Паѓа снег

21.01.2019 11:39

Леле, паѓа снег.
Имам 30 години. Долга црвена коса. Сите заби се мои.
Се јавувам кај XY и излегувам на снегот.
Се среќаваме среде белината. Се маваме со топки и
се смееме. Ко луди се смееме.
Седнуваме, онака вцрвенети во „Т′га за југ” во
Чаршија, и нарачуваме „Т′га за југ”. И пиеме, пиеме...
На прозорецот се трупа снег.
Животот е убав .
Снегот паѓа и блеска и ноќта нема работно време.

Имам 57 год. Се јавувам на еден „светол човек”
(од мојата златна резерва на светли луѓе, остана речиси само тој)
и му велам: „Паѓа снег, ајде на снег”.
И веднаш стасува одговор на СМС:
„За жал, на една здодевна конференција сум,
може ли да оставиме за понеделник?”...
„Снегот нема да нè чека до понеделник“, враќам.

Одам на пазарчето. Шетам меѓу препознатливите лица на
продавачите. Купувам мала тегличка мед (и ми даваат да
го пробам со она бело пластично лажиче за еспресо, мммммм,
мириса на пчели и лето, некаде од кај Ростуше) и...
купувам уште едно црно волнено капче со козирка.
За 250 ден.
Продавачот за да го шитне, вели: „Леле, девојче, колку фино ви стои”.
Кретен, како да не знам во кој статус (животен) сум.
Ама се гледам во огледалцето со сина пластична позадина, се
гледам, и се препознавам. Да, тоа сум јас, и таа тогашна и
оваа сегашна.
Паѓа снег. Уште...

Паузата ми помина, се враќам на работа.
Во ходникот среќавам две колешки и ги нудам со крашовите „ледени коцки“.
- Што е поводот, да не ти е роденден? - прашува едната.
- Мене, не, ама да кажеме дека му е роденден на снегот, на овој најчистиот, најновиот...

Седнувам пред екранот на бирото од светла цреша. Зјапам,
и погледот сè повеќе ми се лизга надесно, кон отворениот прозорец, на кој се
извишиле гранките на јаворите. Полни со снег, треперат.
Една страчка вреска. Застанала на жицата од струја,
како да е само една нота од нотна тетратка.
Работното време полека истекува... Петок е.

Попладне ќе мелам афион и ќе правам штрудла со мак.
На утрешен ден пред шест месеци мајка ми замина од овој
свет. На оној снег. Мајка ми многу сакаше штрудла со мак. И снег.
Среде оваа снежна белина мојата топла црна штрудла,
за нејзината светла душа,
од најфин мелен мак. Затоа.

(18 јануари 2011)

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото