Кованици искалени од нашето време (1)

23.01.2019 17:23
Кованици искалени од нашето време (1)

 

 

Љокација ‒ кафаната во која си се тагнал за пијанка.


Клентузијасти ‒ луѓе чие хоби е да се прават кленови секој викенд.


Ќефтеринг ‒ кога си го тераш ќефот како што душата ќе ти нарача.


Лескапизам ‒ кога сметаш дека сите животни проблеми најлесно се забораваат со лесковачка скара и пиво. Види Пивофест.


Здрв живот ‒ 5 дена работење цел ден пред компјутер, за цел викенд да се здрвиш од пиење во град за да заборавиш на тоа.


Живент ‒ настани во неделата кои животот ти ги организира, а на кои мораш да одиш (свадби, родендени, поправки, бркање документи по шалтери).


Средовечна кризла ‒ кога на стари години решаваш да пробаш тоа што си пропуштил во младоста.


Интелертуалец ‒ академски граѓанин кој цела кариера се вози на тоа што го прочитал во младоста.

Перпетуум дробиле ‒ луѓе кои можат цел ден да зборат без да земат здив.


Побрадими ‒ верни другари по брада.


Пе'ер верзија ‒ маалската верзија на филозофијата на животот и како да се искористи државата која ја раскажуваат директорчињата, татините синови и рекетарите кои се моментално на власт.


Спансексуалец ‒ човек кој во кревет најмногу сака да спие.


Тиранобудник ‒ човек кој рано се буди и им се јавува уште во 8 ч. на сите каснобудници.


Кафеналин ‒ редовна дневна инекција за сите алергични на почетокот на работниот ден.


Пекола ‒ секое превозно средство кое во летните горештини е заглавено во сообраќај на скопските улици повеќе од еден час.

Рогободица ‒ светица заштитничка на сите прељубници.


Бапнизам ‒ маалска религија во која бог е тој што е најголем силеџија.


Прерогатив ‒ замисленото право на секој маалски силеџија да им ја рога топката на помалите деца.


Бучукада ‒ тој момент кога на празното место пред тебе во кино ило театар ќе седне некој со огромна глава и ќе ти го блокира погледот.


Кремпатија ‒ чувството на блискост и разбирање за сите што не можат да им одолеат на Нутела и другите благи искушенија.


Џемпатија ‒ чувството на солидарност со сите љубители на крофни и слатки палачинки.


Indoorphenes ‒ хормоните на среќа кои се лачат кога седиш дома под ќебе на студена ноќ и се релаксираш со книга или филм.


Ќебесконечност ‒ бескрајот кој се простира под ќебето во студена зимска ноќ.

Слики: Mark Ryden

Слични содржини

Книжевност / Став
Свет / Книжевност / Став
Општество / Книжевност / Став
Книжевност / Став
Книжевност / Став

ОкоБоли главаВицФото