Нетфликс сериозно му се заканува на проверениот холивудски модел

30.01.2019 01:55
Нетфликс сериозно му се заканува на проверениот холивудски модел

Додека стотици љубители на филмот во август чекаа во редици за на филмскиот фестивал во Колорадо за да го гледаат новиот филм на Алфонсо Куарон „Рома“, пред киното се паркираше теренец и од него излезе висок, исончан човек со очила за сонце. Се насмевна и им мавна на луѓето пред да влезе во киното со својата свита.

„Дали тој е некоја позната личност“, праша некој од присутните.

Љубителите на филмот можеби не го познаваат Скот Стабер, но тој е еден од најважните - и субверзивни - луѓе во филмската индустрија. Некогашниот потпретседател на компанијата Јуниверзал Пикчрс, Стабер (50) денес е водечки човек за филмови во Нетфликс. Негова цел е стриминг мрежата да има филмска понуда која е подеднакво импресивна како што е телевизиската која во изминатата година заработи вкупно 112 номинации за Еми, престигнувајќи ги сите други конкурентни мрежи.

Со филмот „Рома“ кој на Нетфликс пристигна на 14 декември, Стабер овој интернет гигант го позиционираше во центарот на овогодинешната трка за Оскар. Филмот на Куарон за животот во седумдесеттите години во Мексико Сити на Нетфликс ќе му ја донесе првата номинација за најдобар филм.

„Рома“ претставува само почеток на јуришот на кината на Стабер, што е сосема доволно секое етаблирано студио и мултиплекс ланец да се соочат со важното прашање: дали стриминг компанијата заради која луѓето се откажаа од скапите телевизиски претплати сега ќе доведе до тоа луѓето да престанат да одат во кино? Интернетот сега претставува закана за Холивуд.

Скот Стабер

Веќе се очекуваат филмовите на Мартин Скорсезе, Стивен Спилберг, Гилермо дел Торо, Ноа Баумбах и Мајкл Беј.

„Доколу сакате да изградите големо филмско студио, мора да градите со големи режисери“, рече Стабер, истакнувајќи дека многу холивудски ѕвезди - Мерил Стрип, Бен Афлек, Еди Марфи, Сандра Булок, Двејн Џонсон - веќе потпишале за Нетфликс.

Стаберовата операција би требало да изнедри 55 оригинални филмови годишно, со буџети до 200 милиони долари. Кога на тоа ќе се додадат документарните и анимираните филмови, бројот на филмови објавени на годишно ниво достигнува 90. Јуниверзал, едно од најпродуктивните традиционални студија, објавува околу 30 наслови годишно.

Светот на филмот досега беше релативно заштитен од дигиталните сили. Повеќето филмови веќе со децении се дистрибуираат на истиот начин: прво во кината, на ексклузивно прикажување на околу 90 дена, а потоа и на малите екрани. Кино-ланците остро се спротивставија на намалувањето на тој период од 90 дена за прикажување исклучиво во кино салите, загрижени дека луѓето ќе се колебаат да купат билети за кино доколку истиот филм можат да го гледаат во дневната соба само неколку недели (или денови) подоцна.

„Земајќи ги предвид маргиналните приходи во кино бизнисот, доколку изгубите 10 проценти од публиката - односно некои луѓе останат дома - некои кина ќе престанат да работат“, вели Џон Фитијан, претседател на Националното здружение на сопствениците на кина, американска група чии членови веруваат дека големото платно е дел од самата дефиниција на филмот.

Нетфликс ги надминува кината. За да се квалификуваат за награди, одреден број филмови на Нетфликс истовремено се прикажуваат онлајн и во кината во Њујорк и Лос Анџелес.

Под притисок на Стабер, Нетфликс откри трет модел за дистрибуција во октомври, кога „Рома“ и уште два филмови прво беа прикажани во кината - но само во период од една до три недели. Повеќето кина одбија да соработуваат, иако Нетфликс пронајде околу 140 кина во Северна Америка за филмот „Рома“ и уште 600 во странство. (Другите два филма се „The Ballad of Buster Scruggs“, на режисерите Џоел и Итан Коен; и „Bird Box“, трилер во кој главната улога ја игра Сандра Булок.)

Вниманието кое Нетфликс почна да им го посветува на кината е еден вид мировна понуда за гласачите на наградата на Академијата. Холивудските титани како Стивен Спилберг беа фрустрирани од политиката на Нетфликс за емитување на филмовите веднаш, сугерирајќи дека целата содржина која ја нуди оваа мрежа треба да се смета за телевизиска содржина. Но, на Нетфликс му се потребни Оскарите и потврдата што ја носат со себе за мрежата да може да се натпреварува со традиционалните студија.

Џон Фитијан

„Се обидуваме да изградиме ново студио кое ќе биде возбудливо за уметниците“, истакна Стабер. „Додека го правиме тоа, важно е да бидеме отворени за критика. Кога голем глумец ќе каже: ’Еј, ова не е како што треба’, тогаш подобро да го поправиме тоа. За некои од нашите режисери тоа значи дека имаат кино премиери и дека се натпреваруваат за награди.“

Секако, постои граница до која Нетфликс е подготвен на компромиси.

„Ние исто така сметаме дека е од суштинско значење, доколку немате средства, пристап или време да одите во кино, и натаму да можете да го гледате филмот за да не чекате долго.“

Фитијан од здружението на сопствениците на кината коментарот на Стабер за пристапот го нарекува „апсолутна бесмислица“.

„Режисерите кои преминуваат на Нетфликс ја продаваат душата“, истакнува Фитијан.

Скорсезе не мисли така. Нетфликс ќе го продуцира неговиот филм за бандите „The Irishman“, во кој главните улоги ги играат Роберт де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши.

Филмот „Рома“ го финансираше и продуцираше куќата Партисипант Медиа, која преговараше со шест компании за дистрибуција на филмот. Сите освен Нетфликс, според зборовите на Куарон, беа загрижени дали црно-белиот филм ќе постигне комерцијален успех.

Извор: Nedeljnik