Кованици искалени од нашето време (2)

24.01.2019 18:31
Кованици искалени од нашето време (2)

 Казапаланка ‒ балканска метропаланка во која роварат и се дружат сите најголеми странски служби.


Дежавуци-потегни ‒ тоа чувство на Балканот кога со години се расправаш за исти теми и исти проблеми, без никој да е спремен на компромис и размена на аргументи.


Ид ентитет ‒ потисната деструктивна потсвест на малите балкански народи која бликнува при најмала шанса за напредок.


Аздистопија ‒ иднина во која сите ја плаќаме цената на аздисувањето на владејачките елити во сегашноста.


Стока-холмски синдром ‒ кога предолго време си заложник на стоката на власт почнуваш да ги подржуваш и размислуваш како нив.


Крдотворен ‒ балкански фанатик кој слепо го следи стадото водено од пастирот, само зашто тоа е традиција.


Бравторитет ‒ авторитет на чиј секој збор стадото извикува браво.

Зајадница ‒ заедница во која секој успех се проследува со завист и зајадливи коментари.


Абреисти ‒ луѓе кои не веруваат дека има разлика меѓу партиите.


Партизен ‒ кога сè ти е рамно без разлика што направила твојата партија бидејќи те вработила тебе или член на твојата фамилија.


Жален профил - профил на дислексичен партиски војник.


Апашаaнажа ‒ надомест за минат труд од буџет додека крадците размислуваат што да направат со државните пари.


Анарцизам ‒ синдром на создавање на хаос околу себе само за да привлечеш внимание.


Чешитлегов ‒ градоначалник кој може нема решенија, ама има шега за секој проблем.


Кметалика ‒ кога некогашните хардрокери или металци градоначалници организираат фестивали со Цеца или Аца Лукас.

Штерјотип ‒ влашки стереотип.


Паритет ‒ залагање за општество во кое сите треба да се еднакви, ама тие со парите многу повеќе.


Кримпровизација ‒ импровизирање со правната држава од страна на власта заради криминален профит.


Кредитов комплекс ‒ тоа чувство кога ќе ти се ебе мајката и ќе изгубиш вид од работа само за да вратиш дупло кредит за стан.


Ентеровирус ‒ заразна болест која се фаќа на тастатура, те тера да удриш ентер пред да размислиш, болест која прави од мирен човек ‒ бесен профил.


Јахуини сведоци ‒ сите спамови, рекламни мејлови, покани и известувања од сајтови да не заборавам дека сум им член кои секојдневно ѕвонат на вратата на мојот инбокс.


Ширус ‒ вест која заразно се шири по социјалните медиуми.

Слики: Mark Ryden


Белешка за авторот

Милан Дамјаноски е роден на 23 август, 1977 година во Скопје. Вработен е на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, каде е доцент по англиска книжевност и конференциско толкување. Во 2015 ја брани докторска дисертација „Гласот и идентитетот во книжевните дела на Роберт Браунинг, Блаже Конески, Џејмс Џојс и Славко Јаневски“ и се здобива со титулата доктор по филолошки науки. Во 2018 г., ја објавува својата прва книга, збирката на афоризми „Статусот на нашето време“ за издавачката куќа „Блесок“.

За време на студиите, како и по завршување на истите професионално се занимава со преведување и толкување од англиски јазик. Има преведено еден роман, неколку збирки поезија и раскази на англиски и македонски јазик од автори како што се Блаже Миневски, Владимир Мартиновски и Светлана Христова- Јоциќ. Член е на уредувачкиот одбор на меѓународното списание „Блесок“.

 

ОкоБоли главаВицФото