Инцидент(и)

04.02.2019 02:29
Инциденти(и)

Неверојатниот успех на филмот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов на Филмскиот фестивал во Санденс (САД) – со дури три награди: Grand Jury Prize за светски документарен филм, special jury prize за камера (Фејми Даут и Самир Љума) и специјална награда на жирито „for impact for change“ – е нешто што ретко се случува кај нас. Нешто на ниво на соништата! Што, сигурно, и не се случило претходно. И тие млади, таму во Санденс – за разлика од овој шљам овде (со должно извинување на малубројните исклучоци!) – се вистинските претставници на македонската (индивидуална) култура, не само заради наградениот филм, туку и заради нивното однесување и јавно искажаните пораки. Такви луѓе ѝ требаат на македонската култура и само тие всушност можат и да ја извадат од оваа кал! Зошто? Бидејќи се неоптоварени од нашите партии и нивните лажни културни програми, од нашите „национални величини“ и нивните божемни вечни дела за народот и државата, бидејќи (да простите) ги заболе за нашите лични, групни и етноцентристички „културни политики“! Тие сакаат да работат, во нормална културна (и незагадена!) средина, и да се натпреваруваат со идеи и творештво а не со малверзации, клиентелизам и етнички трла!!!

Но, токму (и) заради тоа се осмелив целиот настан, несомнено многу важен за македонската култура, да го крстам „инцидент“, со идеја уште повеќе да го потенцирам неговото значење! Зашто, одамна веќе, успесите на македонската култура се рамни на инцидент(и), исклучоци што го потврдуваат правилото дека без сериозни културни политики, без професионален пристап и компетентни луѓе, кај нас меѓународните – и не само меѓународните – успеси се циклични, на ниво на гром во коприви, секоја престапна година, па и поретко.

Честитајќи им го уште еднаш историскиот успех на младите македонски синеасти, а со жалење што морам да ги спомнам (и) во ваков контекст, сакам да кажам дека кај нас веќе никој и не се прашува зошто македонската култура / уметност и нејзините остварувања не се почесто присутни во самиот врв на европската, па и светската културна сцена, зошто имаме сè помалку индивидуални авторски успеси забележливи и од меѓународната критичка јавност? Не дека мислам, или тврдам дека култури од (сличен на) нашиов формат, па и поголеми / побогати / „позначајни“ секојдневно произведуваат ремек дела, ама факт е дека нашето присуство на меѓународната сцена е минорно. А еднакво е и присуството на македонската култура на домашната јавна сцена. Минорно. Во однос на квалитетот визави парите што се трошат на секакви „културни“ и „уметнички“ идиотштини, се разбира. И тука се крие основната причина за нашите состојби, кои што не се од вчера, но затоа настојчиво се подгреваат и за денешниот некултурен ручек на македонската политичка „елита“. Во разни кујни, најчесто партиски, но и во многу лукративни лично-групни зачадени балкански меани.

И токму за таквите состојби говоревме цела деценија: дека развојот на културата, финансирањето на културните потреби, стимулирањето на уметничкото творештво не можат да зависат од волјата на поединци и групи, од желбите на партиите или нивните министри, дека идниот културен развој во државата ќе „се раководи од визијата за демократски, плурален, секуларен, слободен, динамичен, рамномерен и одржлив културен развој заснован на рамноправен пристап и учество, како и на одговорно и ефикасно раководење, поаѓајќи од уверувањето дека правото на култура е основно и неприкосновено човеково право“.

И заради тоа новата културна политика треба(ше) да „се застапува за професионализација, институционална и вонинституционална автономија, департизација и децентрализација во дејствувањето во социо-културниот контекст“. А во тој (нов) социо-културен контекст позитивните „инциденти“ треба(ше) да преовладуваат на сметка на оние другите, оние кои сè уште ги паметиме како непристојни и денес непосакувани реал-политички инциденти повампирени божем од времето на соцреализмот. Во таа насока новата културна политика треба(ше) вистински да ја гарантира автономијата на уметничкото творештво – патем, сетете се на неодамнешниот етничко партиски скандал на веков токму со филм насловен „Ругање со Христос“! – да се создаваат услови за негување на слободата и разноликоста на творештвото, да се негуваат уметничката извонредност, експеримент и иновација, дека финансиските средства во културата нема да се распределуваат нетранспарентно, дека нема да има мешање на централната власт и на политичките партии во работата на културните установи, што по правило резултираше со нарушена автономија, кршење на професионалните норми на работа и суштинско изумирање на дел од институциите итн.

Новата културна политика и усвоената Национална стратегија ја „гарантира слободата на уметничкото творештво и правата што произлегуваат од него. Тоа не е само обврска, туку и стратегиска намера да се создаде клима на поддршка и поттикнување на уметничкото творештво и развој на творечките таленти на граѓаните. Тоа подразбира на уметниците да им се обезбедат услови за творење, како и амбиент за едукација и обука, заштита на правото на здружување и унапредување на нивните социјални и авторски права.

Како членка на ОН, УНЕСКО и на Советот на Европа и како слободна и демократска држава, Република Македонија е должна континуирано да ја негува и да ја унапредува слободата на уметничкото творештво, затоа се нагласува уставниот принцип дека: слободата на уметничкото творештво е неприкосновено право на секој поединец, независно од неговите политички, етнички, религиозни и други убедувања, и не подлежи на никакви политички или какви било други притисоци и ограничувања, манипулации и забрани“. Или, ако сакате, ваквите „гаранции“ требаа да се ефектуираат веќе во првите година-две од стапувањето во сила на Националната стратегија. Е тие две години бргу изминаа. Што направивме? Ништо!

А не треба(ше) да направиме многу. Не, барем во рамките на некоја нормала, нешто што сите го очекувавме, посакувавме, го баравме последнава деценија! Требаше само да се (за)држат малку по страна партиските неспособни липицанери, да се зауздаат (омилен термин на шмизлана!) абнормалните апетити на „националните“ културни ползачи од типот на мојот (не)пријател режисерчено-кодошче, оној биографон и уште неколку индивидуи и групички незаситни криминогени аминџии на сите власти и системи во државава, да се стави крај на етничкиот културен криминал. И сè ќе беше поинаку: немаше кодошчено повторно да го изеде целиот филмски буџет; немаше на конкурсите да превладуваат мои/твои/наши партиски и ини пријатели и пријателчиња, најчесто со сомнителен кредибилитет и никакво творештво; немаше државата да влегува во секакви „творечки“ дубиози без сериозен критички упат и дијагноза; немаше етно-партиските бирократи да го празнат културниот буџет исклучиво за свои интереси, итн.

Инаку, да не биде дека само филмот е проблематичен во локалнава културна крчма – иако, де факто е еден од најпроблематичните зашто врти најголеми пари! – не смее да се прескокне и најсвежиот пример со нашиот овогодишен избор на претставник за Меѓународното уметничко биенале во Венеција. И таму, повторно како „инцидент“, ќе нè претставува една сериозна уметница (Нада Прља) со респектибилен проект. Првпат после толку години на учество на безвредни партиски пулени и нивни испрдоци од некого крстени како – уметност. Проектот на Нада Прља, за среќа, е нормален, современ, искусен, глобално-локален, сериозно обмислен, светски спакуван, творечки релевантен … За разлика од, на пример, партискион циркузант Аџиевски, и оние многумина пред него.

Но, и тука повторно, како и секогаш кај нас, има едно „но“: никој, никаде, особено во медиумите, не ги спомнува сите непристојни бирократски манипулации и притисоци што го следеа изборот на овој проект? Особено она дека „Република Македонија е должна континуирано да ја негува и да ја унапредува слободата на уметничкото творештво, затоа се нагласува уставниот принцип дека: слободата на уметничкото творештво е неприкосновено право на секој поединец, независно од неговите политички, етнички, религиозни и други убедувања, и не подлежи на никакви политички или какви било други притисоци и ограничувања, манипулации и забрани“? И оваа Влада ли, преку нејзиното Министерство за култура, го заборави овој темелен принцип во интерес на партиските мамнипулации и пазарења (и) во културата?

Слики: Alexey Kondakov

Извор: Теодосиевски: За уметноста

 

ОкоБоли главаВицФото