Глува е ноќта...

31.01.2019 18:00

Глува е ноќта сенката маглата жална
Глув е грагорот глуво е дрвото до коренот
Глув е чеканот врз наковалната
Глува е утката глуво е морето

Слепа е ноќта и каменот во почин
Слепа е тревата и класјето житно
Слеп е кртот во земјината длабочина
Слепа е семката во плодот питом

Нема е ноќта и нема е бедата
Немо е полето и нема е песната
Нема е јасноста што низ воздухот се гледа
Нема е шумата езерото и крикот вреснат

Болна е природата и сѐ во неа
И животните се болни и карпите се
Болни се чудовиштата за смеа
Болен е лудиот што бесмислици тресе

Но кој гледа? Кој слуша? Кој зборува?

 

Препев: Влада Урошевиќ

Ремон Кено (во чие презиме, етимолошки, се наоѓаат зборовите „даб“ и „куче“) е роден во Авр, во трговско семејство, а неговите родители потекнувале од Турена и од Нормандија. Во една песна, Кено вели дека татко му имал продавница, мајка му имала музикална душа (свирела на клавир), а тој не работел ништо, но бескрајно читал. Откако завршил во гимназијата во Авр, Кено дошол во Париз каде студирал филозофија на Сорбона. Истовремено, тој се обидувал да разработи математичка теорија на шаховската комбинаторика, слушал предавања за Хегел, за гностичарите и манихејците, се подложил на психоаналитичко испитување, се поврзал со Бретон, соработувал со списанието „Надреалистичка револуција“ и ги истражувал записите на бизарните иноватори. При едно патување во Грција, Кено го открил паралелното постоење на народниот и книжевниот јазик, по што ја проучувал таа појава и во Франција. Во младоста, како турист патувал од Ибица и Грција сè до Алжир и Мароко (каде го служел воениот рок). До 1938 година, во едно списание имал постојана рубрика со наслов „Го познавате ли Париз?“ Истовремено, во 1937 година станал уредник во издавачката куќа „Галимар“, каде долго време бил одговорен за Енциклопедиите. Во 1951 година, Кено бил избран за член на Академијата „Гонкур“. Умрел на 25 октомври 1976 година.

Повеќе за Кено

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото