Дисторзија

26.01.2019 11:33
Дисторзија

***
Мојата глава е како капка. Како вода што испарува. Мојот ум, што ли сакав да кажам со него?! Кои ли ми беа мислите? Сакам да можам да напишам дисторзија, да пишувам гранџ, можам ли?!

 

***
Mојот мозок е килав наутро... Се будам и гледам ги истурил своите црева насекаде. Ми треба многу време да се подготвам за излегување, зашто собирањето црева е тешка и макотрпна работа. Трае долго, долго, долго... И завршува со наместена насмевка.

 

***
Мојот лев чорап. Тоа бев јас. Излитен лев чорап на нозете на деснак. Со дупче над палецот. Скриен во износени чевли, по кои, велат, се познавал човекот. Се познава по чорапот, си мислам. Чевлите се она што дозволуваме да го видат. Чорапот е нашата душа. Она што го носиме во себе.

 

***
Ако, на пример, грабнеш стол купен или најден на отпад, па потоа самиот рачно го бојосаш, тапацираш и присвоиш, па потоа истиот в раце го земаш и како микрофон го користиш, што би рекле луѓето за тоа? Што би рекле ако им кажеш дека птиците ти зборуваат?

 

***
Мртви птици.
Гравитацијо, зошто не ги оставаш да почиваат на небото?

***
Облечи се во црно. Отстрани ја шминката. Потоа... Облечи џемпер од баба ти врз сето тоа. Косата остави ја немиена. Мрсна. Стави очила за сонце наместо венче и остани така. Нека те дуваат есенски ветрови, студени бранови надојдени од север. Нека заврне потоа и нека биде сив овој град. Нека биде октомври.

 

***
Секое утро луѓе со цвеќе од моето сонливо лице изнудуваат насмевка.
И тогаш ја здогледувам црната панделка.

 

***
Новиот асфалт беше во гранули, како и моето утринско кафе. Свеж. Истурен од камиони. Згмечен од валјаци. Мастилав. Темен. Леплив. Истурен пред нас насилно. Брутално. На сонце се топеше. По дождот уште посилно мирисаше. Како полнета бонбона од Европа крцкаше. Како жив песок со обувки се хранеше. Со син јазик од кинеско куче, како стар Французин, ѓонови бакнуваше.

 

***
Кога и да погледнев на тоа место, една мравка лазеше секогаш во истиот правец, по истата линија. Кога и да погледнев на тоа место, ја гледав мајка ми како свиена лежи на студените скали, чекајќи да се сварат нејзините портокали во чоколада, некој лек, за некаква болештина. Кога и да погледнев на тоа место, гледав розово свежо месо, со бели жили и мирис на срнечка смрт. Кога и да погледнев на тоа место, гледав зелени кактуси и лимон осветлен од месечината. Кога и да погледнев на тоа место некој ноќен молец ја гризеше ткаенината. Кога и да погледнев на тоа место, мравката повторно лазеше. Секогаш во истиот правец, секогаш по истата линија...

 

***
Таа вечер нацртав мачка. Мачка нацртав, ви велам, на подот. Сина. Љубопитно свртена наназад. Мачка. Со нозете. Со стапало. Со мокро стапало ја нацртав, откако стапнав на подот по туширање врз син чаршаф што се најде таму. Мачка нацртав, ви велам. Сина и љубопитна. И стоев така, некое време. Некое долго време стоев и чекав да се исуши, да ја снема, мојата мачка, на подот. Онаа де, со нозе што ја нацртав. Со мокро стапало. По туширање. И веќе не прашувајте ме за неа...

 

***
Празна сум.
Како дрвен молив од кој е извлечена срцевината.

Фотографии: Yung Cheng Lin
Извор: Јулијана Величковска, Отворена книга (ПНВ, 2017)

ОкоБоли главаВицФото