слон, на крајот, сепак сум среќен што во време кога многумина сметаа дека е попаметно да се молчи, и го правеа токму тоа, имав слободен простор да ги објавувам пара вестите. А имав и колеги за кои молкот едноставно не беше опција.
Според рецензентот на книгата, Владимир Јанковски, „’Хрониките на Арслан Новинарски’ се духовит сеизмограф на нашето време. Овие текстови во годините што следуваат ќе можат да се читаат како еден вид исчашена алтернативна историја на она што ни се случуваше изминативе десетина години. Алтернативна историја, која додека ја читаме ќе нѐ засмејува, но често во таа насмевка ќе има и горчлива нишка. Ама таква беше и нашата стварност.“
Делови од книгата можете да прочитате овде.