Резултати од вториот дел на конкурсот за куси-куси раскази

07.10.2010 14:58
Резултати од вториот дел на конкурсот за куси-куси раскази

Ги објавуваме резултатите и од вториот дел од конкурсот за кус-кус расказ на Окно. Наш општ впечаток е дека авторите во вториот дел  беа значајно поквалитетни.

Некои имиња редовно се истакнуваа во својот квалитет и квантитет, а се појавија многу автори кои претходно не објавуваа. Да потсетиме, нашата желба беше преку овој конкурс да претставиме и да им дадеме можност на што е можно поголем број автори да се изразат, а самите автори со своето учество го потврдија тоа.

Редакцијата на порталот одлучи наградите да ги добијат: прво место - Иван Шопов за „Во лавиринтот“, второ место - Ѓоќо Бушавиот за „red bus blues“ и трето место - NuTella за „Фотографија“.

1-во место - Иван Шопов, Во лавиринтот

Станува збор за расказ сосема умешно напишан според сите правила на книжевната фантастика. Јазички прецизен со приказна која е логички заокружена. Шопов умешно го комбинира апсурдот и хуморот, два елементи кои донесуваат дополнителен квалитет на текстот.

Во лавиринтот

Ја штипнав за задник царевата ќерка и ме затворија во лавиринтот на Минотаурот. Во почетокот ме тепаа крвнички секој ден, но сега е подобро: кон мене се однесуваат пристојно, редовно ме хранат и ми дозволуваат да играм фудбал со останатите штипкачи. Единствена обврска што треба да ја извршувам како казна е да го метам лавиринтот сè додека не ме изеде Минотаурот. Малку е здодевно, но подобро е отколку да безделничам чекајќи ја смртта. Ме теши и тоа што знам дека правам нешто корисно – чистотата е половина здравје!

Сепак, и по дваесет години престој во лавиринтот, сè уште го немам видено Минотаурот. Не го виделе ниту моите браќа по метла. Сеедно. Лавиринтот и понатаму мора да го одржуваме беспрекорно чист

2-ро место - Ѓоко Бушавиот, red bus blues

Расказот е луцидна рефлексија на конкретна реална ситуација. Јазикот е умерен и економичен. Сите опишани детали се во функција на опредметување на сцената. Крајот, од една страна изненадува и поентира, но истовремено е логичен и целосно произлегува од опишаната сцена.

red bus blues

Преполниот црвен автобус влегува во уште една вукојебина. Повторно влегуваат повеќе луѓе отколку што излегуваат.
Надвор остануваат оние што испраќаат – мајки, баби, синови, внуци. Загрижено ги издолжуваат вратовите и се обидуваат однадвор да им најдат место на своите најблиски.
Тазе качените, пак, им се смешкаат со лица што велат: „Не е важно.“ А всушност, со очите немирно шараат низ автобусот и го бараат последното слободно место. Знаат дека нема да има за сите.
Една дебела тетка љубоморно го чува своето двојно седиште правејќи се дека нешто многу важно се случува зад прозорецот, иако во претходното гратче и таа беше една од оние што панично шараа низ автобусот.
До мене Ана си ја чита својата книга и врска нема што се случува.
Јас мирно набљудувам од своето седиште. Сè ми е јасно – сум бил и оној што однадвор го издолжува вратот, и тазе качениот, и дебелата тетка што зјапа низ прозорецот...

3-то место - NuTella, Фотографија

Концизен и кондензиран расказ со неочекуван крај. Ситуациите се живи, ритамот на реченици добар. Текстот се чита како еден вид исечок од времето, со фино изграден сооднос меѓу „крупните кадри“ и деталите.

Фотографија

Тоа пладне бев пресреќен. Конечно си го купив фотоапаратот што толку долго го посакував! Професионален. Се опседнав со неговата механика и опциите што ги нуди. Ни миг не сакав да го испуштам од раце. Дури и име му дадов - Тоде. Правев фотки најразлични - од пејсажи до остатокот од храната. Цело маало го фотографирав. Се задржав пред дворот на нашата сосетка. Стара бабичка. Беше навалена на столицата, дремеше на пладневното сонце што како злато и се беше истурило врз старото лице. Кучето се врткаше околу неа. Кога дојдов дома, не можев да и’ се изнагледам на сликата. Куќата и дворот беа во една хармонија со мојата замисла за фотографска целина. Ми создаваше некое чувство на смиреност и спокојство.
Вечерта дознав од моите - бабичката починала утрото, спиејќи, на својот трем, во својот двор.

Исто така, редакцијата на Окно реши да им додели специјална награда на следниве автори и раскази:

Перун(ика)

Инцест

Ја силуваше сестра си (вештачки оплодена со сперма од неговиот татко!).
Ги родија Јагнен и Козела. Слепи од измешаната крв на чеда од прво колено.
Близнаците го знаеја решението на загатката од Сфингата.
Но попусто. Бел ден не видоа.

Lizard Queen

Шлаканица

Кога беше мал посака да оди на рингишпил. Доби шлаканица. Не виде од каде дојде, но ја осети. Го пржеше на лицето толку многу што не ни помислуваше повеќе на тој глупав рингишпил.
Кога беше на училиште, посака да оди на екскурзија. Беа поминале многу години од шлаканицата и веќе беше заборавил на неа, кога – повторно ја доби. Овој пат беше многу позачуден што не успеа да види кој го удри. Почна да прашува кој го стори тоа. Сакаше да се побуни оти и другите деца посакуваа и желбите им се остваруваа. Доби уште една, но толку силна што во моментот заборави не само каде се наоѓа, туку и зошто воопшто ја доби. Годините минуваа, шлаканиците се множеа. Што и да побараше, за што и да се побунеше – невидливо ги добиваше. Живееше во страв, работеше со страв. Се плашеше да изразува желби на глас и сè повеќе се затвораше во себе. Почна да добива шлаканици и за помислите. Така, почна да ги редуцира мислите, па темите и содржините на кои размислуваше, па времето во кое размислуваше, а за желби веќе не ни стануваше збор.
Денес тој не се плаши повеќе. Никој не го удира. Оди со исправена глава. На моменти му паѓа, но му ја креваат сестрите чудејќи се како можел да изврши лоботомија со бормашина.

Платон

Децата се секогаш во право

Силно го тегнам синот за раката да го оттргнам од вирот вода пред нас: „Бегај од ѓолот, ќе се извалкаш!“
„Не е ѓол тато, небо е“ – одговара тоа со восхит.
Го оставам да гази врз парчето небо послано врз асфалтот, смислувајќи изговори пред сопругата – како ќе и’ ги објаснам извалканите панталони.

Мане Манушев

Тој ден

Тој ден не беше како претходните. Сонцето се пентереше над крововите од зградите, а неговите зраци се тетеравеа и не милуваа нежно. Тогаш нервозно влезе сопственикот и панично почна да нè соблекува сите. Луѓето застануваа и безмилосно зјапаа во нас. Некои се клештеа подмустаќ, некои си разговараа за поевтинувањето на парното, некои едноставно уживаа во нашата стриптиз судбина.
Дојде до мене и започна најпрво да ми ги соблекува пантолоните, потоа го тргна шалот што беше намотан околу мојот врат, ми го соблече капутот, а потоа и волнената блуза.
Тој ден останав разголена кукла, во постелата од сончево стакло, која зјапа во минувачите низ излогот на кој беше прикачен натпис Дуќанот се издава.

Стела Хубш

Час на преобразба

Во тмурноста на есенскиот ден, една дождовна баричка, во дослух со Креаторот, се претворила во огледало. И тој, за овој краток момент, го отворил небото и и’ овозможил одраз на најголема чистота.
И ете, пред нас, едно парталче сино небо паднато на сивилото на асфалтот.

Ана Давидович

Не знам

Седев на клупата пред зградата, далеку од мојот дом, запалив евтина цигара, се напив од водата која ја наточив од дома, седев и дишев.
Можев така со саати, но сепак поминаа само петнаесетина минути. Се качив на точакот и заминав дома.
Нешто го прекина тоа тивко постоење. Не знам што беше, само знаев дека морам да станам и да заминам од таа тишина…
Можеби беше претивко… Не знам...

Би сакале да ги пофалиме и следниве неколку минијатури:

Ивана Ристевска

Дивоградба

Без дозвола почнав да го градам. Темел ми беа зборовите. Речениците беа прости, но задоволни што ја видоа белината на листот. Секое проширување губеше смисла.
На сцена стапија следниве личности: лекторот изврши контрола, рецезентот напиша остра критика, издавачот замавна со рака.
Расказот бил премногу краток

Елла

Занает

Мојата пријателка, која заврши педагошки, работи во продавница. Продава чорапи. Нaшата заедничка пријателка, која заврши педагошки, работи во трафика. Нејзината братучеда, која заврши педагошки, насади тутун. Соседите имаат ќерка која заврши педагошки. Таа не работи никаде.
Јас им давам часови на тие што сакаат да се запишат на педагошки. Секој мора од нешто да живее.

Милена Цветковска

Горчина

Љубоморен си, ме контролираш, јас те прашувам зошто таа девојка ти се смешка, се караме за идиотски работи, јас лажирам оргазам, ти ми велиш дека сè што сакаш е да живееме заедно и да си склепаме едно мало, убаво бебе. На крајот, уште пред да се земеме, завршуваме со развод.

Зоран Бејковски

Образование

Откако сопствениците на превозното претпријатие пресметаа дека е поисплатливо шоферите да се престорат во професори, наместо секојдневно да превезуваат ученици, автобуската станица ја престорија во училница.

Афени

Надеж

Сакам да ги спакувам своите чувства во еден голем куфер и да отпатувам. Ќе изберам некоја далечна дестинација, со милион префрлања.
Се надевам дека ќе ми го изгубат багажот...

NuTella

Љубовник

Кога бев во основно, дознав дека татко ми има љубовница. Никогаш не успеав да му простам. Денес, после 10 години, дознав дека мајка ми има љубовник. И’ простив. Бидејќи денес и јас имам љубовник.

Поради големиот број, не сме во можност да ги објавиме сите раскази што сакаме да ги пофалиме, но сепак, задоволно ќе повториме дека вториот дел од конкурсот по квалитетот на објавените раскази го надмина првиот дел. Им благодариме на авторите за нивното учество, како и на читателите кои со своите коментари ја раздвижија културно-критичката сцена во нашата земја.

И за крај, сакаме да Ве известиме дека некаде при крајот на годинава треба да излезе книга со избор од расказите кои ни ги пративте на конкурсот.

За сите информации пишете ни на е-адресата:

kuskusraskaz@yahoo.com

или јавете ни се на телефонскиот број 02/ 3245-726

 Иване!! Мајсторе!! (ова се

 Иване!! Мајсторе!! (ова се скандира)

Одличен избор на раскази!

Одличен избор на раскази! Честитки до наградените и пофалените! Се читаме во книгата и во некоја идна прилика. Поздрав до сите учесници во конкурсот!

Ќе има гратис книга со

Ќе има гратис книга со изборот раскази за секој учесник што е застапен внатре, нели? :)

Се разбира.

Се разбира.

Поубав сублимат не можеше ни

Поубав сублимат не можеше ни да сонуваме :) Честитки до наградените, пофалените, издвоените, сите малку по малку, но сигурно си ги зазедоа заслужените места. Нека им се множат награди и почести, бидејќи тоа и го заслужуваат.

Браво за Ѓоќо Бушавиот.

Браво за Ѓоќо Бушавиот. Дефинитивно се издвојува во сите циклуси. Духовит, одмерен, по малку сентиментален, ненаметлив, пријатен за читање.

Честитки до наградените!

Честитки до наградените! Уживав вака сабајлечки со изборот од расказите, песната на денот и кафето! Уште повеќе се радувам на книгата! Поздрав

  Искрени честитки до Иван,

 
Искрени честитки до Иван, Ѓоко и NuTella како и до сите други учесници на конкурсот:))).
Исто така, честитки и до иницијаторот на овој конкурс како за неговата реализација така и за идејата за објавување на книга со избор раскази. Голем поздрав до сите

 Дали авторите во книгата ќе

 Дали авторите во книгата ќе бидат објавени под псевдоним или ќе можеме да ги запознаеме кои се? :)

Авторите ќе бидат објавени

Авторите ќе бидат објавени под она име што самите ќе го изберат. Ако сакаат со полно име и презиме или со псевдоним.

Еј, ама сум горда вака

Еј, ама сум горда вака попладневно! Иване браво. Частиш пиво и дооолги муабети после ова.
И на другите, огромно браво, уживав читајќи.

одлични раскази, браво! супер

одлични раскази, браво!
супер идеја за издавање на истите..

Bravo za site. Sepak, go

Bravo za site. Sepak, go izdvojuvam vtoronagradeniot raskaz.!!!!

 Честитки до избраните

 Честитки до избраните раскази. Навистина добар избор!
Прашање до редакцијата:
Дали ќе има и други избрани раскази од конкурсот кои во овој избор погоре не се споменати и кои ќе бидат вклучени во книгата? 
поздрав
Мамлаз
 

Да. Значи, изборот на раскази

Да. Значи, изборот на раскази кои ќе се појават во книгата ќе биде поширок - или со други зборови, во таа книга ќе влезат сите раскази што редакцијата на ОКНО ќе ги избере. На некој начин тоа ќе претставува мала антологија на современиот македонски краток расказ, а со оглед на претпоставената возраст на авторите - и еден вид пресек на актуелната книжевна ситуација кај нас, а посебно кај младите (но и постарите) надежни творци. Да повторам, во книгата ќе влезат и раскази кои не беа вклучени меѓу наградените и пофалените, но кои поради својот квалитет заслужија да се најдат во една репрезентативна антологија.

Поздрав,

Ѓорѓи

Здраво редакцијо (до

Здраво редакцијо (до Ѓорѓи)
но, претпоставувам дека ќе ги информирате по емаил и тие автори кои ќе бидат избрани, или тие веќе беа исто избрани? Поздрав.

Мамлаз

Се разбира дека ќе ги

Се разбира дека ќе ги информираме.

Честитки за организаторите,

Честитки за организаторите, честитки за авторите. Убава традиција, која се надевам дека ќе продолжи и ќе живее не само во виртуелниот простор, туку со издавањето на книгите, промоции, читања...и во материјалниот простор...

Здраво комисијо,   а кога

Здраво комисијо,
 
а кога приближно ќе ги информирате сите учесници? Извинете што пречам цело време.
Поздрав
Мамлаз
 
 
 

А дали наградите остануваат

А дали наградите остануваат исти како и за првиот дел од конкурсот, мислам на оние специјалните? И како наградените да си ги подигнат?

ОкоБоли главаВицФото