ЕУ сака да ја запре продажбата на пасоши

26.01.2019 01:38
ЕУ сака да ја запре продажбата на пасоши

Државјанство за пари? Владата на Малта на интернет сосема отворено го нуди тоа: оној кој ќе купи недвижен имот на островската држава и ќе инвестира 150.000 евра во малтешки државни обврзници, во принцип би можел да добие државјанство веќе по 240 денови и со тоа би стигнал до посакуваниот пасош. Притоа, заинтересираните од арапските земји, Русија, Азија и Јужна Америка не мора дури ни да живеат на Малта. Доволно е еднаш да ја посетат Малта и недвижноста која мора да ја поседуваат барем пет години. Вицот со малтешкиот пасош е што тој вклучува и право на безвизен влез како турист во САД.

Европската комисија сега првпат прави напор да ги стави под лупа бизнис-моделот „Државјанство за пари“, како и „Виза за пари“- програмите на членките на ЕУ. Извештајот кој во Брисел го претставија еврокомесарите Вера Јоурова и Димитрис Аврамопулос дава причина за загриженост.

Три држави - Малта, Кипар и Бугарија - отворено продаваат државјанства, додека 20 од 28-те членки на ЕУ нудат дозволи за постојан престој во замена за инвестиции во различна големина.

Апел на ЕУ до земјите членки

„Овие земји продаваат не само свои државјанства, туку истовремено и државјанство за целата ЕУ“, изјави еврокомесарката за правда Јоурова. ЕК не е сигурна дека во сите случаи се прават неопходните безбедносни проверки. „Не може да се исклучат перење пари, затајување данок, затоа што некои држави не бараат доволно докази за потеклото на парите за инвестициите кои се нудат во замена за пасош или виза“, криткува Јоурова. „Продажбата на државјанство од страна на земјите членки е легално, но ние не можеме едноставно да не правиме ништо.“

За државјанствата и издавањето визи и дозволи за престој се надлежни само земјите членки. Еврокомесарот за внатрешна безбедност и доселување Димитрис Аврамопулос до земјите членки апелираше да ги спроведат неопходните процедури и да вршат проверки со помош на европските банки на податоци за контрола на визите. „Проблемот е што нема точни податоци како се доделуваат дозволи за престој со помош на т.н. Златна виза. Земјите членки за тоа не даваат конкретни податоци“, вели Аврамопулос. Често не се испраќаат информации ниту за идентитетот на новите граѓани или сопственици на визи.

Бизнисот со пасоши оди добро

Невладините организации „Транспаренси Интернешнал“ и „Глобал Витнес“ во една студија објавена есеноска проценуваат дека во последните 10 години во ЕУ за пари биле издадени околу 100.000 Златни визи и 6.000 државјанства. Најголемиот број од визите се издадени во Шпанија, Кипар, Португалија и Велика Британија. Само Кипар од продажба на пасоши зел 4,8 милијарди евра. Кипар на тој начин привлекуваше инвестиции особено по финансиската криза од која земјата беше многу погодена.

Европската комисија во својот извештај сега првпат признава дека со слободното издавање визи и пасоши се поврзани големи ризици. Многу сомнителни руски бизнисмени во меѓувреме поседуваат и кипарски пасош. „Би сакале да знаеме кој сѐ се наоѓа на територија на ЕУ“, изјаво Јоурова.

Невладината организација „Глобал витнес“ е задоволна што ЕУ сега засилено се занимава со Златните визи и Златните пасоши. „Времињата на индустријата со Златни визи сега ќе станат потешки“, оценува Наоми Хирст од „Глобал витнес“.

ЕК меѓутоа не соопштува што земјите членки би морале конкретно да променат. Според Хирст, членките на ЕУ би требало да го следат примерот на Бугарија и привремено да ја прекинат својата програма за Злтана виза.

Со корупција до пасош

Во Бугарија во октомври беа уапсени двајца високи владини службеници кои за пари издавале лажни уверенија за бугарско потекло и со тоа овозможувале стекнување право на бугарски пасош. Во меѓувреме е обвинет поранешниот шеф на Агенцијата за Бугарите во странство. Тој големата измама ја организирал заедно со свој близок соработник. Еврокомесарката за правда во Брисел оцени дека смета оти бугарските власти ќе ги преземат сите мерки против корупција од ваков вид.

Во Германија, според сознанијата на ЕУ, не се продаваат пасоши и не постои официјална Златна виза. Но, оние кои не се граѓани на ЕУ, а во Германија основале или раководат со фирма, под одредени услови може да добијат виза за постојан престој.

Добивање државјанство е особено скапо во Австрија. Заинтересираните од Азија или Африка кои сакаат да добијат пасош во оваа земја, би морале да инвестираат најмалку 10 милиони евра. Конкретните услови за добивање на пасошот се нејасни, соопшти адвокатската канцеларија „La Vida Golden Visas“, која во своите претставништва во Лондон, Дубаи и Хонгконг им дава совети на потенцијалните ЕУ-граѓани при виза-шопингот.

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото