Фестивал ArtArea 2

22.01.2019 10:55
Фестивал ArtArea 2

На 25 јануари (петок) во 19 часот започнува второто издание на Фестивалот ArtArea, во организација на издавачката куќа Бегемот од Скопје. Фестивалот и оваа година ќе се одржува во Кино Култура, а во текот на сите три дена, од 18 часот, ќе биде отворен и саемот за книга на кој ќе учествуваат: Бегемот, Или-или, Темплум, Готен, Антолог, Слово, Табахон, ПНВ публикации, Гаврош, PrivatePrint и Сказнувалка.

Фестивалот ќе се отвори со изложбите на Наталија Лукомска – „Состојби“ (илустрации) и на Диме Данов – „Копнеж по Јурате“ (фотографии). Потоа, во 20:30, следува промоцијата на книгата „(Бес)конечни модели на расказот“ од Сања Михајловиќ-Костадиновска, која ќе биде разговор помеѓу Иван Шопов и авторката. Првиот ден завршува со Џез ѓурултија, концерт на Гордан Спасовски, Славчо Коцев и Бојан Петков.

Вториот фестивалски ден (26 јануари, сабота) го започнуваат МакеДокс, повторно во 19 часот, со проекција на филмот Dangerous Acts Starring the Unstable Elements of Belarus (2013). Во 20:30 следува промоцијата на романот „Пливање спротиводно“ од Ненад Јолдески во издание на Или-Или. За книгата ќе разговараат Андреј Јованчевски и авторот. За 22 часот е закажана промоцијата на монографијата за „Астални проекции“ во издание на Бегемот, која е најавена како општонародна веселба со ВИС „Тркалезна маса“.

Последниот ден од Фестивалот (27 јануари, недела) ќе започне со филмската проекција „Вардар филм омнибус: Ретро трип низ македонската документаристика“. Книжевниот муабет за неделата е резервиран за „Урбани легенди“ од Васко Марковски (Бегемот, 2018), а книгата ќе ја промовираат Александра Јуруковска и Иван Шопов. Капак на сѐ ќе стават Летечки пекинезери со концертот што почнува во 22 часот.

Партнери на Фестивалот се Кино Култура и МакеДокс, Фестивалот е поддржан од Град Скопје, а медиумски покровители се Okno.mk, Nomads.mk и Bookbox.

ОкоБоли главаВицФото