Јунаците и жртвите на паметните телефони

22.01.2019 02:39
Јунаците и жртвите на паметните телефони

Мирисот на пожар што го предизвикал прегреан телефон запалувајќи ја постелнината го разбудил тринаесетгодишното девојче во северен Тексас, што во јули 2014 година, во американските медиуми ги распламти стравовите од опасните батерии. Според Џин Твенге, професорка по психологија на Универзитетот во Сан Диего и авторка на студијата „Generation Me and iGen“, пожарот предизвикан од телефон не бил единствениот изненадувачки елемент во целата приказна. Се прашува зошто некој би спиел со мобилниот телефон кога во сон не може да се сурфа на интернет. Ги прашала своите студенти што прават со телефоните додека спијат. Нивните одговори укажале на опсесија. Речиси сите телефоните ги ставале под јастукот, на душекот од креветот или барем доволно близу за да биде на дофат на раката. Последна работа пред спиење била да ги проверат социјалните мрежи и прва работа откако ќе се разбудат е да го погледнат телефонот. Некои од нив, телефоните ги опишувале како продолжение на своите тела или дури како љубовници: „Кога телефонот е близу до мене кога спијам, тоа ми е како утеха...“

Паметните телефони влегуваат и во навиките за спиење на тинејџерите: во 2015 година, 57отсто од тинејџерите спиеле два часа помалку отколку нивните врсници во 1991 година. Луѓето што не спијат доволно се склони кон депресија и анксиозност, предупредува Џин Твенге. Во својот текст „Дали паметните телефони уништија цела генерација?“, од 2017 година, таа констатирала дека појавата на паметните телефони ги промени сите аспекти на животот на тинејџерите – од природата на нивните социјални интеракции до менталниот живот. Промените ги погодиле сите делови на нацијата во сите видови домаќинства: и богати и сиромашни, сите етнички групи во градовите, предградијата и малите места.

„Лајкувани“ а несреќни

Генерацијата родена помеѓу 1995 и 2012 година, Џин Твенге ја нарекува интернет генерација (iGen), бидејќи тоа е генерација што расте со паметни телефони, има инстаграм профил пред да тргне во средно училиште и не го памети времето пред интернет.

Претходниците на ова оваа генрација, милениумците (родени помеѓу 1981 и 2000 година) исто така пораснале на интернет, но тој не бил толку присутен во нивните животи. Стиловите во воспитувањето на децата се менуваат исто како и културата и училиштето, но апаратите што ги ставивме во рацете на децата имаат длабоко влијание врз нивните животи и ги прават сериозно несреќни. Не е претерување да се каже дека тинејџерите од интернет генерацијата се на работ на најлошата ментална и здравствена криза во последните неколку децении.

Стапките на детската депресија значајно пораснале по 2011 година, предупредува Џин Твенге, повикувајќи се на резултатите на американската Анкета за мониторинг на иднината со која од 1975 година се истражува колку се среќни тинејџерите и како го поминуваат слободното време. Оваа анкета покажува дека тинејџерите поминуваат десет или повеќе часови на социјалните мрежи и дека се за 56 отсто понесреќни од оние кои поминуваат пократко време пред екраните. Тие покажуваат знаци на осаменост и симптоми на депресија, кои кај момчињата во периодот од 2012 до 2015 година се зголемени за 21 отсто, а кај девојчињата за 50 отсто, иако постојат и други причини за депресија и суицидност.

Колачи и дроги

Сара Роуз Каванa од Лабораторијата за когнитивна и афективна наука на Универзитетот во Калифорнија, во својот текст во списанието „Psihology today“ ѝ забележува на Џин Твенге што ги избрала резултатите само на оние истражувања кои ја потврдуваат нејзината теза. Според Кавана, Твенге ги занемарила оние студии кои го оставаат отворено прашањето дали потешкотиите кои произлегуваат од паметните телефони предизвикуваат депресија или симптомите на депресија водат кон поголема употреба на смартфоните, или некои сосема други околности го предизвикуваат и едното и другото.

Професорот на Оксфорд Универзитетот, Анди Пшибилски ја спомнува статијата во весникот „Гардијан“, во која паметните телефони се споредуваат со кокаинот и порачува дека тоа е само дигање паника и дека социјалните мрежи не се ни малку слични со дрогата. Тој никако не го споредува двањето колачи на децата со давањето дрога, иако шеќерот во секој оброк може да му штети на здравјето.

Во истражувањето што го спровел меѓу повеќе од 1200 тинејџери во Велика Британија, заклучил дека умерената употреба на социјалните мрежи не е штетна за менталното здравје. Социјалните мрежи имаат позитивни ефекти (како што е поттикнувањето на сомодовербата и промовирање на поврзаноста со другите) кои медиумите ги игнорираат, но и негативни ефекти (како што е зголемувањето на социјалната анксиозност) која медиумите ги зголемуваат и генерализираат. Вистинските ефекти зависат од личноста, видот на користење на социјалните мрежи, опкружувањето и од количеството време што го трошат тинејџерите на социјалните мрежи, пишува професорот Пшибилски.

Полемиките за децата на интернет кои понекогаш добиваат сензационалистички тон го одразуваат зголеменото интересирање за таа генерациски глобална тема. На Универзитетот Калифорнија, во Ирвин, интердисциплинарен тим на истражувачи од 12 факултети по информатика, образование, антропологија, психологија и хуманистички науки се обидува да разбере како младите луѓе ја употребуваат дигиталната технологија.

Професорката по психологија од Универзитетот Калифорнија, Кендис Оџерс, која го проучува односот меѓу техологијата и развојот на адолесцентите, констатира дека еден од три корисници на интернет е помлад од 18 години, но дека наспроти тоа кибер просторот не е насочен кон таа популација која брои осумнаесет милијарди млади луѓе. Таа апелира да се размислува како онлајн светот може да се обликува на начин што ќе ги намали неднаквостите што ги гледаме.

Според Кендис Оџерс, која десет години ги проучува децата со мобилни телефони, многу адолесценти всушност напредуваат во дигитлното време: во средните училишта се високи стапките на матурирани, се намалуваат стапките на тинејџерска бременост, конзумирањето алкохол и насилството, што според неа значи дека на повеќето деца им е добро. Констатира дека нема докази дека паметните телефони се виновни за состојбата со тинејџерското менатално здравје, иако луѓето сакаат да ги обвинат овие апарати.

„Шеруван“ живот

Зошто таа генерација постојано виси на телефоните?
Повеќето тинејџери тврдат дека се вклучуваат во онлајн заедниците за да бидат прифатени (68 отсто); дека тоа им помага да се чуствуваат важни (65 отсто); да ги пребродат тешките моменти во нивните животи (55 отсто), или дека така пронаоѓаат место на кое можат да ја изразат својата креативна страна (71 отсто). Осум од десет (81 отсто) велат дека на социјалните мрежи се чуствуваат повеќе поврзани со она што се случува во животите на нивните пријатели.

На социјалните мрежи се чувствуваат повеќе вклучени отколку исклучени (71 спрем 25 отсто); дека имаат повеќе самодоверба отколку што се несигурни (69 спрема 26 отсто); повеќе автентични отколку лажни (64 спрема 33 отсто); повеќе отворени отколку резервирани (61 спрем 34отсто).

Ова го покажува истражувањето за младите на социјалните мрежи, кое од 7 март до 10 април, 2018 година го спровел Истражувачкиот центар Пју (Pew Research Center Teens Social Media & Technology 2018). Биле интервјуирани 1058 родители на тинејџери на возраст од 13 до 17 години и 743 тинејџери на таа возраст.

Инаку, една оксфордска анализа на 57 научни студии покажала дека социјалните мрежи се поврзани со повисоките нивоа на нарцизам на денешните тинејџери, иако и нивните претходници, милениумци беа нарекувани селфи генерација. Во анкетата на Пју Центарот, 45 отсто од тинејџерите велат дека понекогаш објавуваат „селфи“ фотографии на социјалните мрежи (шест од десет девојки, а само 30 отсто момчиња, 51 отсто црни и хиспано, а 39 отсто бели момчиња), секој втор тинејџер гледа клипови за сопствените достигнувања или за тоа каде е и што прави.

Четворица од десет (43 отсто) тинејџери чувствува притисок дека прилагодувајќи се на опкружувањето на социјалните мрежи (мора) да постави содржина која треба да им се допадне на другите или да предизвика многу коментари и „лајкови“ (37 отсто) и дека заради тоа во животот се чувствува полошо, тврдат 26 отсто од тинејџерите.

5 GB пријателства

И на интернет пријајтелството е клучен дел од адолесценцијата, потрагата по идентитет и своја улога во општеството: повеќе од половината американски тинејџери (51 отсто) се гледаат себе како некој што „прилично лесно“ се вклопува меѓу своите врсници, од нив 87 отсто велат дека има близок пријател од училиште. На третина од нив (35 отсто) пријателите им живеат далеку. 15 отсто го запознале свјот најдобар пријател на некоја од социјалните мрежи. Третина на прекинатите врски, пак, се должи на тоа што преку социјалните мрежи дознале дека другата личност не се однесува исто во личните контакти и онлајн.

И на интернет тоа полесно им успева на богатите. Двапати повеќе тинејџери што потекнуваат од семејства што имаат приход над 75 илјади долари годишно, од оние коишто потекнуваат од семејства со понизок приход, велат дека имаат повеќе од пет блиски пријатели.

Во еден сегмент на ова истражување, iGen се покажува како етнички најизмешана генерација досега. Шест од десет тинејџери пријавува дека има близок пријател со поинакво од своето расно или етничко потекло. Расно мешаните пријателства се почести кај постарите тинејџери. А само еден од еден од десет тинејџери вели дека е вклучен во онлајн групи кои се фокусирани на идентитет, политика или религија.

Младите од семејствата со понизок доход, поминуваат онлајн во просек три часа дневно повеќе отколку децата од семејства со повисок доход, но времето го трошат поинаку. Децата во опкружување со високи приходи, поголем дел од своето време го посветуваат во потрага по информации или содржини кои се сметаат образовни а не забавни.

Истражувањето на Пју Центарот покажува декамеѓу тинејџерите, особено момчињата на врвот на списокот на популарност се игрите и спортот (41 отсто) или хуморот (40 отсто). Девојките повеќе време онлајн посветуваат на групите за мода и здрав начин на живот. Поп културата ги интересира и едните и другите. Третина од нив (41 отсто црни и 25 бели момчиња) поставува слики, видео инсерти, груб сексуален хумор, популарни to go viral содржини кои се пренесуваат брзо „како пожар“.

Околу една третина од тинејџерите кажува дека на мрежите споделува содржини поврзани со нивните емоции, но само еден од десет споделува пораки поврзани со личнни проблеми. Постарите почесто од помладите тинејџери објавуваат детали за своите романтични односи (26 спрема 16 отсто).

Само 56 отсто постари средношколци во 2015 година излегувале на љубовни состаноци, за разлика од некогашните 85 отсто од „бејби-бум“ генерацијата. Бројот на сексуално активни тинејџери е намален за околу 40 отсто во однос на 1991 година. Таа променета сексуална активност на тинејџерите многумина ја гледаат како позитивен тренд во последните години: бројот на тинејџерските породувања во Америка, во 2016 година бил за 67 отсто помал отколку во 1991 година.

3 GB малтретирање

Онлајн опкружувањето може да биде непријателско и тоа го покажуваат исказите на 59 отсто од американските тинејџери кои доживеале најмалку еден од шесте видови злоставување на социјалните мрежи или преку своите мобилни телефони. Околу 42 отсто од тинејџерите кажале дека на мрежите или на мобилен телефон ги нарекувале со навредливи имиња, 21 отсто добивале физички закани, а за третина биле ширени гласини на интернет.

Четвртина од тинејџерите добивале експлицитни слики што не ги барале, а 7 отсто кажале дека нивните слики биле споделувани на интернет без нивна согласност. Шест од десет (57 отсто) од родителите се плашат дека нивните деца добиваат такви експлицитни слики. Девојчињата многу почесто од момчињата се жртви на такво сајбер малтретирање. Од друга страна, момчињата се малтретираат меѓусебно физички, а девојчињата тоа го прават со напаѓање на општествениот статус на жртвата. Тие почесто од момчињата ги раскинуваат интернетските пријателства.

Мнозинството тинејџери (90 отсто) смета дека малтретирањето на интернет е проблем што ги погодува луѓето на нивни години, а 63 отсто велат дека тоа е најголемиот проблем и дека професорите, компаниите и политичарите не успеваат да се позанимаваат со таа тема. Од друга страна, тинејџерите позитивно го оценуваат начинот на кој нивните родители се справуват со ова сајбер злоставување.

Петина од тинејџерите (21 отсто) се жалат дека родителите постојано ги прашуваат каде се и што прават. Интернет генерацијата е побезбедна од претходните. Според видовите на однесување (пиење, журки, љубовни средби, поминување време без надзор) денешните млади на возрасто од 18 години се однесуваат како 15-годишниците некогаш. Дури и возењето автомобил, силно присутно во американската поп култура уште од времето на „Бунтовник без причина“ и Џејмс Дин, веќе не е толку популарно помеѓу тинејџерите. Задоволни се од услугите на „такси татковците“.

Паметните телефони повеќе ја дефиниралe интернет генерацијата отколку сеизмичките настани како војната или „слободниот рок концерт во кал“. Со таа жанр слика, професорката Џин Твенге која ги проучува генерациските промени во изминатите 25 години, асоцира на Вудсток и генерацијата „бејби-бум“, која со својот индивидуализам се вклучи и потоа се откажа.

Драматична промена во однесувањето се случила по економската депресија која траеше од 2007 до 2009 година, во текот на која, америкнските милениумци, кои, според неа биле високо индивидуалистичка генерација, се обидувале да си го најдат местото во напукнатата економија. Тоа се случувале во истото време кога и процентот на Американци што поседува паметни телефони ја преминал границата од 50 отсто. Наглите промени во однесувањето на тинејџерите таа ги поврзува со овој податок. Разликата меѓу милениумците и нивните претходници била во тоа што го гледаат светот. Тинејџерите на интернет генерацијата се разликуваат од своите претходници не само според погледот на светот, туку и според тоа како го трошат своето време.

Песните, шегите, сиромашни деца, богати деца, теренот за кошарка, градскиот базен, локалното место за бакнување, сè што правеа негогашните деца сега е префрлено на интернет страниците и апликациите. Од 2000 до 2015 година бројката на тинејџери кои речиси секојдневно се наоѓаат со своите пријатели е помал за 40 отсто.

Истражувачите утврдиле дека 57 отсто од тинејџерите со пријателите поминува исто време на интернет и во непосреден контакт. Во двата случаи главна улога има паметниот телефон. Девојчето Атина, на пример, на професорката Твенге ѝ раскажала дека го треснала од ѕид телефонот на нејзината другарка, бидејќи таа задлабочено го гледала додека Атина се обидувала да ѝ раскаже нешто многу важно за нејзиното семејство.

Дигитални домородци

Се покажува дека на таа генерација, во стресни ситуации, телефонот можеби ѝ служи и како „дигитална заштитна облека“. Дури и кога е исклучен им овозможува на своите сопственици со симболично поврзување да го свртат вниманието од стресното опкружување, да го ублажат чувството на изолација и да го вратат чувството на сигурност. На таков заклучок наведува истражувањето кое го спровела професорката Сара Пресман од Универзитетот Калифорнија.

Имено, во текот на нејзиното деветмесечно експериментално истражување биле мерени филозофските и психолошките реакции на 148 луѓе во социјална изолација, кои биле поделени на три групи (едните имале телефон, но не и дозвола да го употребат, на другите тоа им било дозволено, а на третина од нив телефоните им биле одземени). Најмал скок на хормонот на стрес алфа амилаз бил измерен кај учесниците на експериментот кои покрај себе го имале телефонот, но не смееле да го употребат. Групата без телефони била под поголем стрес отколку групите што имале телефони, без оглед дали смееле да го користат.

Во британскиот владин извештај за социјалните ставови на младите во 2014 година, се констатира дека денешните млади луѓе се „дигитални домородци“, кои пораснале опкружени со технологија; тие владеа со поголемо ниво на дигитално знаење од претходните генерации. На интернет, почесто и поактивно отколку постарите креираат и споделуваат содржини, наместо да бидат пасивни потрошувачи. Во 2012 година, Оксфом измерил дека младите на возраст од 12 до 15 години поминуваат повеќе од 17 часови неделно на интернет, со просечно 286 пријатели на социјалните мрежи.

Меѓутоа, истражувањето Дилојт (2018 Deloite millennial survey) спроведено меѓу 10455 испитаници во 36 држави укажало дека недостига подготвеност за тнр. Индустрија 4.0, индустриската револуција која ги донесе паметните телефони, кибер физичките системи, когнитивните компјутери, децентраллизираното одлучување итн. Истражувачите од Дилојт проценуваат дека во наредните пет години таа промено драматично ќе влијае врз сферата на трудот и работата, децентрализираните системи на управување и на секојденвниот живот. Четири од десет милениумци (36 отсто) не веруваат дека ги поседуваат потребните вештини и знаење за тоа ново време, ниту пак тројца од десет ( припадници на генерацијата Z (тука ги вбројуваат оние родени помеѓу 1995 и 1999 година).

Во информационата економија која го наградува образованието повеќе отколку кога било во досегашната историја, родителите се можеби склони да ги охрабруваат своите деца да останат дома. Изгледа дека тинејџерите се задоволни со тој аранжман не заради тоа што се студиозни, туку затоа што нивниот социјален живот се одвива на телефонот.

Иронијата на животот на iGen е во тоа што иако поминуваат многу повеќе време со родителите под ист покрив, тешко дека денешните тинејџери се поблиски со своите мајки и татковци отколку нивните претходници, констатира професорката Џин Твенге, цитирајќи ја тринаесетгодишната Атина која раскажува дека родителите на нејзините пријатели, сè што имаат да им кажат на своите деца е: „Okay, okay whatever…“ додека и самите не го спуштаат погледот од телефонот.

Слики: Jasu Hu

Извор: Vreme

 

ОкоБоли главаВицФото