Табу темите низ призма на македонските новинари

04.02.2019 16:16
Табу темите низ призма на македонските новинари

Бев почетник во новинарските води кога за прв пат ми се укажа можноста да посетам јавен настан за предизвиците на ЛГБТ заедницата во Македонија, а потоа и да известувам за истиот. Со оглед на тоа дека растев во општество кое пропагираше дискриминаторски говор кон сексуалните и родовите малцинства, заинтригирана бев да дознаам што е она што толку ги вознемирува луѓето кога станува збор за оваа заедница.

Беше тоа панел дискусија на која се отворија многу горки прашања. Иако траеше едвај еден час, беше сосема доволно за да сфатам дека цел живот сум живеела со погрешна перцепција за ЛГБТ луѓето, секако, благодарение на распространетоста на хомофобични и трансфобични ставови што медиумите ги ширеле свесно или не.

Но, токму тој ден, можев одблизу да се запознаам со предизвиците со кои се соочуваат овие лица. Почувствував голема емпатија кон нив, бидејќи нели на хартија, сите сме еднакви, но во пракса тоа било поинаку, барем за нив. Зедов изјави од повеќе говорници и брзав да се вратам во телевизија за што побргу да го споделам со гледачите она што го научив.

Кога се вратив во редакцијата, полна со ентузијазам дека конечно ќе обработувам нешто поразично од политички вести или класична економска пропаганда, не наидов на истото одушевување. Го избрифирав уредникот за настанот. Тој почна да се смее. Му се придружија и колегите. Не ми се веруваше на очите.

„Може ли да знам што се случува? Што е смешно?”, ги прашав.
„Се слушаш ли што зборуваш? Ти си смешна! Драго ми е што ти се допадна настанот, ама ние за хомосексуалци нема да известуваме”, одговори уредникот и продолжи да се смее.

Тешко воздивнав. Се обидов да се соземам и да му објаснам дека темата е од јавен интерес и дека граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината за проблемите со кои се соочуваат “оние различните од нас”. Со потсмев, уредникот само одмавна со раката и си замина.

Следните неколку години, уште неколку пати предложив да известувам за настани поврзани со табу темите во земјава, но не ми беше дозволено. Наместо тоа, наидував на саркастични забелешки, а откако добро ќе ми се изнасмееја во лице, ме праќаа да информирам за квази политичките настани.

Неколку години подоцна, континураното игнорирање да се известува за сексуалните и родовите малцинства, да се креираат стереотипи, предрасуди и погрешни слики, се повеќе го разгорува револтот во мене. Се прашувам, зошто да се преправаме дека одредени нешта не постојат? Ако ги игнорираме, дали значи дека тие ќе исчезнат сами по себе? Секако дека не.

За жал, разочарувачки беше тоа што не само моите уредници, туку и голем дел од колегите го делат ставот дека за некои теми не е “дозволено” да се известува. Истите колеги се категоризираат како објективни и непристрасни новинари. Кого лажеме дека сме објективни? Дополнително, лицемерни сме кога велиме дека со нашите текстови се бориме за праведна држава, а ЛГБТ заедницата ја изоставуваме од демократскиот јавен дискурс.

Сега веќе кристално ми е јасно зошто народот ја загуби довербата во новинарството. Зашто не сме веродостојни. Зашто не известуваме инклузивно. Зашто се преправаме дека некои нешта не постојат. Зашто прегледуваме низ прсти на многу неправди. Зашто наш императив не секогаш е доброто на народот. Се додека ја зборуваме селективната вистина и шириме говор на омраза, ние не смееме да се наречеме чувари на јавниот интерес.

На крајот на денот, убавината се крие токму во различностите.


 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото