Ана Ахматова – радикалната поетеса во немилост на Советскиот Сојуз

05.02.2019 12:33
Ана Ахматова – радикалната поетеса во немилост на Советскиот Сојуз

Во годините обележани со војни, револуции и прогони, Ана Ахматова била една од ретките интелектуалци што одбрале да останат во Русија наместо да емигрираат. Често забранувана во Советскиот Сојуз како индивидуалистичка буржујка, во татковината и во светот се прослави со песни во кои проговорува против суровоста на сталинистичкиот режим, одлучна да не ја препушти трагедијата на својот народ на заборавот на времето.

Родена е како Ана Андреевна Горенко 1889 година во Бољшој Фонтан, предградие на Одеса, во Јужна Украина. И од мајчина и од таткова страна имала аристократско потекло, а татко ѝ бил бродоградителски инженер. Детството го минува во Царско Село недалеку од Санкт Петербург, а на 17 години – по разделбата на родителите – се сели во Киев, каде што завршува средно училиште и упишува студии по право. По една година се сели во Санкт Петербург и таму започнува да студира книжевност.

Веќе на 11 години почнува да ги пишува првите стихови, поради што три години подоцна го привлекува вниманието на неколку години постариот Николај Гумиљов, кој од 1905 до 1910 година непрекинато ќе ја прогонува и неколкупати ќе ја запроси, понекогаш заканувајќи се со самоубиство доколку Ахматова не се согласи.

Таткото на Ана, пак, не бил воодушевен од талентот на својата ќерка и од нејзината слава, која сѐ повеќе растела во Петербург, па ѝ наредува да не го валка неговото чесно име. Ана оттогаш, па до крајот на животот престанува да го користи своето родено презиме, па си го става Ахматова, презимето од баба си преку која, наводно, влечела потекло од татарските канови на Кримскиот Канат.

Ахматова во 1910 година се мажи со Гумиљов, повеќе од попуштање пред неговите упорни запросувања отколку од љубовна страст. Медениот месец го минале во Париз, кој на Ахматова ѝ остава силен и длабок впечаток, па градот повеќепати ќе биде предмет во нејзините песни. Заедно со Гумиљов, со Осип Мандељштам и со уште неколку други поети, Ахматова го втемелува поетскиот правец акмеизам, кој 1912 година добива и поголема формалност во вид на Цех на поетите и манифест во книжевното списание Аполон.

Истата година Ахматова го раѓа синот Лав, своето единствено дете, но грижата за него ја презема нејзината свекрва.

Акмеистите ја истакнувале вредноста на чистата форма, прецизноста, економичноста во јазикот, и сметале дека умешноста на пишувањето е клучно за поезијата, наспроти ефемерната инспирација и мистичноста на симболизмот. Поезијата на Ахматова се истакнува, заедно со таа на Мандељштам, како најдобро остварување на акмеистичките идеали, на кои таа им додава силна интроспекција, психологизација и космополитизам.

Во 1912 година Цехот на поетите ја објавува нејзината прва збирка поезија, Вечер, чие прво издание е распродадено преку ноќ. Со следната збирка, Бројаница, објавена во март 1914 Ахматова станува една од најпознатите уметнички во царската престолнина и дел од перјаницата на т.н. сребрена ера на руската книжевност.

Во песната Јули 1914 Ахматова пророчки го навестува вртлогот на страдањето во Русија, кој започнува со почнувањето на Првата светска војна, а продолжува со револуцијата, граѓанската војна и репресиите на советскиот режим. Наспроти тоа што власта подоцна ѝ го префрлувала, Ахматова се покажала како исклучително чувствителна за историските случувања и сочувствителна кон страдањата на својата татковина и на својот народ. Периодот на светската и граѓанската војна за неа се покажал исклучително плодоносен. Тогаш објавува уште три збирки поезија: Бело јато (1917), Жилавец (1921) и Anno Domini MCMXXI (1922). Во својата поезија зборува за ужасите на војната, за љубовта кон татковината, за загубите, за Бога, непрекинато усовршувајќи го својот поетски израз.

Во 1921 година советската тајна полиција го погубува Николај Гумиљов, тогаш веќе поранешен маж на Ахматова, под обвинение за контрареволуционерна дејност. Тоа е првиот голем удар за Ахматова, која уште од времето на Октомвриската револуција станува сѐ поизолирана и поосамена. Речиси сите големи уметници од сребрената ера емигрираат на Запад по револуцијата, а на оние малубројните што останале работата им станува сѐ потешка и потешка.

Како хероина на „декадентната“, „буржујската“ и „ненародната“ уметност Ахматова се нашла меѓу уметниците чија работа 1925 година е неслужбено забранета со резолуцијата на Комунистичката партија на СССР.

Следните 10 години Ахматова престанала да пишува поезија, па се свртува кон преведувањето, пишувањето есеи и критики, и кон студиозното проучување на Александар Пушкин. Иако ценета меѓу стручњаците, преведувачката работа не ѝ донела адекватна заработка и во тие години живее во голема сиромаштија, а нејзиниот круг пријатели од предреволуционерните денови станува сѐ потесен. Нејзиниот пријател Осип Мандељштам е уапсен најпрво во 1934, а потоа и во 1938 година и осуден е на прогонство на Далечниот Исток; умрел неколку месеци подоцна во трансферен логор. И Никола Пунин, љубовник и долгогодишен пријател на Ахматова, бил повеќепати апсен и осудуван на робија, а умрел во логор во 1953 година. Нејзиниот син Лав Гумиљов за време на владеењето на Сталин е неколкупати затворан; неговите апсења и затворските казни од 1935 и 1938 година биле директен повод за Ахматова да му се врати на пишувањето.

Поттикната од заробеништвото на синот, од својата самотија и од сеприсутното страдање на рускиот народ, Ана Ахматова од 1938 до 1940 година составува цилус песни со наслов Реквием, споменик на „Големиот терор“ од крајот на 30-тите години. Иако Реквием во СССР не е објавен во целост сѐ до 1987 година, делото сепак кружи неформално, па во 1963 година е печатено во Западна Германија. Циклусот станува дело од руското колективно сеќавање на ужасите на сталинистичкиот терор токму затоа што е многу личен – самата Ахматова поминала 17 месеци во редовите пред затворот Крести за време на робијата на Лав – но и затоа што поетесата се вкотвува во повеќевековната традиција на руската книжевност и духовност.

Почетокот на Втората светска војна во Русија Ахматова го дочекува во Ленинград – некогашен Петербург – кој е под нацистичка опсада сѐ до 1944. Од градот 1942 година ја евакуираат во Ташкент, денес главен град на Узбекистан, каде што ја оформува првата верзија на своето најголемо дело, Поема без јунак. Во тој период дополнително се оддалечува од љубовните теми и се приближува кон родољубието, филозофијата и духовноста.

Крајот на војната не ѝ носи мир на Ахматова; 1946 новата резолуција на Централниот комитет на Комунистичката партија ѝ забранува да објавува поезија, а 1949 Лав е по третпат уапсен и осуден на 10 години робија во Сибир. Ахматова тогаш прв – и последен – пат пишува прорежимски стихови, надевајќи се дека ќе ги омекне властите и ќе издејствува помилување за синот. До тоа доаѓа дури во 1956 година, по смртта на Сталин, а во тоа време почнува и ублажувањето на ставот на власта кон нејзината работа, па во 1958 година е објавена Песни, збирка од нејзините собрани дела.

Во последните години од својот живот Ахматова енергично се занимава со пишување: ја довршува Поема без јунак, ја составува полуавтобиографската поема Енума Елиш, пишува мемоари и нацрти за неколку романи. Исто така прима и советува цела една генерација нови руски поети. Советските власти одлучуваат да ја капитализираат нејзината слава и уметничкиот талент, па нејзината работа во службениот наратив е ревалоризирана – повеќе не била „декадентна буржујка“ туку „вредна претставничка на нацијата“, песните ѝ се печатени во неколку изданија, ужива исклучителна популарност дома и во странство. И покрај тоа, Реквием не е објавен.

Во 1965 година ја добива престижната книжевна награда Таормина и почесен докторат на Универзитетот во Оксфорд, поради што патува во Италија и во Англија. По срцевиот удар во ноември 1965 година е хоспитализирана, а во март 1966 умира во санаториумот во Домодедово, близу Москва. Погребана е во својот сакан Санкт Петербург.

Забележувајќи го низ својата поезија поголемиот дел од несреќните искуства во Русија во 20 век, Ана Ахматова станува глас на хуманоста во светот на превирања и војни. Нејзините песни во исто време се и сведоштво и пророштво, и остануваат еднакво радикални и политички релевантни и денес како што биле во времето кога се настанати.

Извор: voxfeminae.net
Превод: Ѓ. З.

ОкоБоли главаВицФото