Чешка: Ксенофобичниот премиер и неговите работници од странство

05.02.2019 02:17
Чешка: Ксенофобичниот премиер и неговите работници од странство

Во малото место во североисточниот дел на Чешка дува многу студен ветер. Единствениот ресторан во местото е затворен. Човекот дојде на железничката станица. Разговорот мора да се одвива тука, за да неговите колеги со коишто живее не дознаат дека се среќава со новинар. Во чекалната е многу студено. Но и таа ја заклучи чуварот, па за седење остана само една клупа надвор на ветерот. Човекот е слабо облечен и се гледа дека му студи. Триесетишестгодишниот Ван Га Нгиен всушност има друго име, но ме замоли да не му го откривам идентитетот. Тој потекнува од Виетнам и као и илјадници други негови сограѓани дошол во Чешка да си ја бара среќата и да заработи пари.

Како што ни раскажа, на еден посредник од Виетнам му платил 14.000 долари за да му помогне да ги среди бирократските пречки. По неколкумесечна процедура тој стаса да работи во една чешка фабрика за живина. Но, наместо она што му било ветено, таму го дочекала тешка исцрпувачка работа за многу помалку пари од чешкиот минималец.

Двојна игра на премиерот

Фабриката во Мировице која се наоѓа на речиси 80 километри југоисточно од Прага е во сопственост на актуелниот премиер Андреј Бабис – милијардер и популистички политичар, кој во јавноста отворено зборува против миграцијата и илегалното доселување. Ваквиот став на последните избори му донесе многу гласови. Но, во фабриките, сопственост на неговата компанија „Агроферт“ работат многу гастербајтери од земји кои не се членки на ЕУ, меѓу другото и од Виетнам, Украина и Монголија. Без нив, „Агроферт“ како и многу други претприемачи во земјата не би можеле да функционираат поради екстремниот недостаток на работна сила. Работниците се мизерно платени, а голем дел од нив во земјата се влезени под сомнителни околности.

Исто како Ван Га Нгиен. Овој заварувач по струка е женет во Виетнам и има две деца. Неговиот план е да поработи неколку години во Европа за да заработи пари за семејството и по враќањето во Виетнам да си отвори работилница. Посредникот со кој стапил во контакт му ветил „лесна работа во една фабрика за живина за 1000 долари месечно", раскажува Нгиен. Тоа е пет пати повеќе од виетнамската месечна плата. Во Виетнам е речиси невозможно без платен посредник да добиете работна виза за странство. Ван Га Нгиен на рати му исплатил 14.000 долари. За дел од парите зел кредит од банка, а дел од приватен хипотекарен кредит. „На почетокот од 2016 година посредникот закажа термин за интервју во чешката амбасада", вели Нгиен. „Однапред ги знаев прашањата во конзулатот и речиси веднаш потоа ги добив документите."

Крвава фабричка лента

Во април 2016 година Ван Га Нгиен почнал да работи во фабриката за живина „Вонданаска“ во Митровице. Тој е еден од четириесетината Виетнамци кои работат таму. Фабриката „Вонданска“ со години е една од главите теми во медиумите поради лошите услови за работа и голем број случаи на илегално вработени лица. И Ван Га Нгиен го доживеа тоа: Тој бил поставен на почетокот од фабричката лента и морал илјадници живи патки или тукушто заклани пилиња да закачува на ченгел. „Тоа е валкана, делумно крвава, нехигиенска и лошо платена работа," вели Ван Га Нгиен. Тајно направените снимки од фабриката кои им беа покажани на новинарите на ДВ го потврдуваат ова.

Месечно, тој добивал околу 550 евра што е малку повеќе од чешкиот минималец. По една година тој добил отказ бидејќи побарал зголемување на платата. Исто како и поголемиот дел Виетнамци кои работат во фабриката Воднанска, чикшто број, во меѓувреме, од 40 сега се намалил на 16 луѓе.

Живот во бедни услови

Посетата на ДВ во Мировице во декември 2018 година ги потврдува исказите на Нгиен. Дел од ангажираните Виетнамци, Монголци, Украинци и Романци, кои работат во „Воднанска“ живеат во пропаднати барака во близина на фабриката, каде имаат заедничка кујна и тоалети.

Нешто подалеку има зграда, исто во сопственост на „Агроферт“. Десет Виетнамци живеат во двособен стан и нивната приказна е идентична како на Нгиен. Работат 200 часа месечно, а заработуваат 600 евра. Немаат договор за работа, а за невозможните услови во кои живеат плаќаат по 100 евра месечна кирија. Така, пропадната зграда која на пазарот на недвижнини не би можела да биде издадена, станува и лукративен спореден бизнис за „Агроферт“. Сè е спротивно на исказите на Бабис, дека му се многу важни добрите работни услови.

Невидлива политичка линија

Милијардерот со години е предмет на критика во Чешка. Со судска пресуда е утврдено дека бил соработник на чехословачките служби и во 90-тите години, под нејасни околности станал сопственик на холдингот „Агроферт“, во кој во меѓувреме влегуваат и многу германски компании, меѓу кои и фабриката „Пистериц“. „Агроферт“ е најголем чешки примател на европски субвенции. Веќе подолго време има отворени истраги против Бабис заради конфликт на интереси и измама. За да се спаси од таквите обвинувања Бабис во 2017 година, империјата ја префрли на еден Фонд, чиј што надзорен одбор го води неговата сопруга. Тоа беше во времето кога Бабис беше министер за финансии.

Од канцеларијата на чешкиот премиер не одговорија на прашањата под кои услови „Воднанска“ носела виетнамски работници и какви се условите за работа во Мировице, но портпаролот на „Агроферт“, Јан Павлу прашањата ги оквалификува како „навредувачки и недостоинствени", додавајќи дека сите правила се почитуваат. За странските важеле истите услови како и за домашните работници и сите имале договори за работа. Павлу ги отфрла обвинувањата дека „Агроферт“ со помош на посредници намерно врбувал работници од странство, но не појасни како ги регрутирале. Портпарол на министерството за надворешни работи за ДВ изјави дека не знаеле за корупција при издавањето работни визи, ниту дека чешки дипломати или конзуларни работници биле дел од таква пракса.

Од летото 2018 година е стопирана програмата за работна виза за Виетнамци, „заради националната безбедност", како што се вели.

Илегалноста како излез

Ван Га Нгиен по отказот од „Воднанска“ во Чешка живее илегално бидејќи неговата двегодишна работна виза беше поврзана со работното место во Мировице, што е вообичаено во такви случаи. Тој сега работи на црно во локалот каде што го сретнавме. Има долг од околу 10 илјади долари и се кае што дошол во земјата. Сепак не може ни да се врати во Виетнам каде никогаш не би можел да заработи доволно за да ги отплати долговите. Тој сака да се обиде да најде легално вработување во Бугарија или Унгарија. Резигнирано вели дека би го сторил тоа повторно со помош на посредник, иако овојпат, тоа би го чинело 12 илјади долари.

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото