Да се научиш да се чудиш

30.01.2019 13:25
Да се научиш да се чудиш

Човечкото суштество учи во онаа мера во која учествува во откривањето и пронаоѓањето. Мора да има слобода на мислење за да може да греши, да се поправа, да ги искушува методите и патиштата, да истражува. Инаку, во најдобар случај, ќе создадеме ерудити, а во најлош, бубалици и папагали што повторуваат изветвени текстови. Книгата е една величествена помош, ако не се претвори во пречење. Да се ограничел Галилеј на повторување на текстовите од Аристотел (како едно од оние деца што учителите ги сметаат за „добри ученици“), немало да утврди дека учителот се излажал околу паѓањето на телата. И тоа што го велам за книгите важи исто така и за учителот, што е добро ако не е пречка; изгледа како шега, ама тоа е една од најчестите неволји.

Во етимолошка смисла, educare, да се образува, значи да се развива, да се води кон надвор она што е сѐ уште во зачеток, да се оствари она што само потенцијално постои. Таа работа на бабицата учителот многу ретко ја постигнува, и можеби е средиште на сите зла на секој образовен систем.

Платон вчудовидува како извор на филозофија, односно на знаење. И затоа би морал да биде основа на секое образование. Изгледа дека вдудовиденоста не треба да се поттикнува, самата се јавува пред непознатото. А што е помалку познато од вселената, од стварноста, за некого што тукушто почнува? Колку и да изгледа парадоксално, не е така, и речиси би можело да се тврди дека е полесно да се вчудовиди развиен или надмоќен отколку несигурен дух. Обичната личност полека ја губи првобитната способност што ја има детето, зашто отапела од општи места, сѐ додека не престане да забележува дека човек со две глави не е ништо пофантастичен од човек со само една. Повторното вооодушевување на едноглавоста, или изненадувањето дека луѓето немаат четири нозе, бара некакво повторно учење на чудењето.

Било детето да се учи на тој вид способност, било мал број луѓе да ја имаат во висока степен, извесно е дека ништо важно не може да се предаде ако претходно не постои способност да се предизвика чудење. Живееме опкружени од тајна; живееме висејќи помеѓу оној двоен бескрај што го застрашувал и Паскал: сѐ е фантастично, па и неверојатно, а сепак обичниот човек ретко се чуди, медиокретизиран од повторувачкото образование, од здравиот разум, а сега уште и од телевизијата. Ни децата веќе не се чудат кога ќе видат човек како оди по Месечината, иако физичарот знае дека потполно невообичаено и безмалку чудесно. Зошто би се зборувало за други чуда: постои ли машината со која пишувам? Зошто сонуваме? Како се сеќаваме на минатите настани и каде се чуваат тие? Дали дневниот свет е постварен од светот од кошмарите?

Треба да се примора ученикот да си поставува себеси прашања. Треба да се научи да знае дека не знае, и дека главно не знаеме, за да можеме да го подготвиме не само за истражување и за наука, туку и за знаење и за мудрост, оти, според Шелер, образованиот човек е некој што знае дека не знае, човек од онаа стара и благородна docta ignoratia, човек што претчувствува дека стварноста е бескрајно попространа и потаинствена од она со што владее нашата наука. Кога ученикот еднаш ќе се најде во такво духовно расположение, останатото доаѓа безмалку само по себе, оти оттаму потекнуваат прашањата и се учи само тоа што ни е потребно во животот. Тука е повторно потребна маевтичка работа на учителот, кој не смее да предава филозофија туку, како што зборува Кант, да подучува филозофирање. Оти знаењето и културата се истовремено традиција и обнова, така што во еден миг ученикот може да се претвори во обновител; мигот во кој навистина големиот учител мора да ги покаже своите врвни квалитети, прифаќајќи го создавачкиот никулец, кој толку често се јавува во младешките умови, не само затоа што се посвежи, туку и затоа што се поодважни. Не знам кои му биле професори на Галилеј во времето кога му паднало на ум да се искачи на кулата за одозгора да фрли два камена, а заедно со нив и Аристотеловата теорија; ако биле лоши, навистина се налутиле поради таквото злосторство; ако биле вистински учители, веројатно се израдувале на таа света побуна, оти на спротивниот крај од демагошкиот професор што им попушта на децата, се наоѓа глупав, авторитарен професор, кој смета дека знаењето е засекогаш скаменето, неподвижно, секогаш еднакво само на себе. Тоа е професор што во ученикот гледа потенцијален непријател, а не син што мора да го сака; оној што заведува злокобна челична дисциплина, често за да го прикрие своето сопствено незнаење и своите слабости; оној што само служи за фабрикување папагали и бубалици, кој ги казнува наместо да ги образува и да ги ослободува; оној што го означува како „добар ученик“ оној просечниот што се придржува до неговите прописи и убаво се однесува. Тоа е тип професор што конечно ја пронашол својата ветена земја во тоталитарните земји, во кои знаењето и културата се заменети со идеологија.

Извор: Pojedinac i Univerzum, Izabrani eseji, Gradac, Čačak, 2005.

ОкоБоли главаВицФото