Голи вести

15.05.2009 10:04

Митот, мобилизацијата и потребата за предизикување на националистичко-конзервативната реторика

Митот е можеби најуспешното реторичко средство за општествена мобилизација во текот на човековата историја. Од митот за светата должност на Крстоносците, до националните и националистичките митови во модерна Европа и понатаму во остатокот од светот, па до утописките митовите за слободата и еднаквоста – општествената мобилизација секогаш одела по линија на обединување околу некоја виша цел, која парадоксално, иако проектирана временски во иднината, секогаш вредностите ги црпела од минатото. Крстоносците биле водени од мислата дека Христијанството е пред пад и дека мора да му се врати некогашната слава; во основата на секој национален мит е проектирањето на славното минато на нацијата која ете поради предавниците и душманите е дојдена до некое дереџе; а секој слободарски мит тргнува од сеќавањето на природната еднаквост на луѓето во пред-општествената слобода. Се разбира, секој мит е базиран (искрено или инструменталистички) на визија за подобар свет, но поради неговата исклучивост, нужно завршува со катастрофални последици.

Земајќи ја националистичката реторика како специфичен случај, но со општи импликации кон теоријата на конструирањето и користењето на митовите, Ливинџер и Литл успеваат да одредат една помалку или повеќе едноставна тријадична шема преку која митот мобилизира. Клучно е, велат тие, создавањето тензија, односно јасното спротиставување на деградираната сегашност во споредба со прекрасното минато. Потоа, битно е дијагностицирањето на агенсите кои довеле до таквата деградација. На крајот, мора да се даде упатство за излегување од таквата состојба и идно реконституирање на таа прекрасна идеална заедница од минатото. Таа реторика главно е реторика на поедноставување на комплексноста: сериозните структурни проблеми на заедницата да се сведат на прашања што можат да се одговорат со само еден исказ наместо со детална елаборација, или она што во серија текстови јас го нарекувам реторика на неразумот. Токму одговарањето на горливите егзистенцијалистички прашања ја прави оваа реторика толку моќна и успешна во поглед на мобилизацијата (со други зборови, тоа се нарекува популизам).

Македонскиот национален мит е прилично комплексен. Обединувајќи во себе неколку милениуми историја, и неколку различни контексти (во моментов, најизразени се античкиот и православниот), тој соодветно има и неколку слоеви на вредности кои ги сервира. Таа дихотомија е многу слична на, парадоксално, грчкиот национализам. Античките вредности, на пример, нудат еден “екстровертен” симболички капитал на препознавање на земјата-наследник на Александар и себе-легитимирање, додека православната компонента нуди “интровертен” симболички капитал кој главно е ангажиран во конституирањето и хомогенизирањето на нацијата однатре и кој токму е реализиран преку посочениот реторички тријадичен модел.

Есхатологијата на религиозното учење, не е ништо друго освен проектирање на чистото безгрешно (или помалку грешно) минато како едно идеално доба во кое, поради држењето до одредени норми, заедницата била похармонична, а луѓето посреќни. Во македонскиот контекст, јадрото на тој идеал е скромното класично побожно семејство, чија основна функција е запазување на традицијата, и кое благодарејќи на вербата преживеало и клето турско и сè потоа (а со семејството, се разбира, јадрото е и нацијата). Таа слика тешко може да се дефинира и објасни, зашто тоа е едно митологизирано гледање на минатото. Единственото важно е дека тогаш нешто било “добро”, за разлика, на пример, од денешнината, кога вредностите се паднати (“ништо веќе не е како порано”, “младите се дрогираат и се ебат”, “некој вози кола, некој нема за леб”, “не е важно да си поштен”, “ни го продаваат името” итн., главно една голема хорор-приказна). Тоа е, всушност, почетната точка, создавањето контраст помеѓу идеализираното минато и деградираната сегашност. Без образложување се трга од тоа дека некогаш секојдневниот живот бил далеку похуман и посреќен од денес (а и не постои исправен начин на докажување на супериорноста на тоа замислено минато од денешната реалноста). Следната фаза е идентификувањето на причините за таквиот пад на вредностите: одредени општествени текови (комунизмот, транзицијата, соросоидите, разгалените богати деца, Запад и сл.). Некои од тие работи можеби навистина се во каузална врска (на пример, младите се сексуално послободни поради влијанието од Запад), но на таа каузалност овде и' се припишува една нужна злокобност, фаталност и апокалиптичност и се крева морална паника (леле се ебат за пари, абортираат на секое ќоше, снимаат клипови и сл.). На крајот, следи прескрипција за иднината. Во македонскиот контекст, речиси едногласно, како нужно решение за деградирана сегашност се посочува верата и веронауката, единствениот начин за враќање на утопијата (за ваквата реторика види Ѓорчев, Спасеновски, Јанко, Букарски, Стиховен Калибар и сл.).

Ваквиот пристап НЕ е погрешен зашто е православно-центричен, ниту пак затоа што доаѓа од страна на една десничарска националистичка и конзервативна политичка фракција. Погрешен е зашто е арбитрарен и некритички, и затоа што тоа нужно ќе го одведе општеството во ситуација полоша од сегашната.

Арбитрарен е затоа што сервира вредносни судови. Сексуалната слобода, зависностите, различноста во убедувања и слично, во старт се земаат здраво-за-готово како лоши, без некое детално издржано образложување. Меѓутоа, уште посериозно е што секоја арбитража е проследена со двојни стандарди (или со т.н. Порно патриотизам). Па така, на пример, во весникот “Вечер”, додека одат колумните и написите во кои се морализира и се зборува за потребата од градење цркви и воведувањето веронаука, на неколку страници после тоа редовно има по некоја разголена девојка, напис за секс-скандал и главно статии кои го прокламираат сето она што е “деградирачко” (пијани славни фаци и сл.). На про-конзервативниот Сител, врвно достигнување се “Голите вести” - јас лично ја поздравувам таа емисија и и' посакувам успех, но ми е малку некомпатибилна со, да речеме, ставот на жените од Социјалистичката партија да ја бранат веронауката и традицијата. Најнов пример за двојните стандарди на фракцијата про-веронаука се сликите од маскенбалот на Студентската унија: дури и да е маскенбал, какви се тие верници загрижени за декаденцијата и деградацијата на кои реквизите за парадирање им се пиштоли и ножеви?

Таквата арбитрарност сведочи само за импулсивност и нерационалност, но уште пострашно, и за себе-амнестирање при обмислувањето на општеството и неговите проблеми.

Нивниот пристап е и некритички зашто не се базира на барање на еден паралактичен и неутрален поглед, туку трга од нивната сопствена позиција. Така, на пример, “наркоманите” се една од редовно стигматизираните и демонизираните социјални категории во конзервативната реторика, без притоа да се согледа фактот дека уживателите на дроги се луѓе со нарушено здравје и наместо социјално исклучување им треба поголема поддршка од општеството. Да не го споменувам и овде поразот на православието – наместо да покаже емпатија, покажува со прст. Некритички е пристапот на конзервативците и затоа што никогаш не согледуваат дека сите тие проблеми кои ги посочуваат се претежно структурни проблеми. Дури и да постои тој пад на вредностите, не се работи за една или две (ин)директни причини кои го предизвикале тоа, туку се работи за систематски и структурен проблем за чие решавање е потребно многу повеќе од вера и веронаука. Со нивни зборови, на народот мора нешто да не му чини, за да се оддаде на пороци, разврат и неморал. Постојат цели науки за применети политики кои се бават со поодделните проблеми; во некои политики делумно можеби и може да се најде Црквата како потенцијален актер, но верата не е универзално магично решение кое може да се аплицира на секој проблем.

Решението за проблемите и “проблемите” кое го нудат во моментов е нужно лошо, зашто може да успее само ако биде наметнато (има, вистина, јасен отпор против веронауката, иако недоволен е отпорот против генералната реторика). Но, дури и да биде прифатено со консензус (ако до толку успее нивната мобилизација), нивното понудено решение ќе биде повторно погрешно затоа што нема да вроди со плод, зашто, како што реков, проблемите на кои тоа решение им се обраќа се подлабоки и покомплицирани од она што национал-конзервативците го замислуваат. Но не само што ќе биде погрешно, туку ќе биде и контра продуктивно, зашто вистинските причини за одредени проблеми нема да бидат санкционирани, туку ќе бидат бутнати под тепих, и така проблемите ќе си метастазираат и мултиплицираат. Затоа, неопходна е алтернатива.

Сепак, тешко би се нашла соодветна функционална алтернатива на ваквата националистичко-конзервативна реторика. Со зборовите на Андерсон, националистичката реторика пати од една филозофска беда и еклектичност; но токму неможноста за дебатирање која произлегува од нејзината филозофска беда ја прави силен противник. Џабе се сите теренски анализи кога тие го имаат одговорот на сите прашања. Тие немаат аргументи, затоа не ни треба да се предизвикуваат нивните одговори, туку нивната генерална реторика и пристап, кои мора да бидат јасно деконструирани, зашто тоа не се критички и аргументирани ставови кои го градат општествениот дискурс, туку арбитрарни вредносни судови. Она што тие го искажуваат е всушност нивен личен импулс, и се разбира дека треба да биде земен предвид; но, формулирањето на општествен дискурс е далеку поодговорна и покомплексна работа од тоа. Затоа, ќе повторам, нивниот мобилизациски труд треба да биде и повик за негово предизикување од страна на сите оние кои можат да ја препознаат неговата арбитрарност и некритичност.

Илустрации: Крег Ла Ротонда

Искрено да ви кажам Сител

Искрено да ви кажам Сител како телевизија не ми се допаѓа, и не ја гледам, но тоа што го направи со Голи вести е навистина за пофалба. Одамна му требаше нешто вакво на македонските гледачи.
Селотејп

Слични содржини

Вуна

ОкоБоли главаВицФото