Ослободување од Македонија

30.01.2019 17:57
Ослободување од Македонија

 

Синоќа, на 29.01.19., во „Кино Култура“ беше одржана промоција на најновата книга на Бранко Тричковски, „Ослободување од Македонија“, збирка колумни од последниве две години, објавена во едицијата „Градот“ на книгоиздателството „Темплум“. На промоцијата зборуваа Беса Арифи, Љубомир Фрчкоски и Златко Теодосиевски. Овде го пренесуваме обраќањето на авторот Тричковски.

 

Сакам на почетокот да ви прочитам еден краток текст, десетина редови, пет‒шест реченици, текст преполн со значења и соткаен во фантастична мелодика и стилистика. Тој бара поголемо внимание и посветеност од она што го бараат поповите кога читаат од некое Евангелие. И затоа молам за тишина.

Оди вака:

Мораме да ја создадеме онаа порција слобода, храброст и безобзирност и, дури, би рекол, неодговорност, без кои создавањето не е можно. Треба, просто, да се навикнеме на новата скала на нашето постоење. Ќе мора да се однесуваме ладнокрвно и безобзирно спрема нашите најдраги чувства, ако сакаме да дојдеме до новите вредности. Оној момент кога ќе се нафатиме да го формираме светот од ова место на кое се наоѓаме и со оние средства со кои располагаме, огромноста ќе се смали, неизмерноста ќе добие облици и ќе почнат да опаѓаат разбрануваните води на хаосот.

Малово парче од големиот Дневник на Витолд Гомбрович, би можело да биде преамбула на нашите индивидуални устави. И не само на нашите туку, со својата идејна, филозофска, доктринарна, морална и егзистенцијална - да не речам егзистенцијалистичка - димензија, и на уставот на заедницата. Во моменти на егзалтација ми доаѓа да викнам: ова е, односно може или треба да биде, ново Евангелие, нова сура во световниот Куран, нова глава во егзистенцијалистичкиот Талмуд.

Можеби ќе звучи претенциозно, но книгата што ја промовираме денеска, впрочем, како и сите мои книги, ја следи трагата на ракописот на овој манифест, на овој светоглед, на оваа филозофија.

На овој рокенрол.

Дневникот на Гомбрович го добив пред две години. Бев фасциниран од богатството на мислата и значењата, од стилот, од мелодиката, од знаењата што го врзуваат во неповторлива целина ова, по мое длабоко убедување, најграндиозно дело на нефикциската книжевност во Европа и во светот.

Во уметничка смисла го доживеав како највозвишена симфонија, како некаков ораториум, како оној за Ное од Ками Сен Санс. Макар што Гомбрович повеќе ги сакал квартетите на Бетовен од неговите симфонии.

Дневникот го примив и низ две други значења: таа дебела книга од 750 страници за мене беше волшебно просветление, како огромно светло во темницата на недоволно јасното, како огромен рефлектор што го осветлува хоризонтот и полето пред мене и, истовремено, сатисфакција за тоа што интензивно го работев и го работам последниве 20‒30 години, а со малку поолабавени критериуми, и цели 44. Тоа за мене беше многу важно зашто во услови на прилична осаменост и изолираност, човекот со радикални критики во однос на средината во која живее и работи, не може да не го разјадуваат и одредени сомнежи, а на моменти дури и стравови, зашто, тоа убаво го забележуваат и Сјоран и Гомбрович, средината се труди да го исфрли таквото тело на маргините или дури и надвор од себе.

Да не се разбереме погрешно, јас тука зборувам за блискоста на концептите, никакви други претензии немам. Би било не смешно туку безобразно и глупаво да правам какви било други паралели со овој Монт Еверест на уметноста. Освен, можеби, во фактот дека тој бил 24 години во емиграција, а мене тука некои пријатели ми викаа: Тричко, ти мора да живееш во внатрешен егзил!

Што беше точно.

Најмалку една деценија.

Радикалната критика на формата односно на формите на човековата уметничка, национална, политичка и секаква друга реализација, е во основата на писателската филозофија на Гомбрович. Неговата критика на полјаштвото, посебно на полската култура, е маестрална. Притоа, тој не е против формите, зашто без формата нема ништо, туку е за премавнување на постојните форми, за ослободување од нив, за преформатирање на формите, за издигнување на ново ниво, повисоко ниво, кое ќе обезбеди повеќе слобода и автентична уметност.

Пред нас денес е една книга во која е поместен скромниот обид тој пристап да се аплицира во или врз Македонија.

Македонија влезе во драмата на транзицијата и во драмата на егзистенцијата зашто се обидуваше да се сочува себеси во формите кои веќе беа истрошени, нефункционални, контрапродуктивни, во крајна линија штетни. Во инерцијата на митскиот или југословенскиот македонизам, во неверојатниот микс од империјалниот и фолклорниот македонизам дотерани како политички концепт во политичката понуда и пракса на вмро дпмне, во културата која фатена во замката на лажните критериуми престана да нè комуницира и идентификува внатре, да не зборуваме дека во однос на светот остана на нивото како да ја нема. Цело време се занимававме со одбрана на тие форми на идентитетот, наместо да излеземе не од идентитетот туку од таа форма на националната политичка реализација и комуникација со светот. Кога културата е во функција на нацијата а не на културата, кога црквата е во функција на нацијата, а не на верата, кога образованието е во во функција на нацијата, а не на знаењето и науката, тогаш ни немаме култура и образование и религија, туку форми испразнети од секаква суштина.

Ние бевме и сè уште сме робови на тие форми. На автокефалноста на мпц како врвен национален интерес или на три реченици во преамбулата, додека реалниот живот го остававме на бандитите, хохштаплерите и злосторниците и на вселенската брзина со која светот се оддалечува од нас.

Сè што браневме загубивме и тоа не е никаква штета. Штета е сознанието дека напредувавме и напредуваме благодарение на нашите порази. Затоа што имавме лошо фалсификуван идејни, филозофски и историски пасоши. Илинденскиот циклус е потрошен, а потрошен е и асномскиот низ отсуството што го беше оставил на квалитетни структури, граѓански, пред сè, во кои општеството можеше да се повлече пред налетот на внатрешниот непријател во ликот на вмро дпмне и останатата бандитерија. Гомбрович пишуваше дека со најблагородни намери сака да ги убеди Полјаците со Мицкиевич, Милош, Шопен и Кири, со Пилсудски и Собјецки, со Бруно Шулц итн. да го прифатат статусот на второстепен народ. А ние се утепавме од докажување дека сме најпрвостепен. Замислете.

Македонија и нашето разбирање на Македонија, нашиот провинциски македонизам, станаа хендикепи на луѓето и тој момент е клучен во нивните решенија да се иселуваат. Мотивите се повеќе културолошки отколку социјални.

Многу ме радува временската коинциденцијата на оваа промоција со ратификацијата на Договорот од Преспа. Во оваа книга се крие мал придонес во ориентацијата на Македонија кон овие решенија. Тие се слават и како документи во кои е извлечен максимум во однос на македонската кауза. Јас се согласувам со тие оценки, особено тоа се однесува на Договорот од Преспа. Но, тука сакам да ја истакнам величината на тие документи во едно сосема поинакво светло: тие ја скршија лушпата на традиционалниот, стерилен, патетичен, глупав провинциски, самоубиствен македонизам и од тоа јајце кое толку години го квачеше кокошката на Историјата се роди новото пиле на слободата, модерноста и европскоста. Промената е побитна од одбраната. Промената во саморазбирањето од таканаречената одбрана на идентитетот. Идентитетот е конструкција ако не се менува, односно ако нема способност да се менува и прилагодува. Тоа е тоа излегување од формите. Тоа е она што го направи Ципрас во Атина и што почнавме да го правиме тука ние со овие документи на чело со Заев. Тие договори се обид да се излезе од формите како алиби за нашата фрустрација, мрза или неталентираност. На формите што ги испразнивме од суштината, имено, низ епските и бемсислени одбрани. Македонија мора да се конституира спротивно на својата историја а не со помош на неа. За мене оваа максима е содржана овие документи. Во еден статус на фејсбук по повод еден налог на Твитер на Јасна Котеска напишав:

Во „филозофска и филолошка смисла” (Јасна Котеска), Договорот од Преспа го вади Македонецот од Театарот на соништата и го фрла на жешкиот терен на животот. Тоа не е мала промена, но тоа е сè: можеме да продолжиме да се играме себе си во сопствената претстава, но за светот и за нас релевантно ќе биде тоа што сме, не тоа што мислиме дека сме. Не знам што би можеле да сакаме повеќе од тоа, но знам дека многу лесно можеме да добиеме многу помалку.

Се надевам дека тие пукнатини врз тој и таков македонизам што се остварени во областа на надворешната политика ќе повлечат и промени внатре. Ние и внатре мораме да се конституираме врз реални основи.
Тие се заложбите во оваа книга.

Сакам да укажам на уште две димензија кои за мене беа многу важни. Ние ја следиме појавноста на нештата како што кучињата го следат механичкиот зајак во трките на песови. Таа појавност е производ на коалицијата меѓу медиумските и политичките елити односно квазиелити. Мораме да најдеме начини да го намалиме производството на тие симулакруми што би рекол Бодријар и второ да направиме обиди, како во оваа книга, да се нурнеме под нивото на тие појавности и да се обидеме да ја толкуваме вистинската суштина на нештата. И, второ, околу јазикот. Атанас Вангелов во една скорешна колумна занимавајќи се со јазикот во моите колумни, а повикувајќи се на руските формалисти заклучи дека се работи за карневализација на јазикот. Тоа е јазик со кој се пробива оклопот на тоталитарните режими кои со обичниот јазик се непробојни. Ја прифатив таа квалификација поради значењето што го покрива, но како мелодика не ми се допаѓа. Јас не сум скромен како што понекогаш изгледам и тука ќе го кажам тоа што му го кажав на јавниот обвинител кога ме испрашуваше по пријавите на Иванов и на Мицковски: јас пишувам високостилизирана политичка проза која на моменти преминува во поезија. Тоа е.

Сакам да им се заблагодарам на промоторите, на издавачот Темплум, на Слободен печат, Кома дизајн, на моите пријатлеи од Фејсбук и Твитер, на друштвото од Корзо.

Фотографии (вклучувајќи ја и корицата на книгата): Иван Илиев

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото