Демонизација на противникот

22.01.2019 17:20
Демонизација на противникот

 

Усвојувањето на уставните амандмани во Собранието, кои произлегуваат од Договорот од Преспа, како што можеше да се очекува, наиде на крајно спротиставени мислења и на амбивалентни, па дури и конфузни чувства во пошироката македонска јавност. Можеби е премногу едноставно да се констатира дека македонските граѓани, посебно на социјалните мрежи, се делат на два спротиставени табора, меѓу кои неконтролирано се шират омраза, нетолеранција и закани. Многумина кои себе се сметаат како припадници на поумерениот „тивок мајоритет“ веројатно се соочуваат со сериозни проблеми во обидот да заземат некакво неутрално гледиште, да ја градат својата позиција без да се чувствуваат принудени „да избираат страна“. На повидок нема ниту една посериозна причина за да не се верува дека таквите состојби меѓу граѓаните, во државата и во дијаспората, ќе потрајат.

Кога емпатијата и разбирањето за гледиштата и мислењата на другата страна недостасуваат, и се постојано потиснати под налетот на викањето и крештавиот звук на сирени, како поддршка на уличната демократија, станува мошне тешко да се постигне согласност, дури и во такви ситуации кога е тоа крајно неопходно. Последица на таквиот “изместен“ фокус во демократизацијата на општеството е заострената поларизација која значајно ги намалува можностите да се мобилизира поддршка за реформите што би требало да понудат решенија за проблемите. И со тоа да се олесни животот и секојдневието на обичните граѓани.

Политичарите и медиумите си играат со оган кога неконтролирано ги користат алатките за длабока поларизација, пред сè со поддршка на тенденциозната критика, со искривување на сликите на стварноста, со клеветење и оцрнување, и со свесно спротиставување на групите.

Всушност, на поларизацијата во општествената и политичката дебата би можело да се гледа и како на комуникациска алатка која не прави штета ако се користи според етичките принципи, но претставува „долевање масло на огнот“ кога се користи за засилување на веќе постојните конфликти. Поделбата на предавници и патриоти, впрочем, јасно ги отсликува таквите состојби во македонското општество, со нестабилно поставени и трошни демократски темели, чиј најдегутантен дел е несомнено партиско-политичката поларизација во сите општествени сегменти.

Во едно такво општество во кое институциите, ставени во функција на партиските елити, не можат да ги заштитат интересите на граѓаните, со право се очекува дека медиумите ќе ја преземат улогата на разобличувачи на оние политичари што свесно ја заоструваат општествената поларизација. Но претпоставка за тоа, се разбира, е самите медиуми да заземат колку што е можно понеутрална позиција, оддалечувајќи се на пристојна дистанца од „играта со огнот“. Такви напори, кои би биле означени како кредибилна улога во јакнењето на демократијата во општеството, кај голем број медиуми во Македонија воопшто не се забележуваат.

Во една поедноставена анализа политичарите би можело да се поделат на три групи. Како прво, оние што администрираат и пред сè успеваат да се провлечат, по цикцак линија, низ секојдневието, без да се зафатат со посериозно решавање на проблемите што го мачат општеството. Најсоодветен израз за нив и нивната улога би можело да биде „управници“ Потоа следи групата политичари што агитираат, кои неретко подбуцнуваат и провоцираат, така што ги користат или, подобро речено, злоупотребуваат проблемите. Изразот „демагози“ е веројатно најдобар за да се означи оваа група.И најпосле, оние што прават напори проблемите во општеството да добијат решение, значи оние што не стравуваат да погледнат и да се соочат со непознатото и недоволно јасно што демне зад следниот агол. За оваа група најчесто се користи изразот “државници“.

По тридецинските заложби, уште од осамостојувањето на Република Македонија, за зачленување во ЕУ и НАТО, како стратегиски определби во развојот на оопштеството, останува отворено прашањето – имајќи ја споменатата поделба – што е тоа што ѝ недостасува на Македонија во актуелниов општетствено-политички миг? И што е тоа од што Македонија е веќе крајно презаситена? Одговорот на вакви прашања се чини е мошне јасен.

Да се сврти трендот и да не се надмине јазот во кој се гуши емпатијата и кој ги оддалечува позициите и интересите на граѓаните во општеството, е недвојбено значајна задача за политичките лидери кои својот мандат го црпат од гласовите на граѓаните на изборите, а не од интересите на сопствените партиски елити.

Токму затоа промените во општеството и спроведувањето на реформите се осудени на скромен успех ако на вистински начин, бескомпромисно, не се пристапи кон задушување на демонизицијата и популистичкото оцрнување на политичкиот противник.

Градење општествено единство е можно само преку градење инклузивно и недискриминаторско општество, кое ќе успее во напорите да се соочи со најголемиот предизвик присутен и пошироко во Европа, односно – заканите против демократијата. Значи, општество кое заслужува респект поради начинот на кој се грижи за подобрување на статусот на најранливите категории граѓани.

Во спротивно, напорите за мобилизирање поддршка за отвореност и транспарентност во политиките на институциите, и нивното прифаќање од најшироката јавност, ќе останат само – мртво слово на хартија.

Слики: Marcin Bondarowicz
Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото