Промоција на романот „Пливање спротиводно“ од Ненад Јолдески

26.01.2019 02:26
Промоција на романот „Пливање спротиводно“ од Ненад Јолдески

Вечерва (сабота, 26 јануари) во рамките на културната манифестација АртАреа во 20.30 во Кино Култура ќе се промовира романот „Пливање спротиводно“ од Ненад Јолдески.

За книгата со авторот ќе разговара Андреј Јованчевски. Станува збор за 168-то издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа Или-Или, чие излегување е поддржано од Министерството за култура.

Авторот на две книги раскази („Штамата на Енхалон“, 2009 и „Секој со своето езеро“, 2012) и добитник на Европската награда за книжевност (2016) овој пат се јавува со еден краток роман.

Катица Ќулавкова во поговорот напиша: „Ненад Јолдески ги покажува своите вештини на опишување на урбаните и природните амбиенти и пејзажи, особено оние што го сигнализираат нескриено присуството на Струга и струшкото крајбрежје. Тој ни нуди едноставна, но современа нарација што е интимно поврзана со неговото струшко-македонско ментално битие од каде што тој поаѓа во освојување на книжевниот свет и каде што се враќа за да му даде смисла на тој свој свет. Се враќа постојано назад, а всушност продолжува напред, преосмислувајќи ги парадигмите на враќањето врз параболата на јагулите. Раскажувајќи ја македонската сага врз предлошката на јагулите, на Охридско Езеро на Дрим. Река што не исчезнува“.