Ледената белина на ѕидовите на албумот „The Wall“

04.02.2019 01:15
Ледената белина на ѕидовите

Обидот за создавање „глобални метафори“ е еден од најсигурните кратки патишта кон уметничко промашување: историјата на уметноста, книжевноста особено, е преполна со тажно недовршени споменици на творечката суета. Секако, тоа никако не значи дека не постојат дела кои во себе ги сумираат искуствата од цели епохи - има, но изненадувачки најголемиот дел од нив се зачнати како плод на интровертни настојувања да се одгатнат некои сосема лични прашања: Елиот ја опишал Пустата земја како „сосема приватно старечко мрморење“; Кафка своите дела ги осудил на смрт, убеден дека никому освен него не може да му значат нешто; Џојс својот Даблин го градел најпрвин за себеси, како горчелив противотров за смртоносната носталгија; слично важи и за Макондо на Маркес. Длабоко личните интимни уметнички искази по правило имаат повеќе шанси да достигнат универзалност, отколку оние кои свесно настојуваат да го соберат и објаснат колективното искуство на генерациите или епохите, за незабележливо да се шират да исчезнуваат во маглата на апстракциите која не сумира и објаснува ништо. Албумот The Wall покрај озлогласената „глобална метафоричност“ во себе носел уште една темпирана бомба: станува збор за таканаречен „концептуален албум“. Кон крајот на седумдесеттите, таквата ознака во светот на рок музиката најчесто била второ име за претенциозна будалаштина која немилосрдно ја открива недораснатоста на авторот за сопствените мегаломански амбиции. Притоа, единствениот грев на таквиот уметнички потфат се согледува во обидот за поврзување на музиката со другите уметнички медиуми - најчесто со книжевноста. Зашто, основна амбиција на секој концептуален албум е да раскаже приказна, и тоа на начин значително поконкретен од она што вообичаено го прави музиката.

Право на сопствен живот

На Роџер Вотерс, вистинскиот автор на албумот потпишан со името на групата Пинк Флојд, ни тоа не му било доволно: The Wall од самиот почеток бил замислен како мултимедијален потфат, без вистински претходници во дотогашната историја на популарната култура; за приказната што сакал да ја раскаже му биле неопходни албумот (кој може да се чита и како заокружена, грижливо компонирана збирка поезија), сценски спектакл и филм. На многумина тоа однапред им послужило како повод за сомнеж, дури и за потсмев: задачата на бас гитаристот е да свири бас и можеби овде или онде повремено нешто за запее, ако знае - алегориските прикази на човечката егзистенција треба да им се остават на „вистинските“ уметници, особено во времето во кое песните веќе почнаа неповратно да влегуваат во триминутниот формат на Ем Ти Ви, соодветен за ненаметливо пополнување на времето помеѓу два блока реклами. А, Вотерс си имал мака: The Wall пред сѐ бил негов начин сопствениот живот без милост да го разложи на делови. Задачата му била мошне олеснета заради фактот што тој живот веќе бил во состојба на распаѓање: големиот бенд полека се гаснел; заедно со него и верата на Вотерс во смислата за авантура која заедно со несреќниот Сид Берет ја почнал во Кембриџ петнаесетина години претходно; долгиот и болен развод мачно го потсетувал колку во светот на индустријата за забава е залудно да се бара правото на сопствен живот.

Му се чинело дека неговиот живот им припаѓал на сите освен нему. Таа многуслојна фрустрација го довела до моментот кој претставувал иницијатор за создавање на идејата за Ѕидот: на концертот во Монтреал, на 6 септември 1977 година, повикал еден од обожавателите од групата на оние кои во првите редови мошне нападно ја изразувале својата наклонетост да му пријдат поблиску - а потоа го плукнал. Тоа бил ирационален гест на отпор кон сите кои неповикани сакаат да влезат во неговиот свет, гест на човек кој заборавил дека тој свет самиот го понудил на продажба. Тогаш почнал да размислува за ѕидовите кои околу себе несвесно ги подигнуваме за да се заштитиме од оние кои другите ги подигнале околу нас. Таквите размислувања секогаш водат само во еден правец: наназад, преку носталгијата за грдото минато кое сепак било подобро од поганата сегашност, до прапочетоците во кои се поставени темелите на сите темнини во кои сме избрале да живееме. Од тој свет испливал дури две години подоцна, носејќи ја со себе приказната со наслов Ѕид, која за да биде раскажана не бил доволен само двоен албум: таа приказна беше преточена и во филмот на Алан Паркер, како и во светски спектакл, мегаломански дури и според критериумите кои со години ги поставувале токму Роџер Вотерс, Дејвид Гилмор, Ричард Рајт и Ник Мејсон, сите полабаво поврзани во гупата со име Пинк Флојд. Албумот The Wall ги раскинал и последните врски меѓу нив, и истовремено го означил крајот на еден период во историјата на рокенролот - оној во кој сѐ уште било можно да се пишуваат епови.

Моќната, длабоко проживеана поезија на Вотерс добила соодветна грандиозна музичка подлога: лебедовата песна на бендот за распаѓањето е овековечена на два винили кои ги принудиле критичарите кои тогаш се подбивале со таквите потфати, сепак да им оддадат признание. Приказната која ја раскажал Вотерс имала, како и сите вистински големи приказни, хипнотичка моќ која на слушателот на му оставала можност за избор: го вовлекувала во својот мрачен тунел во кој на другиот крај го исфрлала зашеметен и збунет. Ако воопшто го исфрлала; The Wall бил затворен круг, започнат и завршен со реченицата која се влева самата во себе: Isn’t this where we came in? Во безизлезноста најавена со ова прашање е изгубен главниот јунак од приказната на Вотерс; неговото име е Пинк, презимето е Флојд: секоја евентуална сличност со постоечките личности, секако, е сосема случајна.

Кодот на ѕидот на времето

Како што е сосема природно настојувањето да ги препознаваме таквите сличности: метафората на ѕидот е воведена во песната „Another Brick in the Wall, Part 1“, која корените на трауматското детство на Пинк ги пронаоѓа во загинувањето на неговиот татко, пилот, во Втората светска војна. Идентичен настан бил и првата цигла во ѕидот зад кој зборува Роџер Вотерс, обилно дарувајќи го Пинк со својот немоќен гнев, сведен на библиското прашање: daddy, what d’ya leave behind for me? Некои од можните одговори на ова прашање нуди „Another Brick in the Wall, Part 2“ - секако една од клучните песни на албумот, и тоа најмалку заради фактот дека стана најголем хит во историјата на групата Пинк Флојд. Меѓу другото, фактот е повеќекратно ироничен: субверзивната химна на анархијата, попанкерска од секој панк (која по објавениот албум London Calling на групата Клеш, го достигна својот зенит), се искачи на првото место на британската топ листа веројатно во најнесоодветно можен момент - непосредно пред Божиќ. Наместо пригодни пораки за мир, добрина и љубов, песната во хипнотички ритам на диско-марш нудела огорчен протест против контролата и униформирањето на детските мисли во училниците, будејќи јасни асоцијации на морничавата, сублиминална хипнопедија од Храбриот нов свет на Хаксли. Целите на школувањето, според Хаксли и Вотерс, се сведуваат на произведување духовни клонови, на претворање на јас во ние. Децата во хорот на Вотерс веќе поминале низ таа трансформација: неповратно напикани во прво лице множина, тие само сонуваат бунт - како момчињата (кога веќе се занимаваме со дистописки референци) кои во Господарот на мувите на Голдинг глумат анархија во наметнат модел на општествено уредување, наследен од светот на возрасните. Музички облагородена со филигранскиот труд на Дејвид Гилмор, песната на вистински начин ги одјавила седумдесеттите и го најавила новото, оловно време.

Пинк тоа време го поминува во шарена облека на дворски шут, поточно во костум и улога на рок ѕвезда која со хедонизам на очајник во вртоглаво пропаѓање поминува низ задолжителната програма на пороците и стигнува до очекуваната крајна дестинација: празна хотелска соба и отворена телефонска врска во која на другиот крај нема никој. „Чуму бесмртност, ако не постои живот?“, е прашање кое порано или подоцна си го поставуваат сите оние на кои индустријата за забава им подарила илузија на неограничена моќ и неограничено траење; Пинк на тоа прашање одговара со обид да стапи во нов живот. Во него ќе се претвори токму во она што го убило во претходниот живот: отелотворување на фашистички бруталната контрола на мислата и чувствата, диктатор кој управува со масите затоа што не е во состојба да господари самиот со себе. И кој, бидејќи самиот ги создава законите, на крајот ќе мора да си суди себеси. Загадочниот, отворен крај на тоа судење, многу наликува на она од најпознатиот роман на Франц Кафка: и во него процесот се одвива пред сѐ во главата на Јозеф К.; затоа и е толку неизбежен и неумолив, и затоа може да има само еден исход.

Така, The Wall, започнат и завршен како сосема лична егзорцистичка сеанса, патем израсна и во своевиден реквием. Ѕидот на Вотерс се претвори во надгробен споменик на едно време; зад утопискиот гламур од седумдесеттите демнела мрачната дистопија на деценијата која била на прагот. Тешко дека некој од оние кои пред Божиќ 1979 година го купувале „Another Brick In The Wall“ помислил на такво нешто: со таа песна многу добро можело да се танцува...

Илустрации: Gerald Scarfe

Извор: https://www.vreme.com

ОкоБоли главаВицФото