Македонците се договориле својата земја да ја викаат Македонија кога Грците не слушаат

26.01.2019 13:04
Македонците се договориле својата земја да ја викаат Македонија кога Грците не слушаат

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, 25 јануари 2019, (Њуз) – Граѓаните на Северна Македонија се договориле, денес кога останале насамо, дека својата држава, ако нема Грци во близина, сепак ќе ја викаат само „Македонија“. Само неколку минути по постигнувањето на договорот за името помеѓу Северна Македонија и Грција, како што дознава Њуз, Северните Македонци се собрале, погледале дали во близина има некој Грк, сериозно се погледнале и тивко се договориле дека името Северна Македонија во разговор ќе го користат само кога постои шанса некој Грк да ја чуе или да ја прочита таа конверзација.

– Да, секако дека отсега ќе го користиме името Северна Македонија, и дека ова е голем историски миг за сите нас – рече премиерот на Македонија Зоран Заев. – Но, реално – додаде тој по кратка пауза во која се увери дека никој од Грците не обрнува внимание – вака меѓу нас кажано, Македонија е сосема океј.

Според незваничните сознанија, граѓаните на Северна Македонија изразиле радост поради постигнатиот договор и благо негодување околу непрактичноста на тоа како ќе се нарекуваат сега – Северномакедонци или Северни Македонци?

– Тоа се само зборови, и не ни е проблем да го изговориме тоа или да го напишеме ако со тоа добиеме многу на политички план. Но, искрено, кој ќе крши јазик сега со изговарањето „Северна Македонија“ ако зборуваме меѓусебно Македонец со Македонец? – изјавија граѓаните. – И овој џиновски споменик во центарот на Скопје, тоа е воин на коњ, ама еј, сите знаеме кој е тоа, зарем не? – прашаа граѓаните намигнувајќи и подбуцнувајќи со лактот.

Како што незванично се дознава, граѓаните на Северна Македонија до доцна во ноќта вежбале да изговорат „Северна Македонија, Северна Македонија“, правејќи се дека во околината има некој Грк што може да ги чуе.

Извор: njuz.net