Книгата „Поткултура: Значењето на стилот“ објавена на македонски

02.02.2019 14:26
Книгата „Поткултура: Значењето на стилот“ објавена на македонски

„Поткултура: Значењето на стилот“ на Дик Хебдиџ, првично издадена во 1979 година, досега не беше преведана на македонски јазик.

Книгата се фокусира на британските поствоени, младински поткултури и стилови во Британија како симболична форма на отпор. Хебдиџ го потенцира историскиот, социо-економскиот, класниот, расниот и мас-медиумскиот контекст во кој секоја од поткултурите се развива. Тој презентира и модел за анализа на младинските поткултури како што се тедибојсите, модсите, рокерите, скинхедите и панкерите.

Хебдиџ го утврдува заедничкиот отпор кон британските национални симболи како „заедничка тема“ која ги поврзува тие поткултури. Дополнително, тврди Хебдиџ, претприемачите, бизнисот, секогаш брзо наоѓаат начин како стилот или музиката на одредена поткултура да ги направат производ за широка потрошувачка. На овој начин, она што некогаш било субверзивно, радикално, знак на отпор, сега веќе ги нема тие карактеристики, се претопува во доминантната култура.

На промоцијата што се одржа на 31 јануари во клубот ГЕМ, за „Поткултура: Значењето на стилот“ Славчо Димитров рече дека е една од највлијателните книги кои обработуваат теорија на поткултури, а денес слободно може да се нарече класика, неизбежна и задолжителна референца во студиите на поткултурите, и културните студии и критичката теорија воопшто. Тој ја препорачува „Поткултура“ на Хебдиџ како книга која треба да претставува задолжително четиво за љубопитните умови и критички зналци од различните дисциплини во рамки на општествените и хуманистички науки, но и сите уметници, културни работници и борци за еднаквост и правда.

Книгата „Поткултура: Значењето на стилот“ на Дик Хeбдиџ е издадена од Фондацијата Отворено општество – Македонија, преводот од англиски е на Ема Маркоска Милчин и Гордана Стошиќ.

Стручната редакција е на Владимир Милчин, кој на промоцијата истакна дека ова издание на Фондацијата е едно од клучните за теоријата на отпорот и културата.

Оваа промоција беше последна од активностите на клубот ГЕМ, кој престанува да функционира, а во кој изминативе десетина години се одржаа стотици настани, предавања, обуки, работилници, дебати и промоции.

Програмската директорка на ФООМ, Славица Инџевска се заблагодари на сите кои допринесоа за значењето и улогата што ја имаше ГЕМ и рече дека се надева дека ќе се појави некој друг сличен простор во градот.

 Фотографии: Ванчо Џамбаски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото