Турските серии како светски феномен

05.02.2019 03:26
Турските серии  како светски феномен

Една вечер, Нахид Актар (47) седеше на каучот во својот дом во Лондон и му викаше на телевизорот. Ја гледаше серијата „Заштитиник“, првата оригинална серија на турски јазик што ја прикажа „Нетфликс“.

Во серијата се работи за еден млад трговец со антиквитети, Хакан Демир (Cagatay Ulusoy), кој открива дека припаѓа на древна линија на суперхерои што треба да го спасат Истанбул од злото, а во исто време да ја најде и својата љубов.

„Оф, те молам немој да го убиеш татко му!“, викна Нахид во еден момент, само неколку секунди пред да биде убиен таткото на Демир. „Во турските драми има толку многу сирачиња, во ниедна од сериите што сум ги гледала, главниот јунак нема двајца родители“, рече таа.
На екранот, Хакан беше облеан со солзи. „Тоа е уште една работа што ја сакам кај турските серии“, додава Нахид. „Преполни се со емоции“.

Серијата „Заштитник“ (The Protector) е само уште еден доказ за фактот дека турските телевизиски серии се популарни насекаде низ светот. Секоја вечер во Турција неколку серии се натпреваруваат за вниманието на гледачите, а епизодите неретко траат по два или повеќе часови, исполнети со романси, семејни замешателства и гангстери. (Една епизода на „Заштитник“ трае 40 минути).

Некои од овие серии беа поврзувани со подемот на национализмот во Турција; други, пак ги разбеснеа конзервативците затоа што ги прикажуваа историските личности како се опиваат и флертуваат.

Но, она што е сигурно е дека на Средниот Исток и во Латинска Америка тие станаа феномен, а и симбол на турската мека моќ. Сега се шират и низ Европа. Во 2018 година, секоја епизода на серијата под наслов „Фатмагул“ ја гледале еден милион луѓе во Шпанија, наспроти тоа што серијата се прикажувала на „Нова“, помал телевизиски канал, специјализиран за латинскоамерикански теленовели.

Другите серии постигнале сличен успех во останатите европски држави од Бугарија до Шведска.
„На овие серии сè уште успеваат да им одолеат гледачите во Франција, Велика Британија, Германија и САД“, вели Фредерик Малмборг, главен менаџер на телевизиската мрежа „Ecchorights“.

„Турската телевизија се занимава со семејството и моралните прашања. Тоа е малку конзервативно, малку старомодно, но не е цинично“, вели тој.

Нетфликс почна да прикажува турски серии од 2016 година, но фактот дека оваа „стриминг“ мрежа одлучила да вложи во снимање на сопствена турска драма кажува за тоа колку се популарни овие серии.

Одобрено е снимањето на втората сезона на „Заштитник“, а „Нетфликс работи на уште една оригинална продукција во која главната улога ќе ја толкува Берен Сат, една од најпопуларните турски актерки.

Нахид се „навлекла“ на турските серии во јануари 2017 година, додека морала да лежи во кревет. „Имав ужасен хроничен грип“, објаснува таа. И бидејќи ѝ било многу здодевно, отворила „Нетфликс“, кој ѝ предложил турска серија.
„Мислев само да погледнам за што се работи, епизодата траеше само 45 минути – и бев многу воодушевена“, додава Нахид.

Имало витештвото и романтиката - старомодни вредности, кои сосема ја обзеле. Но и дијалогот: „Се зборува многу елегантно и поетски. Тој говор ѝ се обраќа директно на вашата душа".

Наскоро, Нахид сосема се опседнала. Еднаш, таа дури и зела два слободни дена од работа (консултант за информатичка технологија) за да докрај изгледа уште една серија. Неколку пати патувала во Турција, еднаш само за да се обиде да се сретне со нејзиниот омилен актер. Исто така, таа членува во дваесетина Фејсбук групи обожаватели на разни турски серии, а му напишала и писмо на режисерот на серијата, молејќи го да дозволи да се бакнат двата главни ликови.

Јасемин Челикол, доктор по науки на Универзитетот во Пенсилванија, вели дека некои серии навистина силно одекнаа во одредени држави. Серијата „Кога лисјата паѓаат“ беше хит во Бугарија бидејќи зборува за ужасните работи што се случуваат кога семејството ќе се пресели од село во град. Во Бугарија имало и сè уште во голема мера се одвиваат големи внатрешни миграции и луѓето се пронаоѓаат во приказната.

Според Челикол, сериите влијале врз подобрувањето на имиџот на Турција во Русија што поттикнало многу Руси да отпатуваат во Турција на одмор, во потрага по сопруг или заради лекување.

Сепак, во 2016 година, една руска телевизиска компанија ја сними серијата „Исток/Запад“ за една руска двојка која заминува во Турција на клиника за лекување на неплодност, а Русинката на крајот завршува како несреќна втора жена во харемот на лекарот.
„Како да сакале да им порачаат на жените во Русија: Немојте да одите таму, ќе ја изгубите слободата и нема да можете да имате деца“, вели Челикол.

Во меѓувреме, во Лондон, Нахид нестрпливо ги прегледува првите епизоди на „Заштитник“ и веднаш ги воочува разликите помеѓу продукцијата на Нетфликс и другите турски продукции. Во Турција, никогаш не би можеле да видите жена во долна облека на телевизија, има многу повеќе пцовки, а и главниот јунак изгледа многу понеуредно отколку во турските серии.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото