Хрватските конзервативци во напад на абортусот

02.02.2019 01:45
Хрватските конзервативци во напад на абортусот

Постојат лажни „Клиники за абортуси“ чија цел е да ги разубедат жените од извршување абортус како и болници пред кои се собираат верници кои организираат бдееења каде се молат „за живот“. Тоа се некои од неформалните начини на кои во Хрватска се води борба против женските сексуални и репродуктивни права. Меѓутоа, соочена со усвојувањето на новиот Закон за абортус, Хрватска и во правна смисла покажува дека нејзините доминантни политички ставови често се крути и се во конфликт со принципите на човековите права, особено со човековите права на жените.

Според Законот за здравствени мерки за остварување на правото на слободно одлучување за раѓање деца од 1978 година, жените во Хрватска можат законски да побараат абортус без дозвола на комисија, ако станува збор за бременост до 10-тата недела од денот на зачнување. По истекот на тој период, прекинот на бременоста може да се изврши само со одобрение од комисија. Според истиот Закон, абортусот може да се врши само во овластени здравствени установи, односно „болници кои имаат организирано одделение за гинекологија и породување и во други здравствени организации на здружен труд, кои се посебно овластени за тоа од републички управен орган надлежен за работи од областа на здравство", како што стои во Законот.

Здружението „за-живот“ наречено „Хрватско движење за живот и семејство“ во 1991 година поднело барање до Уставниот суд на Хрватска за оцена на уставноста на овој закон. Уставниот суд во март 2017 година го отфрлил предлогот на здружението со кој се барало постојниот закон да се прогласи за несоодветен, но побарал од Собранието на Хрватска да усвои нов закон во рок од две години. Актуелната важечка правна рамка, како законско наследство од поранешна Југославија, би требало да биде заменета со хрватски правен документ кој ќе го регулира правото на абортус.

Медиумите наведуваат дека со новиот закон нема да се забрани абортусот, но според препораките на Уставниот суд, треба да биде вклучен задолжителен период за размислување и едукација за таквата одлука „така што прекинот на бременоста ќе биде исклучок“. Цените на услугите за вршење на абортус може да поскапат, правата за поднесување приговор на совест и натаму ќе бидат оставени како опција за докторите и останатиот медицински персонал. Некои од предлозите на католичките конзервативци во текот на расправата за законот биле жените што се решаваат за абортус задолжително да се консултират со свештени лица. Рокот за донесување на новиот закон, кој требаше да заврши до крајот на февруари, ќе биде продолжен.

Правото на абортус изложено на удар

Паралелно со новите правни решенија, обидите за попречување на правата на жената на сигурен и законски абортус во последните години во јавниот простор во Хрватска стануваат сè посилни и „покреативни“. Ако ги впишете зборовите „абортус“ и „Хрватска“ на Google, еден од првите резултати ќе биде „Клиниката за абортус“. На прв поглед, ќе ви изгледа дека тоа е место кое овозможува вршење на абортус, но всушност се работи за пропагандна веб-страница, чија цел е да ги исплаши жените за тиа да се обесхрабрат во намерата да абортираат.

Дел од бројните последици од абортус што ги наведува „Клиниката за абортус“ се: алкохолизам, развивање зависност од пушење, самоубиствени намери, нарушувања во исхраната, запуштање или малтретирање на децата, разводи на бракови и долготрајни проблеми во врските, исекотини на грлото на матката, компликации во идни бремености, рак на дојка, па дури и смрт. Авторите на содржината на страницата исто така наведуваат дека „кај 30-50 проценти од жените кои абортираат се појавува сексуална дисфункција, која може да биде краткотрајна и долготрајна и која започнува веднаш по абортусот“, цитирајќи истражување од 1977 година. Судејќи по врската (линкот) која од веб-страницата води до Фејсбук страницата на Хрватската иницијатива „за-живот“, проектот е поддржан од конзервативни групи кои се залагаат за забрана на абортусот во Хрватска.

Зајакнувањето на конзервативните, католички ориентирани струи во Хрватска започнаа со падот на комунизмот, а нивното ширење беше поттикнато од поддршката на националистичките политички лидери. Црквата сé поотворено почна да влијае на кроење на јавните политики во Хрватска, а бројот на Хрвати кои ги следат нејзините ставови се зголемуваше.

Така, на пример, хрватските лекари и други здравствени работници, согласно Законот за лекари и Законот за медицински сестри, имаат право на т.н. „Приговор на совеста“, односно тие можат да одбијат вршење на абортус ако не им дозволуваат нивните етички, морални или религиозни убедувања. Најголем дел од хрватските лекари кои одбиваат да учествуваат во абортусите се одлучуваат на тој чекор затоа што се католици. Според пишувањата на хрватските медиуми, правото на повикување на совеста се користи сè почесто, со што на жените им се ограничува пристапот до здравствени услуги и остварувањето на нивните сексуални и репродуктивни права. Во новинарското истражување од април минатата година, хрватскиот весник „Новости“ објави дека во Сплит, на пример, речиси е невозможно да се направи абортус во тамошниот Клинички центар.

Новинарките на весникот „Новости“ отпрвин се претставиле како пациентки кога телефонски се обиделе да закажат термин за абортус во јавните болници во Сплит, Загреб, Винковци и Пожега, на што им било одговорено дека тие установи не извршуваат такви зафати. Но, кога упатиле официјален допис како новинарки, барајќи информации за тоа дали вршењето на абортус е можно, добиле поинакви одговори - дека абортусите во некои болници сепак се извршуваат. Но достапноста на услугите често се отежнува со давање неточни информации и одговори за абортуси, покажало истражувањето на хрватскииот весник „Новости“.

Во неодамнешен случај во Загреб, кој една млада жена го пријавила до Хрватската лекарска комора, лекарката која работела во една аптека одбила да издаде контрацептивни апчиња, повикувајќи се на своето право на приговор на совеста. Пациентката имала рецепт за апчињата и истите ѝ биле препишани поради преобилно менструално крвавење.

Од 2014 година, католичките групи пред хрватските болници два пати годишно организирано се собираат за да учествуваат во т.н. „Бдеења против абортус“ на кои се молат жените кои сакаат да направат абортус да не го сторат тоа. Хрватските активисти „за-живот“ се дел од глобалното движење „40 дена за живот“, што е молитвена иницијатива за заштита на мајките и неродените деца. Иако тие се нарекуваат „мирољубиви“, за многу жени таквите собири се вознемирувачки, според мислењето на феминистичките организации и лево ориентираните политички партии.

На почетокот на ноември оваа година заврши есенската кампања на движењето „40 дена за живот“, во која за 40 дена околу 2.700 молитвеници извршиле бдеења во 29 градови, според информациите од страницата „40 дена за живот“. Како најголем успех на кампањата се вели дека биле „спасени два детски живота во Хрватска и повеќе од 400 спасени животи во други земји“.

Какви промени донесе кампањата против правото на абортус

Поранешна Југославија го вклучи правото на абортус во својот Устав уште во седумдесеттите години од минатиот век. Во член 191. од Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија од 1974 година дефинирано е дека „човекот има право слободно да одлучи за раѓање деца“. Според податоците на Светската здравствена организација, во Хрватска во 1980 година бил извршен 701 абортус на 1.000 родени.

Три и пол децении подоцна, Хрватска ја има една од најниските стапки на абортуси во Европа. Балканската истражувачка новинарска мрежа (БИРН) наведува дека е регистриран сооднос помеѓу абортуси и родени деца од 76 на 1.000 во текот на 2014 година, што е најниската стапка во регионот. Според извештајот на БИРН во 2016 година, во Албанија има сооднос од 156:1.000, во Црна Гора 168:1.000, во Словенија 196:1.000, во Македонија 201:1.000, во Србија 259:1.000, во Романија 401:1.000 и во Бугарија 416:1.000.

Глобалниот пад на бројот на абортуси може се должи на подобрувањето на нивото на знаење за сексуалното и репродуктивното здравје и користењето на контрацепција, но на овие бројки, според активистите за женски права, значително влијание имаат и конзервативните групи и кампањите што тие ги водат во борбата против абортусот.

Поради стравот од осуда од општеството и поради пречките во остварувањето на своите права во јавните клиники, жените во Хрватска почесто одлучуваат да им се изврши абортус во градовите и државите каде што тоа можат слободно да направат, а некогаш дури го прават тоа незаконски или во приватни клиники. Хрватските медиуми во последно време многу често известуваат за нелегални абортуси што се вршат во установи кои не се лиценцирани за тоа. Општествените, економските и здравствените ризици од таквото ограничување на правата што одамна се стекнати се многубројни.

Како да се спротивставиме на ударот од конзервативците врз женските човекови права

Активистите за човекови права се обидуваат да се спротивстават на ударот на женските права преку протести, онлајн кампањи и со подигање на свеста за женските човекови права, но конзервативците се чини дека засега се погласни, посилни и имаат поддршка од добар дел од власта.

Доминантниот патријархален наратив може да биде загарантиран ако жените, кои сочинуваа 51,7 проценти од населението во Хрватска во 2018 година, не се спротивстават. Сепак, поголемиот број жени во Хрватска честопати не се ни свесни за своите права и слободи во Хрватска, за одлучувањето за својот живот и самостојното правење сопствени избори.

Дури откако тоа ќе се смени, жените во Хрватска ќе можат да здивнат.

Лидија Пискер е новинарка и истражувач од Босна и Херцеговина. Таа најчесто пишува за теми поврзани со заштита на човековите права и демократија за регионални и меѓународни медиуми. Таа е добитничка на наградата од Обединетите Нации за подигање на јавната свест за борбата против дискриминација и заштита на правата на децата.

Слики: Nancy Spero

Извор: Respublica