Бибер: Промената на името е мала цена за отворените врати за Македонија

25.01.2019 01:14
Бибер: Промената на името е мала цена за отворените врати за Македонија

Со ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент проблемот за името ќе се реши, иако и во двете земји ќе има отпор, вели професорот и раководител на Центарот за Југоисточноевропски студии на Универзитетот Грац, Флоријан Бибер. Сепак, според експертот за ЈИЕ, тој отпор нема да може да го загрози спроведувањето на договорот.

Во интервјуто за ДВ, Бибер оценува дека Преспанскиот договор не претставува крај на процесот на приближување на двете земји:

Демонстрациите (во Грција) покажуваат дека е неопходно градење доверба и дека Договорот не е крај, туку е нова почетна точка за заеднички полесно да се направи обид да се надминат предрасудите и стравот од другиот. Тие се реални и тоа е јасно, но тоа е поврзано и со внатрешнополитичката ситуација во Грција. И на демонстрациите во Солун пред неколку месеци голем дел од фрустрациите околу програмите за штедење и незадоволството од владата, се искристализираа во спорот за името, така што може да се каже дека незадоволството има и други причини, а не само компромисот за името.“

На прашањето како ги коментира барањата во Грција за одржување референдум за ова прашање, професорот Бибер одговара:

„Вакви симболични прашања тешко се одговараат на референдум, затоа што е голем ризикот од инструментализација за националистички пароли. Вакви теми не се соодветни за референдум, затоа што е голем ризикот од краткорочно зголемување на поларизацијата, а притоа не се олеснува доаѓањето до решение. Во Грција со месеци, ако не и години, владеше политичка нестабилност. Можеше да се предвиди дека чудната коалиција на екстремно десната партија Независни Грци и левичарско популистичката Сириза некогаш може да се распадне. Сега распадот е кореографија, зашто помалиот коалиционен партнер се надева дека со оваа поларизација повторно може да влезе во парламентот. Значи, тоа не беше изненадување. Во Македонија беше навистина тешко да се добие двотретинско мнозинство и можно е притоа да биле давани ветувања и неморални понуди, но тоа не можеме да го кажеме со сигурност. Но, во однос на предностите кои ги добива Македонија, ова се чини како мала цена, зашто за Македонија се отвораат многу врати. Земјата беше многу преокупирана со ова прашање. Кога тоа прашање ќе биде тргнато од дневен ред, се намалуваат и можностите за негова злоупотреба. “

Експертот Бибер во интервјуто зборува и за поддршката на германската влада за надминување на спорот за името. На прашањето зошто му е на Берлин важно Македонија да се приклучи на ЕУ и НАТО, тој вели:

„Спорот за името ја стави ЕУ во непријатна ситуација. Приклучувањето се блокира поради вето на една единствена членка која е во неопислив спор. Мора да се каже дека грчкиот став секогаш беше многу проблематичен. Претставата дека Македонија со своето име иницира територијални претензии кон Грција беше секогаш неверодостојна. Во ЕУ има многу примери на прекугранични региони со исто име - Луксембург и провинцијата Луксембург во Белгија на пример, или Штаерска во Словенија и Австрија. Тоа што Грција употреби вето по прашањето на ЕУ, но и на НАТО, ја поткопуваше веродостојноста на овие две институции не само во Македонија, туку на цел Западен Балкан.

Затоа е исправен обидот на Сојузната влада односно Германија за решавање на ова прашање. Може да се каже дека предолго ниедна земја членка на ЕУ не се обидуваше доволно да го реши ова прашање. Тоа можеше да се реши многу порано. Така ќе се спречеа многу политички проблеми во Македонија уште пред 10 години“, вели Бибер, додавајќи дека приклучување на Македонија во НАТО и ЕУ ќе испрати охрабрувачка порака до другите земји во регионот кои имаат за цел евроатлантска интеграција.

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото