Сонот на утопијата – надеж, бегство од реалноста или реализација на исконскиот стремеж? (2)

23.01.2019 01:39
Сонот на утопијата – надеж, бегство од реалноста или реализација на исконскиот стремеж? (2)

(Втор дел)

Овој текст е скромен обид да се изгради мост помеѓу разни Утопии. Проектот Венус на Жак Фреско е футуристичка визија за следната етапа на социјалната еволуција заснована врз напредокот во науката и технологијата. Монетарниот систем мора да еволуира во светска економија базирана врз ресурсите! Визијата на Шри Ауробиндо е заснована врз духовниот развој на човекот, врз развивањето на психички-духовното битие. И ставот на радикалната екологија е дека треба да се случи еден вид просветлување, еколошка мудрост, длабока промена во свеста на човекот, во неговиот светоглед и во уредувањето на општеството. Заедничка нота на утопијските визии е насушната потреба за премин во повисок статус и градење на општество во кое ќе се надмине сегашното доминантно поведение на човекот – неговата алчност и агресивност, а ќе се развиваат квалитативно нови односи помеѓу луѓето: соработка, солидарност, сочувство, емпатија, грижа...

V. Преобразба на умот

Треба да се прецизира егзактен јазик заснован врз науката, за да се разбираме сите со него, предложува Фреско во својата визија за подобро општество, бидејќи, според него, луѓето не се разбираат поради двосмисленоста на јазикот на современиот човекот. Но, јазикот со кој се служи човекот денес е таков, затоа што неговиот ум е дијаболичен и мрачен и не разлачува јасно. За да разлачува јасно, умот треба да се просветли! Обичниот (непросветлен) ум најчесто е во сојуз со пониската природа на човекот. Кога е во дослух со повисоката природа – Интуицијата, тогаш станува добар инструмент.

Човекот е ограничен во својата свест од умот и дури и од постојниот опсег или размер на умот: што е под умот, субментално или ментално, но не во опсегот на неговата скала, веднаш за него изгледа несвесно или нејасно од целосното несвесно; што е над него за него е суперсвесно и тој речиси се стреми да го види како испразнет простор од свесност, некој вид светлосно Незнаење. Исто како она што е ограничено на одреден дијапазон на звуци или бои и она што е над или под таа скала е за него неслушливо и невидливо, или барем неразбирливо, исто е и со неговата скала на ментална свест, на двата краја ограничена од некапацитет што го обележува неговиот горен и долен лимит (Sri Aurobindo, 2005: 170-184).

За разлика од Жак Фреско, кој е убеден дека развивањето на науката ќе го просветли човечкиот ум, духовните личности сметаат дека специфични техники, методи и методологии се неопходни за неговиот интегрален развој. Контемплацијата и медитацијата се интроспективни техники со кои човекот се нурнува во опсегот на потсвеста и надсвеста, за да увиди какви сè содржини носи во себе, да се соочи со нив и да ги преобрази, или да се возвиши во нив, па така конечно да дојде до јасно разлачување на битното од небитното. Разлачување на битното од небитното, на вистината од лагата, е карактеристика на здравиот разум или просветлениот ум, односно умот во дослух со психички-духовното битие. Уметниците, во свој стил, би нè советувале да го слушаме внатрешниот глас и внатрешната нужноста (што би рекол Кандински), за да ù овозможиме на светлината на Интуицијата да нè води.

VI. Фините прелевања на боите на чувствата – преобразба на виталот

Од атомите во неорганската природа, до сложените соединенија во клетките на човекот, творечкиот живот се открива и тече со помош на животниот импулс (élan vital, А. Бергсон) за да се влее во океанот на повисоките духовни процеси. Човекот само треба да се ослободи од ограничувањата на животот, кои се својствени на неговите први два статуса: во првиот статус – инертноста, длабокиот сон (на каменот), во вториот статус – голтачките нагони (животински), кои ни создаваат илузија на некапацитет, значи, да се ослободи од рецидивите на својата пониска природа.

Интегралната преобразба некои луѓе ја почнуваат преку медитативни техники, други со развој на интелектот преку науката, трети најголемо внимание обрнуваат на виталот, неговото одржување во добра форма како суштински предуслов за добро здравје – и ментално, и физичко, и психичко. Но, тука станува збор за еден посуприлен витал, кој е во корелација со психички-духовното битие.

Според Шри Ауробиндо, трите тела на човекот – физичкото тело, виталот и менталот, постојат како потенцијал во пофин облик, односно треба да се екстрахираат на суптилен план. Со култивација на суптилната природа, човекот ја вообличува „Новата визија“ како живот на планетата Земја. Земјата е совршен екосистем, каде што човекот има шанса да го изгради својот свет како хармоничен живот, бидејќи таа содржи сè што е потребно за човекот да се исполни на енергетско-витално ниво, што понатаму е основа за градење на хармонија на духовно ниво. Планетата Земја или Природата или Геја, како што некои научници милуваат да ја наречат, е незаменлива, еден вистински жив организан, а човекот е дел од тој организам. Таа е жив организам со безброј тајни; кога тој голем организам не е здрав, и човекот не е здрав и има малку шанси да го изгради својот свет на здрави темели.

Животот како хармонија паралелна со овој екосистем е уметност, исто како што, според сликарот Пол Сезан, Уметноста е хармонија паралелна со Природата, бидејќи така во него на чудесен начин интерферираат виталната и духовната димензија.


VII. Дали е нужна нова идеологија или будење?

Според енвиронменалистичките теории, човекот се образува под влијание на околината. Во изградба на неговата личност, гените немаат толку големо влијание, колку што има влијание културата која доминира во општеството. До некаде се прифатливи овие теории. Не е прифатливо сведувањето на човекот на „табула раса“, нешто како бланко плочка, на која околината ги втиснува своите впечатоци. Според една друга дефиниција, човекот е пред сè духовно битие, или барем има потенцијал да се развие како психички-духовно битие. Тој, секако, е и природно битие. Така, виситината е дека човекот е сложено битие, истовремено е и природно битие, и општествено, и психички-духовно!

Било која идеологија, макар таа била и најдобронамерната и од придобивка на сите, кај човекот прво буди отпор, бидејќи тој е исто така слободно битие, со слободна волја. Човечкот треба да се разбуди! Еве, што кажува Кришнамурти: „Тврдам дека Вистината е земја без патеки и не може да ù се пријде (...) со помош на какви било религии или секти... Вистината, бидејќи е безгранична (...) не може ни да се организира, ниту би требало да се прави некаква организација која би ги водeла и гонела луѓето по некој посебен пат... На луѓето им е потребно да се разбудат, не да добиваат инструкции...“ (Krišnamurti,1986: 3-4)

VIII. Самосвест

Човекот треба да се разбуди и да ја открие својата вистинска природа: од една страна, да се врати на исконската чистота на природното битие (виталот), од друга страна, да го развие потенцијалот како психички- духовно битие и да ги развие способностите на умот, за да напредува уште повеќе, пред сè, со помош на науката и технологијата, кои ќе бидат ставени во служба на целото човештво и екологијата.

Предизвикот со кој се соочуваат сите култури во оваа технолошка ера, некои повеќе, а некои помалку, е да се обезбеди непречена транзиција кон новиот начин на размислување за себеси, за животната средина и за управувањето со човечките работи.

Сега сите нации имаат обврска да се вклучат во здружен потфат на планирање на глобално ниво за нови алтернативи, со нагласок на карактерот на нашето социјално уредување. Тоа е нашата единствена опција, ако сакаме да избегнеме пад на цивилизираниот свет. Ако човештвото сака да искуси заемен просперитет, светскиот пристап до ресурсите е есенцијален.

Заедно со новиот пристап кон човекот и грижата за околината, за да се оствари сето ова, мора да се востанови и методологија. За да се постигнат овие цели, монетарниот систем мора да еволуира во светска економија базирана врз ресурси. А за да се користат ресурсите економично и ефикасно, треба да се примени кибернетизирана и компјутеризирана технологија , со цел да се обезбеди повисок животен стандард на сите луѓе. Со интелигентна и хумана примена на науката и технологијата, ние ќе можеме да ја насочиме и обликуваме нашата иднина кон зачувувањето на животната средина и себеси за следните генерации (Fresko, 2008:27).


За таа цел, Жак Фреско понатаму предлага да се изработи нацрт-план, прифатлив за сите нации на глобално ниво, кој ќе се заснова на обновливите капацитети и ресурсите на планетата, врз вистинските потреби на сите жители еднакво и врз технологијата и науката во служба на човекот и планетата. Останува само уште богаташите (1% од популацијата) да се убедат во сциентизмот на Жак Фреско и доброволно да се откажат од своите поседи и богатства!?!
Било како било, сите патишта водат до клучната категорија – самосвест. Самосвеста и добрата волја се основните градбени единици за новото општество. Всушност, треба да се случи радикална промена во човекот, со тоа што ќе се смени ценатарот околу кој гравитираат неговите активности.

Тој, од его-центрирано (ego-centered) суштество, треба да премине во суштество центрирано во срцето (hеart-centered). Пак се враќаме на емоцијата, чувството, кое патем го отфрливме, претпочитајќи го задоволството. Но, не треба ни задоволството да се отфрла. Оти, колку нивоа на битието постојат, исто тулку нивоа и на задоволство. Па така, кога сме во срцето, со многу малку нешта сме задоволни и среќни. Тогаш, задоволството сè повеќе го наоѓаме во знаењето, во уживањето во природата и во едноставниот но духовно полн живот. Ете го решението на сите наши проблеми! Така, ние, конечно, треба да се доведеме до повисоко енергетско ниво и да ја увидиме разликата меѓу тоа што сме биле и тоа што можеме да бидеме. Тој нов енергетски образец се прелева во заедницата и комплетно се менува односот кон планетата. Оти, човекот не може да го промени општеството, ниту да ја спаси планетата, ако најпрвин не ја трансформира сопствената енергија. Од него започнува сè.

IX. Утопијата станува стварност

„Ауровил се стреми да стане универзален град каде што луѓето (мажите и жените) од сите земји можат да живеат во љубов и мир и прогресивна хармонија отаде сите вероисповеди, политики и националности. Цел на Ауровил е да се реализира единство на човештвото.“

Мира Алфаса
https://www.auroville.org

„Ако навистина сакаме да ставиме крај на нашите актуелни меѓународни и социјални проблеми, ние мора евентуално да ја прогласиме Земјата и сите нејзини ресурси како заедничо наследство на сите луѓе на светот. “

Жак Фреско
https://www.thevenusproject.com

Градењето мостови меѓу разни утопии за да не означуваат тие повеќе само замислени места или соништа е реална и нужна работа. Заедничко на сите утописки визии е искрениот стремеж кон поквалитетен живот и подразбира вградување огромно количество на добра волја и позитивна енергија во проект кој ќе се усовршува и надополнува до фузија во повисоко рамниште, за потоа, кога ќе созрее времето, да се реализира во стварност.

Уметниците можат на таа визија да ù дадат живо(с)т – врзивно ткиво. Бидејќи, да не заборавиме, визиите диктирани од технологијата и науката можат да бидат по малку технократски, а и премногу футуристички за нечиј вкус, ако покрај етичките потреби не ги задоволуваат и естетските. Уметникот Џозеф Бојс (Joseph Beuys) се заложуваше за радикално проширување на уметноста во општествениот живот, на тој начин што уметникот ќе ги инспирира луѓето, ќе ја буди нивната креативност.

Според неговите зборови, социјалната скулптура и социјалната архитектура потполно ќе се оформат кога и последниот човек кој живее на Земјата ќе стане уметник, вајар или архитект на општествениот организам. Со тоа ќе се оствари утопијата на акционата уметност на флуксусот и хепенингот. Ќе настане демократско општество засновано врз директна демократија. Таквиот поим на револуционерна уметност може да стане политички продуктивен и да се оствари со посредство на секој историски човек. Секој човек е слободен уметник кој учи да ги одредува новите степени на тоталното уметничко дело на идното општествено устројство (Šuvaković, 2012: 71).

Според екологистите ако барем десет осто од населението има свесен етички поглед за животот и дејствува усогласено, тоа ќе биде голема сила која ќе влијае врз „моќниците“. Граѓаните со помош на мрежите и хакерската етика на новинските агенции и непрофитабилни организации како што е Викиликс (WikiLeaks) можат да издејствуваат потполна транспаретност на моќните влади. Така стануваат конструктивен фактор кој влијае да се случи промената.

Х. Тоа е битното, тоа е формулата!

Локалното станува глобално, а глобалното – локално. Чувството за битноста на локалното, битноста на оние мали нешта кои го сочинуваат животот на луѓето во една заедница и разбивање на заробеноста во илузијата дека сè зависи од глобалните сили, е добар почеток како да се ослободиме од лажниот авторитет на централизираната моќ.
Таа свест веќе не е само утопија! Во Скопје, во Музејот на современа уметност, на 14 декември 2018 година, а во склопот на Крик – Фестивалот за критичка култура, имавме можност да присуствуваме на две прекрасни предавања. Првото предавање беше на основачот на Глобалниот центар за напредни студии ( GCAS) Крестон Дејвис (Creston Davis) од Њу Јорк, а второто, на активистот на FairCoop заедницата од Каталонија. FairCoop заедницата е успешна приказна која ни зборува дека Утопијата може да стане стварност. „Целта на постоењето на FairCoop е да се создаде нов, иновативен, глобален, економски систем од самиот почеток, во корист на еден алтернативен и посткапиталистички модел кој би отворил пат кон колективна промена и заеднички соживот.

Соработка, солидарност и транспарентност се основни средства за создавање на вистински правен систем, еднаков за сите. Клучни фактори за нивниот успех се развојот и употребата на моќни меѓусебно поврзани дигитални алатки (глобално) и регионални мрежи (локално (...) Нивната цел е создавање на глобална мрежа на самоорганизирани и самоуправувачки локални заедници и поединци, независни во однос на насилната централизирана моќ (...) FairCoop своите принципи и моќ на определување ги дефинира колективно, во име на 99% од популацијата, додека пак нивната реализација е локална, според соодветните регионални потреби и околности (...) Нивната заедничка цел е создавање на независен екосистем, чија функција е да ја намали глобалната економска и социјална нееднаквост, што води до нова распределба на материјалните добра, сега достапни за сите...“ (Алерт, 2018) Другиот предавач повеќе зборуваше за промените кои треба да се случат преку алтернативниот систем на високото образование.

Транснационалниот образовно-економски систем на производство заснован на криптовалутата и кооперативниот модел на сопственост (Алерт, 2018) е добар модел како алтернатива на неолиберално-фашистичко-корпорацијската моќ. „Мислиш дека ова може да се оствари пошироко?“ ги прашував тие кои седеа до мене и позади мене. „Ах, па тоа е само Утопија!“ ми одговорија. „Но, ова не е утопија! Навистина, позитивната енергија се обновува и расте во комуникацијата!“ – така изненада, на сред предавањето изјави Крестон. Позитивната енергија е реалност. Таа расте и се обновува во комуникацијата меѓу луѓето кои успеале да ја подигнат (само)свеста. Започнавме да комуницираме директно, од срце! Нема потреба од идеологија! Тоа е битното, тоа е формулата! Така Скопје, и Македонија, го доби малото парче од бескрајното синило на небото на Утопијата која станува стварност, на тој хепенинг во Музејот на современа уметност!

Што и како би можело да се одвива понатаму?

Утопијата може да стане стварност само ако луѓето развијат позитивна енергија и ако се случи фузија во разни полиња на нивното дејствување! Во сето тоа, една многу битна доблест е чувството на одговорност. Човекот, бидејќи се определи да биде суштество со слободна волја, самиот ќе мора да се извлечи од тешките состојби во кои западна, благодарение токму на својата слободна волја! Ако постои некоја повисока инстанца (вистина, светлина, свест, Божественост, Битие) тогаш Тоа е само во него, па така само човекот-со-вистината-во-себе ќе може (и ќе мора) да се спаси од самиот себеси. Тој не ќе може до крај да ја реализира слободната волја ако истовремено не го развива и силното чувство на одговорност.

На светлината, вистината, Битието, или како сакате наречете го тоа, не му се брза, тоа го има вечното време, па сеедно му е дали ние, луѓето, ќе го реализираме својот потенцијал сега или во некој друг циклус на вечната креација. За таа шокантна вистина треба да станеме свесни: интрвенции може да има само однатре во нас, од нашата свест, ако развиеме акутно чувство на одговорност. Тоа сознание е толку страшно колку што е фантастично! Страшно е затоа што како да сме оставени потполно сами со себеси пред неизмерниот универзум, фантастично е бидејќи стануваме зрели битија одговорни за своите постапки. Човекот е оставен сам со својата свест и совест! Во овој момент сите можности и комбинации постојат како веројатност да се остварат, од тотална катастрофа до реализација на најубавиот сон на утопијата. Што и како би можело да се одвива понатаму?

Не еден чекор, туку многу и разни чекори треба да се направат за промена на системот (со нагризување од сите страни, но, не, насилно или со револуција), бидејќи промената трeба да се одвива паралелно и внатре во самиот човек, преку промена на неговите навики, свеста и совеста, енергијата, како и во општеството со менување на структурите на власта. Кога многу разни сили ќе се здружат во срцето, а со иста цел – под мотото зачувување на планетата и унапредување на животот на секој човек, успехот ќе биде остварлив.

Слики: Татјана Миљовска, Преобразба, 2006 и од циклусот Езерото Манасаровар, декември 2018.

Трудот е изработен како семинарска работа по предметот Еко-културни теории, на Културолошките студии при Институтот за македонска литература. Објавен е во списанието Контекст бр. 15/2017. Текстот што се објавува на Окно е малку изменета и проширена верзија.

Користена литература:

Абаџиева, Соња. 2000. „ Збогум на утопијата?“. Големото стакло – списание за визуелна
уметност. Скопје: Музеј на современа уметност.
Sri Aurobindo. 2005. The Life Divine. Pondicherry: Sri Aurobindo Ashram Press.
Krišnamurti, Džidu. 1986. Neophodnost promene. Novi Sad : Književna zajednica Novog Sada.
Лиотар, Жан-Франсоа. 2007. Постмодерна состојба. Превод: Деспина Ангеловска. Скопје: Аз-Буки.
Mathews,Freya. Environmental Philosophy. Available from:
https://www.researchgate.net/publication/305702378_Environmental_Philosophy . [accessed Nov 15 2018].
Mijušković, Slobodan. 1998. „Ka konstruktivističko – proizvodnoj paradigmi“. Vo Od samodovoljnosti do smrti slikarstva – Umetničke teorije (i prakse) ruske avangarde. (Elektronsko izdanje autora). Beograd: Geopoetika.
https://monoskop.org/images/e/e1/Mijuskovic_Slobodan_Od_samodovoljnosti_do_
smrt_slikarstva.pdf >
Popović, Dragana. 2001. “Rod i ekologija”. Vo Malojević I. & S.Markov (ur.) Uvod u rodne teorije.
Novi Sad: Mediteran Publishing.
Satprem, Nandanam (ed). 1977. Mother’s Agenda – Vol.VI (1965). Paris: Institute Recherches Evolutives. < http://www.marrabliss.com/uploads/1/7/7/9/17790039/agenda.pdf >
Fresko, Jack. 2008. The best that money can’t buy : beyond politics, poverty & war. Venus FL: Global Cyber – Visions.
Šuvaković, Miško. 2012. Konceptualna umetnost. Novi Sad : Muzej savremene umetnosti Vojvodine.
Алерт! Пред портите на моќта – очекувајте исклучување. Програма на Крик – фестивал
за критичка кулура. Музеј на современа уметност – Скоје, декември 2018.

Кон првиот дел