„Формите на градот“ – изложба на Марко Вујисиќ

01.02.2019 18:35
„Формите на градот“ – изложба на Марко Вујисиќ

Четириесетина дела – слики, графики и цртежи ќе претстави младиот уметник Марко Вујисиќ на самостојната изложба „Формите на градот“ која вечерва (1 февруари) од 20 часот ќе биде отворена во галеријата „Акантус“.

Кураторката на изложбата, Дијана Томиќ-Радевска посочува дека како млад автор и жител на Скопје, Вујисиќ преку оваа изложба ни ја претставува неговата поетска слика на доживување на градот. Делата се изработени во различни техники – графика, акрил, масло на платно и комбинирана техника.

„Графити цртежите на Марко имаат свежина на прочистен цртеж, поента која соодветствува со околината, но повеќето од нив повеќе ги нема на ѕидовите на градот. Неговиот афинитет и искуство во графити уметноста, а се отсликува и во неговите слики, ја води неговата рака кон создавање форми кои изгледаат дека се бргу и бритко исцртани во техниката на акрил и масло на платно, но сепак класично се истретирани во прецизноста“, истакнува Томиќ-Радевска.

Самостојната изложба на Вујисиќ е поддржана од годишната програма за култура на Град Скопје и за посетителите ќе биде отворена до 20 февруари.