Законот за употреба на јазиците не предвидува нови вработувања во општините

24.01.2019 01:36
Законот употреба на јазиците не предвидува нови вработувања во општините

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на прес-конференција ја даде следната невистинита изјава, во врска со примената на Законот за употреба на јазиците.

Откако седна на премиерската фотелја, Зоран Заев спроведе сè што велеше дека нема. Уште една потврда за тоа вчера дојде од владата, чиј портпарол соопшти дека Албанци мора да бидат вработени во сите институции, вклучувајќи и општини како Радовиш, каде нема граѓани кои го зборуваат овој јазик.

[Извор:Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ, датум: 16.01.2019]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Тврдењето на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев дека со стапувањето на сила на Законот за употреба на јазиците ќе мора да се вработат Албанци во општините каде не живеат над 20 отсто од граѓаните албанска националност, е невистинито. И покрај тоа што Јанушев овде цитира изјава на владиниот портпарол, Муамет Хоџа, која е неконкретна, но која навистина и може да се сфати онака како што вели Јанушев, тоа не значи дека портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ има право да се повикува на изјави кои се погрешни, односно да употребува цитати во кои погрешно се чита законот. Сериозна партија најпрвин ќе го провери самиот закон за да види што точно пишува во него, а потоа ќе излезе на прес конференција со свои ставови. Овде, изјавата на Хоџа е искористена за добивање на политички поени (со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ се повикува на неа) и покра ј тоа што таа, е, исто така, неточна, како што ќе видиме подолу.

Во споменатиот Закон, кој минатата недела беше објавен во „Службен весник“ само со потписот на спикерот Џафери, а на местото каде што треба да стои потписот на претседателот Иванов има фуснота со која се објаснува дека тој одбил да го стори тоа, не се предвидува такво нешто. Законот предвидува нови вработувања само за Агенцијата за примена на јазикот, која допрва треба да се формира.

Но, она што е најважно, тоа е фактот што изјавата на Јанушев ја демантираа и од Владата. Најпрвин, владиниот портпарол, Миле Бошњаковски на Твитер напиша:

Лажна е веста на ВМРО-ДПМНЕ дека мора да се вработат Албанци во општините каде нема над 20 отсто од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот. Наскоро следи соопштение од Владата на Република Македонија.

Во тој дух е и соопштението од Владата во кое се потенцира дека „тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се точни и дека Законот за употреба на јазиците не предвидува дополнителни вработувања во општините во кои граѓаните на немнозинските заедници се помалку од 20 отсто“.

Владата на Република Македонија категорично ги отфрла како неточни тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Законот за употреба на јазиците предвидува формирање на Централна агенција којашто ќе ги опслужува општините и другите институции во оние населени места каде што мнозинството граѓани се Македонци. Во тие градови, во случај кога некој граѓанин од албанска, ромска, бошњачка, српска или друга етничка заедница ќе има потреба од комуникација и ќе се обрати на друг јазик, покрај македонскиот, тогаш Централната агенција ќе им излезе пресрет на тие граѓани и ќе ја преведе комуникацијата за потребите на граѓаните коишто се обраќаат.

Тоа значи дека во институциите во општините каде што 20% од граѓаните не се припадници на немнозинските етнички заедници, нема дополнително да се вработуваат граѓани од aлбанска или која било друга етничка припадност за исполнување на одредбите од Законот за употреба на јазиците.

Неспорно е дека околу практичната примена на Законот за употреба на јазиците има многу нејаснотии, но факт е дека во него нема ниту една одредба која обврзува дека мора да се вработат Албанци во општини каде нема 20 отсто албанско население. Па, оттука, изјавата на Јанушев ја сметаме за невистина.


ИЗВОРИ:
Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ (16.01.2019): Заев е човекот кој пред да дојде на власт ветуваше дека нема да спроведе двојазичност [Пристапено на: 23.01.2019]
Либертас (17.01.2019): Бошњаковски: Лага е дека мора да се вработат Албанци во општини каде нема 20 отсто албанско население [Пристапено на: 23.01.2019]
Веб-страница на Владата: Влада на РМ: Тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се точни – Законот за употреба на јазиците не предвидува дополнителни вработувања во општините во кои граѓаните на немнозинските заедници се помалку од 20 отсто [Пристапено на: 23.01.2019]
Академик (11.01.2018): Што предвидува Законот за употреба на јазиците донесен од Собранието на Република Македонија [Пристапено на: 23.01.2019]
Закон за употреба на јазиците [Пристапено на: 23.01.2019]

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер