Семејниот живот по општествената смрт

25.01.2019 11:51
Семејниот живот по општествената смрт

Кога на нормални луѓе ќе им се присака comfort food, тие најчесто по којзнае кој пат посегнуваат по ним добро познатите и присрце серии: Friends, Only Fools and Horses и сл. Јас, меѓутоа, некако не стекнав навика повторно да ги гледам своите најдраги содржини, па најблизок еквивалент на телевизиски comfort food ми е – гледањето нови епизоди од долговечни серии чии денови на слава и гордост се далеку зад нив. Серија каква што е, на пример... хммм... овааааа... Family Guy?

Да, Family Guy! Ете ви, кога сте упорни, ПРИЗНАВАМ! Јас и натаму – во 2019! – гледам Family Guy и со тоа, признавам, во еден потег го урнав целиот хипстерски кредибилитет што макотрпно го градев низ сите овие колумни! Среќни сте сега? ХА?!

Свесен сум дека текст за Family Guy во 2019 не е нешто што ќе генерира многу кликови (им се извинувам на сите големи и мали акционери на Културпункт [и на Окно, заб. на прев.], знам дека не е ветувачки почеток на првиот квартал!), ама, ете, јас сметам дека е интересно понекогаш да се осврне човек и на некогаш одамна популарните цајтгајстести серии што проживеаја доволно долго за да доживеат целосна општествена ирелевантност. Затоа што, она... Кога последен пат сте виделе некој на фејс или твитер да шерне некој клип од Family Guy? Дали воопшто знаевте дека и натаму се снима и се прикажува?

Рака на срце, и за мене е мистерија што Family Guy дотурка до својата, еве веќе, 17-та сезона. СЕДУМНАЕСЕТТА. Затоа што гледаноста е во постојан пад уште од деветтата и сега веќе е под бројката на која Simpsons паднаа во својата тековна, дваесет и деветта сезона (ех, да можам да најдам некого што уште го гледа ТОА, хехе! Јас не, да се разбереме, сепак не сум толкав манијак). Тоа се бројки поради кои нивниот матичен канал Fox обично – откажува серии.

Но, Simpsons се национална институција, па барем од таа страна можам да разберам зошто Fox милосрдно ги држи на апарати, ама да држи и серија што била... минатото десетлетие неколку години популарна меѓу средношколците и напушените студенти? Тоа не ми влегува во глава. Мислам, океј, Family Guy е чедо на Сет Мекфарлан, златната кокошка на Fox, која сигурно сакаат да ја расположат на секој можен начин за да прави проекти за нив и во иднина, така што не ми е незамисливо дека им е можеби и страв да ја укинат неговата прва хит-серија, за која е сентиментално врзан... Ама, Боже мили, па како НЕМУ уште му се прави тоа? Седумнаесет години едно – исто!

Во ред, да бидам попрецизен – четиринаесет години едно – исто. Зашто Family Guy од првите три сезони и Family Guy од сите подоцнежни сезони се две, реално, различни серии.

Имено, Family Guy во својата прва инкарнација беше како некоја поанархична верзија на Simpsons, неоптоварена со амбиција за континуитет и логика, ама во суштина и натаму сепак беше анимиран фамилијарен sitcom. Family Guy потоа беше укинат, па во следните три години стана култен наслов со доста добра DVD-продажба, па потоа беше вратен на малите екрани, со драстично сменета сценаристичка постава и осетно – оглупавен.

За разлика од линеарното стрмоглаво паѓање на Симпсонови (кои во осмата сезона покажуваа знаци на декаденција, во деветтата сериозен пад, а веќе до единаесеттата станаа депримирачки негледлива зомби-имитација на Симпсонови), Family Guy – ако мене ме прашувате – држеше една константа првите три години, па после една целосно друга константа следните четиринаесет. Првите три сезони беа разулавена, ама паметна серија со срце, која без притеснување можам да ја препорачам секому. А после лудо осцилира не само од епизода до епизода, туку и од гег до гег.

Од четвртата сезона натаму, Family Guy е серија во која еден миг може нешто да биде ептен вдахновено и ужасно смешно, за одма после да влета некоја фора толку глупа и мрзлива, што ми станува неугодно да гледам. Не е дека, се разбира, секој штос во првата фаза на Family Guy беше за во аналите, ама во втората е осетно повишен коефициентот на она по што е Family Guy озлогласен – спојувањето на две-три случајни попкултурни референци како надоместување за шега.

Таа четврта сезона ми беше неугодно студен туш, ама со неа серијата влезе во еден нов groove во кој остана до денешен ден и на кој брзо се навикнав: знае да има одлични епизоди, знае да има од оние толку болно недуховити, што се прашувам зошто побогу уште го гледам ова. Некои сезони имаат повеќе од едните, некои повеќе од другите, ама дури и најлошите епизоди обично имаат барем една killer фора на која на глас ќе се насмеам, а сѐ заедно успева да биде гледливо и по седумнаесет години, затоа што Family Guy веќе долго не е анимиран sitcom, туку во меѓувреме стана – анимирано скеч-шоу.

Кому му е дури, би рекол, и тежина што и натаму пробува, макар минимално, да држи некакви базични наративни, а посебно емотивни структури на sitcom. Зашто во серија вака лишена од емотивна логика и конзистентност нема, на пример, апсолутно никаква смисла што во една од последните епизоди ќерката Мег – лик што пред едно десет години е сведен на семејна бокс-вреќа за изживување – се откажува од натпреварувањето на Олимпијадата за го спаси својот татко Питер, кој секогаш буквално или ја понижува или ја игнорира и ама нема баш ништо трето. А што се однесува до епизодите во кои мајката Лоис на крајот по ситкомовски урнек со топла насмевка ќе му прости сѐ на својот маж, кој е константно потполно неподнослив и кон неа и кон сите во куќата – е, тоа не да е дегутантно, тоа е навреда за разумот на гледачите.

Една работа што исто така ја замерувам е реакционерноста под превезот на трансгресивноста, тој толку чест продукт на собирањето на по малку привилегирани белци, по малку мажи во потрага по хумор „кој ги поместува границите“. Па, така, Family Guy врие од „иронични“ сексистички и шовинистички штосови, кои се, демек, океј, ако притоа им се намигнува на гледачите, плус има една расистичка црта: ако се мајтапат на сметка на некој белечки лик, мајтапот практично секогаш ќе биде за тоа дека е или дебел или ќелав, или грд или глуп, или има рак или е геј итн., итн... Но, ако е ликот, да речеме, црнец или Кинез, едно 90% од шегите ќе бидат околу тоа дека е тој/таа – црнец или Кинез.

Поради таквите работи Family Guy нема да биде нешто што во иднина радо ќе се вади од нафталин, макар што пак, Family Guy со својата рафална стрелба со референци на ефемерната попкултурна појава и онака не е дизајниран да има многу смисла за идните генерации. И ден-денес знае да ме импресионира колку знаат да имаат – како за серија за широките народни маси – опскурни референци! Има една епизода, да речеме, во новата сезона кога новата сопруга семејното куче Брајан го гуши поради заглавено парче храна, но тој не знае како да го изведе маневарот на Хајмлих, па панично се обидува да најде упатства преку мобилен, па се намрштува и се жали: „Па, добро, бе, мајку му... Имам само една песна од Хаим во мобилниот? И ми ја дава секојпат кога ќе пробам да напишам Хајмлих!“

Или кога во гореспоменатата епизода за Олимпијадата Мег вежба стрелање, па откако ќе ги погоди сите мети задоволно ќе каже „funky, funky“ онака како што се кажува во Cantaloop, полузаборавен хит на US3 од деведесеттите, при што кадарот се замрзнува и преку екранот се појавува натпис: „Личноста што го напиша ова сценарио има 31 година. Колку години имате вие?“

Тоа ми е, инаку, најдрагиот вид гег во Family Guy – метагеговите што го уриваат четвртиот ѕид. Би се очекувало дека токму во ваков поодминат стадиум ќе биде еден од најиритантните елементи во серијата, ама некако испаѓа дека баш тие метагегови најчесто го извлекуваат она најкреативното и најдуховитото од неговите сценаристи. А во најновата сезона – подобра од просекот – има неколку стварно, ама баш стварно урнебесни. И ме потсеќаат зошто и натаму радо го гледам ова скеч-шоу, па макар и незадоволно да вртам со очите на, ко брат на брат, барем едно 60% од неговите скечеви.

 

Извор: kulturpunkt.hr

Превод: Ѓ. З.

Фотографии: imdb.com

ОкоБоли главаВицФото