Првиот бран

28.01.2019 16:21
Првиот бран

Денешната констелација во македонската култура, гледана од аспектот на диригираното (од кого?) статус кво односно неспроведувањето на (не само) ветените реформи или, во голема мера, токму директното спротивставување (од незнаење, немоќ, неукост или нешто друго?) на истите, наведува на редица логични заклучоци кои, сигурен сум, кога актуелната власт ќе ги согледа а тоа (ќе) мора да се случи – нема да ѝ се допаднат. Зашто, во голема мера, состојбите работат во полза на нејзината штета, контра нејзината програма, спротивно на предизборните ветувања, спротивно на здравиот разум. И тука немам дилеми, ама баш никакви, како што не би имале ни тие – мислам на водечките партиски луѓе од коалицијата на власт – ако некој намерно, или од незнаење/неукост, им го саботираше целиот процес на реализација на „Преспанскиот договор“. Ова е исто, само на подолг рок, и со одложено (ама далекусежно) дејство!

Меѓу битните нешта, освен оние веќе спомнати во минатите текстови, е фактот што целата актуелна раководна постава во македонската култура, инаку аминувана токму од сегашната власт и поставена на тие места со една и само една цел, целосно потфрли. Таа една и само една цел беше/è: разоткривање односно јавно разобличување на криминалните политики и дејствување на злосторничкото здружение во институциите во изминатата деценија, вклучувајќи го тука и Министерството за култура. Што пак, едновремено, ќе претставуваше верификација, доказ дека сето она што го говоревме во изминатите десетина години е – точно! Ако, за среќа, еднаш, Министерството за култура – ама само во првата година по доаѓањето на власт на оваа Влада односно само до јуни 2018 година – постапувало логично и согласно ветуваните определби, тоа не беше случај со институциите под негова надлежност, тоест таканаречените национални институции каде што токму тој орган ги беше поставил првите тоест раководните луѓе на тие институции, но и составите на нивните управни одбори. Тие „кадри“ практично требаа да бидат првиот бран на реформите, основната карика која што на македонската јавност ќе ѝ ги сервираше сите факти и докази за криминалите на бившата власт, што пак ќе беше предуслов за нивно евентуално (кривично) гонење, но ќе беше и важен дел во исполнувањето на првиот чекор кон најавуваните реформи. Културата, сепак, го немаше проблемот на правосудството односно на она на што сега се жали г-ѓата СЈО шефица Јанева: наспроти судовите со сите нивни стари коруптивни структури, новите директори во културата, заедно со управните одбори со новите претседатели/членови предложени од новата власт, ги имаа сите права и должности (тоест одговорности!) да ги спроведат од нив бараните постапки. Со конкретни резултати! И што се случи? Ништо, и буквално – ништо! Директорите преспаа по два в.д. мандати – некои и повеќе, целосно незаконски и без одговорност за министерот за култура! – (божем) работејќи на „консолидација“ на институциите и осмислувањето на нови програми за работа на истите.

Што, всушност, никој и не го бараше од нив, односно тоа беше нивна втора должност, после заокружувањето на процесот на преиспитување (и пријавување, секако) на криминалите на претходниците! Или, мислиме дека во културата има помали/помалку криминали од оние што ги открива министерката Царовска? Треба ли да потсетиме на „кражбата на векот“ во Музејот на Македонија и ниту за милиметар непоместените работи во таа насока? Или таму немаше криминал, само „позајмица“ на највредното културно наследство? Или општата кражба во Музејот на македонскиот хорор, каде не се знае кој пиел и кој плаќал, и за што, и кој сè шетал во Украина, на пример, и зошто, и кој набавувал и плаќал, и за што… и каде се денес едно чудо вредни работи купени со државни пари? Или онаа чистка на „уметничкото“ ѓубре од ателјеата на вмронските „уметници“ плаќана со државни пари, а ѓубрето сместувано во Музејот на современата уметност и Националната галерија на Македонија како вредни музејски експонати? Или „сувенирите“ (во милионска вредност) со производи од самонаречениот проект „Скопје 2014“ изработувани во илјадници парчиња, што сега (сè уште) чмаат во Музејот на Македонија? Или оној „книжевен“ контингент по нарачка на будимпештанскиот азилант и библиотекарот-академик, кој што по „производството“ се најде складиран во подрумите на неколку национални институции? Или сите оние партиски и во основа незаконски вработувања во, на пример, Македонската опера и балет, во Танец, и во сите други национални институции? Излезе ли некој од тие директори во јавноста со податоци за сите криминали, мали и големи, а ги имало од двете категории, и со барање за истраги, со посочување на виновниците? Или, нивното молчење треба да значи – нешто друго? И зошто сето тоа се толерира? Дали тоа е намерна узурпација на реформските процеси, свесно прикривање на криминалот (што пак би значело и соучесништво!) или, повторно, нешто трето? И – што? Многумина, па и јас, се склони тоа да го припишат на редица надворешни и внатрешни фактори, меѓу кои и (наводната) колегијална толеранција, евидентната неспособност на еден дел од директорите, дури и слухови за некакви чудни/необјасниви спреги на овие со претходните, што никако не соодветствуваат на ветениот реформски курс на оваа власт. А тука, секако, на самиот врв на листата и некомпетентноста и неспособноста на Министерството за култура. Особено денес, после уште малку па цели две години од смената на власта. Што ќе рече – половина мандат. И ако таа половина се потрошила вака залудно, каква ли ќе биде втората половина? Ако пак во сиот овој неразбирлив молк активно учествуваат безмалу сите фактори во културата – почнувајќи од повторно заспаната независна културна сцена, па Синдикатот, па државниот орган надлежен за работите во културата, дури и Владата на РМ, тогаш зошто воопшто ни беа потребни промени во културата? И сите ние кои толку години со запрепастување пишувавме и ги набројувавме криминалите на пуфлата и нејзината „елита“, испаѓаме ли, најблаго речено, смешни пред јавноста, неаргументирани, некомпетентни…? Што и не е некој проблем, зашто во тоа и за тоа време, де факто, пишуваа само неколкумина. Најголемиот дел од овие кои сега седат во фотелјите на власта или се криеа или отворено соработуваа со криминалното здружение. И сега од нив бараме реформи?

Илустрации: Bora Başkan

https://teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото