Вивиан Маер – живот во сенка

02.02.2019 17:21
Вивијан Маер – живот во сенка

За големата фотографка, воздржаната и повлечена Вивијан Маер, која зад себе оставила грст спомени за животот на луѓето и за улицата во Америка, пошироката јавност дозна дури по нејзината смрт.

Мистериозната фотографка ја вработувале како дадилка, ја опишувале како љубезна, но ексцентрична жена, која го штитела својот приватен живот и со себе имала голема резерва кутии со фотографски филмови.

Зад себе оставила преку 100.000 негативи, кои никој – па ни таа самата – не ги видел. Нејзиното дело е откриено случајно, кога колекционерот Џон Малуф ги пронашол негативите и го открил нејзиниот скриен талент; тогаш фотографиите на Вивијан се вброени меѓу најдобрите улични фотографии на 20 век.

„Мислам дека ништо не е создадено за да трае вечно. Мораме да направиме место за другите луѓе. Тоа е како тркало. Кога ќе тргнеш, мора да одиш до крај. И тогаш некој има прилика да отиде до крајот и така продолжува, некој друг зазема туѓо место. Нема ништо ново под сонцето“, изјавила Маер во едно од интервјуата.

Иако е родена во Њујорк, детството го минала во Франција со мајка ѝ Мари Жасо. Неколку години семејството живеело во Њујорк, каде што татко ѝ работел како инженер. Во Америка се враќа во 1951 година, каде што до крајот на животот работи како дадилка. Своето слободно време Маер го користела за фотографирање разни глетки, најчесто на улиците на градот, каде што и доаѓа до пресврт во нејзината работа. Почнува да снима со квадратен формат, купува Rolleiflex камера и го менува начинот на композиција. Ја фаќа спонтаноста на уличните сцени и оформува стил по кој подоцна ќе стане препознатлива.

Доследното фотографирање во текот на пет децении на крајот резултирало со преку 100.000 негативи, од кои повеќето настанале во Чикаго и во Њујорк. Вивијан дополнително се впуштала во својата сопствена посветеност на документирање на светот околу себе низ рачно правените филмови, снимки, интервјуа и збирки што даваат увид во најфантастични глетки од американскиот живот во 50-тите и 60-тите години.

Најмногу сакала да фотографира луѓе на маргините на општеството, деца, старци, црни слугинки, клошари и сиромашни луѓе, кои даваат друга слика за „богатата и успешна“ Америка. Често се фотографирала и самата себе во разни излози, што упатува на нејзиниот цврст став, но и на интимноста што не сакала да ја дели со другите. Своите дела никому не ги покажувала.

Била многу чувствителна кога станувало збор за општествено-маргинализираните, што може да се протолкува и како активистички дух материјализиран во уметност. Љубопитна и незапирлива, и покрај скромните приходи, патува по светот и со својата камера бележи значајни мигови од различни човечки состојби.

„Ова се дела што ме потсеќаат на Даен Арбус, но тие се настанати пред нејзините, што значи дека Вивијан со поголемиот дел од тоа што го направила била пред своето време“, вели Лени Силвермaн, кустос во музеј во Чикаго, спроти отворањето на нејзината прва изложба.

Има само една личност на која може да ѝ се заблагодари за откривањето на уметничкото богатство што го создала. Џон Малуф во 2007 година на аукција купил кутија преполна со негативи, кои набргу ги развил и, свесен за значајноста на делата, ја објавил книгата Vivian Maier – Street Photographer. Пред две години премиерно е прикажан и филмот Finding Vivian Maier.

Сепак, тешко е да се замисли толку интензивно приватна личност изложена на јавноста и на создавањето возбуда околу нејзините дела. Тоа го загрижува Малуф, кој се надева дека е во ред тоа што го прави.

„Таа немала љубовен живот, семејство, навистина никого што бил во нејзина близина. Единствената работа што ја имала е слободата со својот апарат да се изразува себе и тоа сакала да го зачува како тајна. Сакам да ѝ кажам дека може да му ја покаже на светот емоционалната страна, зашто нејзините дела ќе им се допаднат на луѓето и ќе ги инспирираат.“

Извор: voxfeminae.net
Превод: Ѓ. З.

Слични содржини

Фотографија / Уметност
Фотографија / Психологија / Око
Фотографија / Уметност
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Фотографија
Фотографија / Живот / Уметност
Фотографија / Gif / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото