Британците им нудат кеш на малите новински издавачи

28.01.2019 12:37
Британците им нудат кеш на малите новински издавачи

Кога Луси Ештон во 2009 година го напушта локалниот весник The Sheffield Star за да работи во односи со јавноста, веќе претходно имала видено новинари што биле приморани да ги напуштат своите работни места и тиражите што вртоглаво паѓаат.

Неодамна, меѓутоа, се враќа под новата иницијатива за помош на новинските организации во покривањето на локалните власти.

Таа го следела состанокот на градското собрание во Шефилд кога жена од одборот зборувала за тоа дека е вознемирувана.

„Тоа не беше според распоредот“, вели Ештон. „Да немаше репортери на тој состанок, немаше никогаш да дознаеме ништо за тоа.“

За да се оживее покривањето на локалните власти, помалите новински издавачи во Велика Британија можат да добијат процент од годишната претплата што домаќинствата со телевизиски приемник ја плаќаат за јавниот сервис Би-би-си. Овој износ бил доволен за Би-би-си да задржи голем број новинари во време кога буџетите на локалните медиуми се смалуваат.

Тие пари, осум милиони фунти, односно 10,2 милиони долари годишно, локалните весници и новинските сајтови ги користат да вработат нови репортери.

Новинските организации моментално располагаат со дополнителни 144 работни места, од кои 90 проценти се веќе пополнети. Репортерите, инаку искусни новинари, минуваат низ дополнителни обуки во Би-би-си и се вработуваат на почетен период од две години.

Мет Хенкок, член на парламентот и поранешен министер во владиниот департман за медиуми и култура, се надева дека оваа програма ќе внесе нова енергија меѓу новинарите што се занимаваат со покривање на активностите на локалните власти.

Има сѐ помалку новинари што ги следат изјавите на политичарите, додава тој, а репортерите што некогаш ги покриваа активностите на званичниците сега работат за нив во секторот за односи со јавноста.

„Помислувате, па чекај малку, дали е тоа во ред, дали е тоа начин за нашата демократија да функционира?“, вели Хенкок.

Ова е само еден пример како се создава одржлив бизнис-модел за локалните медиуми што до пред само година-две беше незамислив, вклучувајќи и финансирање од непрофитни групи.

Гугл соопшти дека оваа година ќе вложи повеќе од 300 милони долари за да го поддржи објективното новинарство, а Фејсбук донираше шест милиони долари на заедницата за новински проекти во Велика Британија.

Новинските организации не смеат да ги искористат новите позиции што се финансираат од претплатите на Би-би-си за да го смалат бројот на постојано вработените, а репортерите имаат обврска да ја покриваат работата на локалните власти. Би-би-си, како и десетина други медиумски организации, можат да користат статии така што се креира своевидна агенција за локални вести.

Сепак, финансискиот притисок на локалните весници и натаму расте во Велика Британија, каде што од 2012 година до почетокот на 2018 година се затворени 136 весници.

Даниел Јонеску е главен уредник на Линколнајт (The Lincolnite), дигитален сервис за вести, кој на овој начин има вработено двајца репортери. Тој истакнува дека пари за огласување сѐ повеќе се вложуваат во платформи како што се Гугл и Фејсбук, наместо во локалните онлајн издавачи.

 

Извор: The New York Times

Фотографија: Данкан Елиот

ОкоБоли главаВицФото