Излегов на улица со ангелот

30.01.2019 20:10

Излегов на улица со ангелот, како со синџир завиткан околу раката.
Побелена од варта на ѕидовите.

Мажите што ги среќавам
   ми ги лижат дланката и глуждовите,
   одблизу ме следат.
Газам врз нив како врз запалени јагленчиња,
   врз бранови, врз покриви.

   Немам никаква милост
      за мажите што ме љубат.
   Мојот синџир врз грбот им издраска змиски зеници.

Ме поздравуваат оние кои заспале
       врз работ на високите покриви,
   оние кои ги нурнале белите дробови во длабоките води
   – небаре издолжени ловечки пци –
   и ги навикнале таму да дишат.

Одоздола ме поздравуваат останатите – граѓаните. Во кома.
       Со заби скршени со метална прачка.
       Величествени клиники, посреднички.
Ме поздравуваат лишените од судбина, набиениците, кашлицата.
    Можеби под креветот осамените цевки сè уште чадат.

Излегов на улица со ангелот. Се враќам дома.
       Со синџир завиткан околу раката.

 

Превод: Лидија Димковска

Линда Марија Барос, член на Mallarmé Академијата и добитник на престижната “Apollinaire” награда, денес ја брани честа и доследноста на наградата како главен секретар на стручното жири. Како авторка што твори на француски јазик, родена во Букурешт во 1981 г., Линда Марија Барош има објавено шест стихозбирки, вклучувајќи ја Книгата на знаци и сенки (Le Livre de signes et d’ombres, награда за поетска професија, 2004), Куќата од жилети (La Maison en lames de rasoir, Apollinaire признание, 2006, репечат 2008), Автопат А4 и други песни (L’Autoroute A4 et autres poèmes, 2009) и Костурот пливач - Метрополитански легенди (The Boned Swimmer Metropolitan Legends, 2015).

Нејзините песни се преведени и објавени во 28 земји. Има напишано и две драми како и две книжевни студии а превела и повеќе од 30 книги. Линда Марија Барош докторирала компаративна книжевност од Универзитетот во Сорбона. Во Париз, каде и живее, работи како генерален секретар на Факултетот за Компаративна Книжевност, директор е на фестивалот Француско-Англиски фестивал на поезијата и главен уредник е на интернационалното поетско и визуел-арт списание за критики Ла Традуктиере (La Traductière).

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото