Сто години од убиството на Роза Луксембург

29.01.2019 00:16
Сто години од убиството на Роза Луксембург

Германија пред сто години: Првата светска војна е штотуку завршена, царот е избеган, а од мирот нема ни трага. Социјалдемократот Филип Шајдеман на 9 ноември 1918 година во Берлин прогласи Република, но револуцијата, предизвикана од војниците и поддржана од работниците, продолжува.

Умираат луѓе, зашто Германци пукаат на Германци во битка за формата на власт која секоја група ја смета за исправна. Во јануари 1919 настаните кулминираат и во историјата ќе влезат како Спартанско востание, бидејќи меѓу другото, во него е вклучен и марксистичкиот сојуз Спартак. Масовните демонстрации се секојдневни. Провизорната влада е коалиција на социјалдемократите (СПД) и порадикалните Независни Социјалдемократи (УСПД), предводени од Фридрих Еберт. Комунистичката партија на Германија (КПД), која е формирана на почетокот на годината, уште повеќе го засилува таквиот притисок. Нејзини претставници се поранешните политичари од редовите на СПД, Карл Либкнехт и Роза Луксембург.

Неисполнетиот сон за демократски социјализам

Заради бескомпромисниот антивоен став многу рано се изолирани во нивната поранешна матична партија, откако СПД во 1914 година гласаше за воени позајмици за финансирање на Првата светска војна. Луксмебург и Либкнехт потоа се приклучија кон Независните социјалдемократи. Во револуционерната зима 1918/19 изгледа како за кратко време да може да си го исполнат сонот за социјалистичка република по примерот на Русија, каде револуцијата уште во 1917 беше успешна, но многу брзо заврши со диктатура на партијата. Роза Луксембург е против таквата форма на владеење. Демократијата и социјализмот за Луксембург биле „неразделни", вели историчарот од Хамбург, Марсел Боис.

Демократска требало да биде не само политиката, туку и економијата. Затоа го поддржувала Движењето на Советите, но одбивала пуч. Таквиот став изворно можел да се најде и во програмата на Комунистичката партија на Германија: власта никогаш нема да се преземе на друг начин, освен „преку јасната, недвосмислена волја на големото мнозинство на пролетаријатот на Германија".

„Карл, дали ова сѐ уште е наша програма?"

Која улога ја играле двајцата најпознати германски комунисти во Спартанското востание, во јануари 1919 година, до ден денешен е спорно дури и меѓу историчарите. Марсел Боис смета дека поттикот го дале пред сѐ револуционерни сили од фабриките, а Либкнехт дозволил „да го понесе еуфоријата." Целта била да падне владата. Луксембург, пак, наводно го прашувала нејзиниот партнер: „Карл, дали ова сѐ уште е наша програма?"

Ваквата епизода, позната од преданија, остава простор да се заклучи колку многу Либкнехт и Луксембург се карале околу вистинскиот курс. Со нивната насилна смрт раздорот во Левицата влегува во нова фаза. На 15 јануари 1919 година обајцата се убиени на ѕверски начин. Војници со десничарски ставови, по наредба на владеачката СПД, го застрелале Либкнехт, според официјалната верзија додека бил „во бегство". Луксембург е исто така застрелана и нејзиниот труп бил фрлен во канал во Берлин.

„Слободата е секогаш слобода за оној кој мисли поинаку“

Во нејзин спомен социјалистите и комунистите годишно одржуваат мирни демонстрации. Најчесто на втората недела во јануари илјадници луѓе одат кај споменикот на социјалистите во Берлин. За време на поделената Германија, во ГДР, по наредба на комунистичкиот режим, се одвиваше еден ритуал – контрадикторен. Зашто, властите прават спомен на еден жена и еден маж, кои биле против партиска диктатурата. А, ГДР со својата семоќна Социјалистичка обединувачка партија на Германија (СЕД) е токму тоа уште од првиот ден.

Експертот за комунизам Марсел Боис вели дека дисидентите во крајната фаза на ГДР се повикуваат на Либкнехт и Луксембург. Една година пред падот на Ѕидот, во 1989 година, на традиционалниот меморијален собир тие ја оспорија државната власт. На транспарентите пишуваше дека бараат радикални социјални промени, цитирајќи ја притоа Роза Луксембург. Меѓу нив беше и познатата реченица која е поврзана со нејзината критика кон руската револуција: „Слободата е секогаш слобода за оној кој мисли поинаку”.

Фондација Луксембург: „Мал надомест"

Денес духовното наследство на истовремено популарната и контроверзна политичарка пред сѐ го негува фондацијата „Роза Луксембург". За нејзиниот претседател Дагмар Енкелман тоа е „мал надомест“ за убиената револуционерка по која е именувана оваа фондација, блиска на Партијата на левицата. Во времето на ГДР, Луксембург „била поставена на пиедестал", вели Енкелман во интервју за ДВ. Тогаш речиси никој не се трудел да ги препрочита нејзините теории, написи во весници и писма.

Со поглед на изборите во Европа овој мај, Енкелман повторно се присеќава на речиси вечниот раздор на Левицата. Сѐ уште е нејасно дали ќе има заедничка пратеничка група. Десничарите се чини брзо се обединија, вели поранешниот пратеник на Левицата. Од друга страна, 200-годишното искуство покажува дека „левицата многу брзо гради барикади помеѓу себе" и работи многу малку на „она што нѐ обединува". Ова искуство го имаше и Роза Луксембург. Го плати со животот.

Извор: DW

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Европа / Свет / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото