За неспособните

26.01.2019 01:12
За неспособните

Најкусиот одговор на прашањето од претходниот текст („кому му конвенира ова статус кво во културата“) веројатно е: на неспособните! И тоа едновремено би бил и релативно (нај)точниот одговор на дотичното прашање. Само неспособните овде можат да пливаат во оној македонски загаден некултурен жабарник. Се разбира, некој може да приговори дека таквиот одговор едновремено е и највоопштен, округло па на ќоше односно недоволно јасен и селективен одговор. И ќе биде во право, таквиот (воопштен) одговор бара појаснувања, се разбира. Но тоа и ми е намерата, ама појаснувањата ќе ги давам понатаму, во континуитет, одделно за различни сегменти од актуелниот жабурник кој што некој сака да ни го продаде како културна политика, згора и реформска. А белки ќе бидам доволно јасен за да неспособните бидат препознаени, па и самите да се препознаат, ако воопшто имале некакви дилеми.

Сепак, во случајов, само како вовед, ќе дадам пошироки назнаки кому сè му оди во прилог ваквиот статус кво во културата. Пред сè тоа е државниот орган надлежен за работите во културата со безмалу вкупниот негов административен и функционерски состав, кому неизвесноста од она евентуално „ново“ што би дошло утре му влева разбирлив страв. Зашто, ако реформскиот процес апострофиран во сите разговори за културата пред и после падот на режимот говореа / говорат за основниот реформски услов: реорганизација и трансформација на Министерството, во согласност со новите стратегиски цели, преку вградување на принципите на стручност, професионално усовршување, транспарентност и отчетност во работењето, тогаш на што би можела да се надева оваа (до крајни граници неука и партизирана) администрација? Ако заробената држава некаде функционираше без запирка, тоа, меѓу другите, беше и културата.

Е па тогаш кој нормален, освен нас, се разбира, би трпел таква администрација и згора би ја сметал за компетентна да изведе некакви реформи? И во име на што би го правел тоа? Освен, нели, ако јавната односно државната администрација не ја сметаме за социјална служба каде е дозволено вработување на шуто и рогато, на приучени и/или тотално неспособни партиски „кадри“ од кои и понатаму ќе ни зависи иднината во многу области. Културната администрација требаше да биде тој прв ешалон неспособни поединци со кого државата мораше да расчисти. Дури тоа и да не беше напишано, усвоено од Владата и Собранието, печатирано и заверено. Зашто, ниту една реформа, некаде, била изведена од кочничарите на реформите преоблечени преку ноќ во реформатори, од оние на кои апсолутно не им оди во прилог каква и да е’ промена во културата. И тоа веќе толку пати досега беше напишано што веќе станува депласирано!

Но, тој прв ешалон, за жал, не е единствениот. Има и втор, и трет и … Институциите во областа на културата, особено националните, беа првата мета (по Министерството за култура) за партизација и пополнување со неспособен „кадар“ што не го бива за друга работа. И таму, како и во Министерството, воопшто не беше битна стручната подготвеност и професионалната компетентност за извршување на (често) сложени стручни работи и задачи, туку влезници за овој државен рај на неработници се добиваа со партиски, етнички, лични, групни препораки небаре станува збор за семејни фирми во кои што не е важно кој колку знае и кој колку може. (Иако, денес, и во семејните фирми способноста и компетентноста е основен предуслов!).

Националните институции – а и за тоа говори Националната стратегија – беа систематски и на долг рок окупирани од сите кои (во периодот 2007-2017) умееа да најдат приклучок (од секаков тип: партиски, пријателски, коруптивен) кај шефот на злосторничкото здружение и неговите пајташи, а денес кај еднакво важните луѓе во владеачката структура, особено онаа од партиска / етничка провениенција. Така и сега, денес, и утре, се „екипираат“ (каков еуфемизам!) националните институции, особено со „кадар“ со етничка провениенција, имајќи ја предвид етничката припадност на министерот и една цела редица етнички директорски кадар во националните институции. И кога тој крајно неспособен „кадар“ ќе легне врз грбот на културата, само еден господ може да помогне. А него никако го нема, без оглед што и тој беше ветен!

И понатаму, токму спомнатите директори во културата, особено во националните институции, продолжија да бидат третиот важен неспособен чинител во актуелниов миг, наспроти сите заложби искажувани во јавноста но и во званичните државни документи. Добро, да не се правам и јас паднат од Марс, нормално е владеачката коалиција да поставува свои кадровски решенија на клучните места во администрацијата, па и во културата. Ама – кадровски, не исклучиво партиски, што ќе рече приучени тоест недоучени, некадарни тоест неспособни, непознати за јавноста, неуки за струката / професијата. (Чул некој порано за актуелниот директор на Конзерваторскиот центар на град Скопје, или за директорот на Спомен-куќата на Мајка Тереза, или за повеќето сегашни директори на националните или локалните културни институции? Ако тоа го правеа оние вмронине, мора ли „политиката“ на поштари и слаткари и остало „особље“ да ја продолжува и оваа власт?). А такви ги има(в)ме (пре)многу, особено оние по етничкиот клуч! Што ќе рече дека нештата не се мрднати ниту за педа од минатиот „систем“ за кој што имавме фермани оправдани забелешки.

Тогаш: за кои и какви реформи овде станува збор? За замена наместо промена? За Курто наместо Мурто? За едни неспособни заменети со други (по)неспособни? За едни партиски војници отповикани од други партиски војници? Тој филм, имено, го гледаме денес, и овде, во клучниот миг за македонската култура, снимен небаре како во златното време на пуфлата и онаа нејзина тропорста „директорка“ која така беневолентно ја вдомија во Управата за заштита на културното наследство? Како што, ве молам, како некаков експерт? Како впрочем и едно чудо еднакво некомпетентни анонимни вмровски директори кои си се вратија на незаслужените комфорни позиции во институциите односно нивните дуивистички коалициски кадри кои само го сменија дресот. Ама умот им остана, за жал, а ние и тоа мораме да го толерираме заради некаков претпоставен (со)живот!?

А бидејќи го спомнав загадувањето (и во културата!), мислам дека мистериозниот но во секој случај величествен Банкси го промашил градот. Наместо во Порт Талбот (Велс) требал да го наслика она детенце во Скопје, деновиве, или можеби Прилеп. Ќе беше на место, целосно ќе одговараше на нашите состојби со загадувањето. Иако, сигурен сум, и Банкси знае дека ние не сме баш за таква врвна уметност – веднаш ќе се најдеше некој локален „Банкси“ и ќе го „досликаше“ делото. Ако претходно не беше уништено од некои други „стручњаци“, како што кај нас обично бидува, нели!? А Банкси деновиве е актуелен и по едно друго ненадејно откриено дело: она симпатично стаорче со чадор во рацете, кое сосема случајно било откриено на една врата на станицата Хиноде во Токио. И што има тоа врска со нас? Па никаква, освен што Јапонската влада не се срами јавно да побара експерт за графитите на овој уметник кој би утврдил дали „стаорчето“ е навистина дело на Банкси. Можете да замислите таков потег од некоја македонска влада, која и да е, некоја која ќе признае дека нешто не знае? Особено во културата, и уметноста? Таква влада кај нас не се родила.

Кај нас владите секогаш знаат сè, дури и она што докажано не го знаат. А сето тоа понатаму се пресликува во целата држава, особено во администрацијата, која што смета дека таа е на рамна нога со министрите, замениците, државните секретари … па ако се тие нестручни за функциите што ги вршат, зошто пак овие би требало да бидат нешто многу постручни? Нè убива таа пуста нестручност, тоа незнаење, збајатеност на мислата. И токму тоа беше еден од главните приоритети и на новата културна политика која што, ете, чека некој да се сети (и) на неа. Ако пак до вчера „Преспанскиот процес“ беше главното оправдување за отсуството на некои други реформски процеси во државава, тоа не може да биде и за истите во културата. Особено не за реформите во самиот државен орган надлежен за работите во културата како основен двигател на сите понатамошни реформи. А тоа не е само вообичаена флоскула, напротив. Зашто и таму, сè уште, царува приказната за неспособните!

Слики: Banksy

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото