Нада Прља е македонски претставник на Венециското биенале

29.01.2019 03:39
Нада Прља е македонски претставник на Венециското биенале

Уметницата Нада Прља со проектот насловен „Субверзија во црвено“ ќе ја претставува Македонија на 58. Венециско биенале, кое ќе се одржи од 9 мај до 24 ноември.

Носител на проектот е Музејот на современа уметност (МСУ), куратор е Јованка Попова. Македонското учество во Венеција е поддржано со 4 милиони денари од Министерството за култура.

Прља долги години живеела во Лондон, каде работела и како универзитетски предавач, графички дизајнер и уметнички директор. Имала повеќе самостојни проекти и учествувала на повеќе од 80 меѓународни изложби и јавни презентации.

Министерството соопшти дека за национален претставник на најзначајната светска ликовна манифестација одлучувала комисијата во состав: професорите Мирко Вујисиќ и Тони Васиќ и Имер Бајрами.

На Конкурсот пристигнале уште три пријави: од Националната галерија на Македонија (НГМ) за проектот „Мирисот на лебот“ од авторот Нехат Беќири, на Музејот на град Скопје за проектот „А-Реакшн“ од Марија Павловска и самостојниот проект „Че биде“ од авторот Игор Јосифов.

„При увидот во пријавите, комисијата утврди дека НГМ не ги исполнува условите пропишани во Конкурсот и токму затоа проектот на Беќири не беше земен предвид во натамошниот процес на разгледување и одлучување.

Проектот на Прља, кој се издвои според тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи, е актуелен и интернационално референтен проект во културниот контекст и во однос на темата на Биеналето“, стои во соопштението од кабинетот на министерот Асаф Адеми.

Куратор на Биеналето е Ралф Ругоф, а генералната тема на манифестацијата гласи: „Да живееш во интересни времиња“.