Не може секој да биде социјалдемократ

24.01.2019 02:17
Не може секој да биде социјалдемократ

Во моментов во Република Македонија на власт се социјалдемократи. Социјалдемократијата е идеологија која ја поддржува употребата на државата во воспоставувањето социјална правда и која во основа се стреми кон постепена замена на капитализмот со социјализам.

Ова подразбира редистрибуција на националното богатство (од богатите кон сиромашните), социјална сигурност, еднакви шанси во животот, слобода (на мислата, на движењето, на дејствувањето, на информациите, на учеството во одлучувањето, на критикувањето на спротивставувањето, на…), еднаквост, солидарност.

Јас не можам да најдам допирна точка меѓу овие кои во Македонија се нарекуваат социјалдемократи и вредносната матрица која наводно ја застапуваат.

Овие наши социјалдемократи, наместо да ги штитат правата на работниците, ги штитат правата на големиот бизнис. Овие чудни социјалдемократи го внесоа големиот бизнис во извршната власт и му дадоа можност да командува и да ги реди работите за свои интереси и потреби.

Овие, социјалдемокративе, кои виреат на нашиве простори, им забрануваат на сиромашните граѓани да заработат за достоинствен живот, ги казнуваат за најмало прекршување на законите, им наложуваат да плаќаат за услуги кои не ги користат, им ги блокираат сметките. Овие наши социјалдемократи ни велат дека банките се надвор од досегот на законите и секојдневно ни докажуваат дека тие кои имаат пари можат колку што сакаат да го прекршуваат законот и за тоа нема да бидат казнети.

Чудни некои социјалдемократи кои мислат дека функционерите треба да се возат со мерцедеси наместо со јавен превоз, да ги трошат државните пари на лапачка и шетање наместо да го штедат секој денар како да е нивни сопствен, кои тие што краделе, ги промовираат во советници на премиерот, наместо да ги пикнат во затвор, а докажаните криминалци ги прогласуваат за свои партнери во политичкото одлучување.

Овие наши социјалдемократи го пазат и штитат и поддржуваат големиот бизнис. Тој, а не работниците, им е вистинскиот партнер во власта и неговиот интерес е приоритет. Дури се обидуваат да нѐ убедат и во тоа дека добробит за големиот бизнис е основа и на нашата добробит. Дури му ги намалија и прекршочните казни. Да не ги потрошат многу кога ќе го прекршат законот.

Социјалдемокративе се потрошија со воведување втора даночна стапка за 1% од населението (оние со најголеми примања). Па се извинуваа, па убедуваа, па нешто им беше многу незгодно. Меѓутоа, не најдоа сили да ги сменат давачките за струја и вода и затоплување. Не разбраа или нејќеа да разберат дека и таму може да има прогресивност. Овие нашиве социјалдемократи не разбраа или нејќеа да разберат дека не може сите исто да плаќаат за работите кои значат егзистенција.

Држава која се грижи за благосостојбата на граѓаните, не значи држава со 20 министри од кои, на пример, тројца се задолжени за странски инвестиции. И не значи зголемување на буџетската потрошувачка, иако веќе ги нема „претходните“ да крадат… Држава во која на власт се социјалдемократи е држава која води грижа за секој потрошен денар и која ги развива министерствата кои треба да се грижат за граѓаните.

Кога социјалдемократите доаѓаат на власт, вообичаено е да се вложува во јавно здравство, во јавно образование, јавен превоз, јавна заштита на старите лица, се отвораат библиотеки и културни домови, се печатат книги и се вложува во развој на науката. Нашата социјалдемократија форсира јавно-приватно партнерство, каде што вредностите на пазарот ги заменуваат вредностите на солидарност и еднаквост.

Социјалдемократијата се базира на граѓанинот-индивидуата, кој има права и моќ да одлучува контролира, бара, очекува. За разлика од ова, социјалдемократите во Македонија ја принудија индивидуата да остане дел од етничкиот колективитет кој ги презентира нејзините интереси и ги застапува како заеднички пред државата и во рамките на државата.

Имав големи очекувања од новата власт. Не заради тоа што на чело на партијата стои конкретен човек или заради тоа што секоја власт после онаа претходната сигурно мора да биде подобра… Туку токму заради тоа што станува збор за социјалдемократска власт која, за да може да се претставува како таква, мора и да почитува одредени вредности и да делува согласно овие вредности.

Во моментов се прашувам, дали на власт имаме социјалдемократска партија или партија која се нарекува социјалдемократска.

Илустрации: Pawel Kuczynski

Извор: https://civilmedia.mk