Невидливата каиса или каде е шахот денес

06.02.2019 01:17
Невидливата каиса или каде е шахот денес

Постои теолошка теза дека бог е невидлив, но сеприсутен. Дали е така и со Каисата? Како што ни е познато, во Хуманизмот и ренесансата се обновил интересот за митологијата. Тогаш поетите се досетиле на уште една божица, Каиса, која е заштитничка на шахот и шахистите. Врз основа на (не)пишувањето на медиумите шахот не постои. Но кога ќе ја видам бројноста на земјите учеснички на шаховските натпревари јасно ми е дека Каиса како и другите богови без разлика дали се на небото, на Олимп или на телевизија - се бесмртни. Луѓето и натаму се интересираат за шахот.

Залудно пребарувам по српските портали или спортските рубрики на големите информативни портали со надеж дека ќе пронајдам некој извештај, осврт или информација за најпрестижното шаховско натпреварување, а тоа е шаховската олимпијада. Оваа година 42-та олимпијада се одржува во Баку додека го пишувам ова. Учествуваат околу 130 земји од светот. И Србија испрати машка и женска екипа, но медиумите се сложни дека шаховската олимпијада треба да се премолчи. Не известуваат за шахот, но затоа имаме 101 информација за Новак Ѓоковиќ и нашите кошаркари и кошаркарки, нашите ватерполисти, нашите и нашите каде акцентот воопшто не е на спортот туку на нашијанството. Тие би ги славеле и нашите фрлачи на камења од рамо, скокачите на глава и одачите на раце. Зашто ако постојат наши посотоиме и ние. Констатацијата е логично сосема исправна. Понатамошната аналогија е сосема јасна: каде се нашите и нивните медали, таму сме и ние и нашиот квази успех. Само, господа, Новак трчаше по топчето и се потеше, а не вие.

Но, да ѝ се вратиме на невидливата Каиса и молчењето за шахот. Некој може да се запраша дали шахот е спорт. Спорт е и тоа мошне често екстремен. Кога моменталниот светски првак Магнус Карлсен игра симултанка со превез на очите на десетина табли и на слепо успева да оствари максимален учинок тогаш зборуваме за екстремен спорт. Една шаховска партија може да трае и до седум часови, а мечовите некогаш траеле и по неколку месеци. Научниците велат дека за време на играњето шах се губат килограми речиси подеднакво како и за време на напорна физичка активност. Во 1984 година Карпов и Каспаров се бореа за титулата првак во исцрпувачки меч кој траеше повеќе месеци. Карпов тогаш ослабна десет килограми. И како да не зборуваме за шахот како за екстремен спорт?

Боби Фишер

Шахистите сакаат да истакнат дека шахот покрај тоа што е спорт е и уметност. Оној што ќе ја доживее оваа констатација како претерување нека се обиде да реконструира некоја партија на Фишер, Таљев или Аљехинов и ќе му биде јасно зошто шахот е и уметност. Драмската напнатост е еднаква на некоја возбудлива крими приказна или театарска претстава, а убавината на комбинациите и потезите предизвикува слично естетско восхитување како кога гледам танц и уметничко лизгање.

Шахистите велат дека начинот на размислување за време на играњето шах е сличен на мисловните механизми на научниците. Иако финалниот производ на шахистите и научниците не е ист, оваа споредба има смисла и е значајна затоа што шахистот се „обучува“ да размислува попрецизно и во воншаховски ситуации, како и да ги развива менталните способности како што се аналитичноста, трепливоста и концентрацијата. Кон крајот на деведесеттите Гари Каспаров беше речиси непобедлив и развојот на компјутерските програми за играње шах беше во експанзија. ИБМ создаде супериорна машина за играње шах која се викаше Deep Blue и се одржа меч помеѓу тогашниот најдобар шахист Каспаров и шаховскиот терминатор Deep Bluе. Тоа ме потсети на една песна од Есенин која зборува за коњот кој трча по воз, борба на поединецот и машината, односно животното или човекот и науката.

Шахот има и елементи на магија. Гари Каспаров во својата книга Како животот го имитира шахот истакнува дека во шахот важен елемент е интуицијата и дека како таков има некои елементи како и магијата. Зашто често се случува некој потег да не е исклучиво последица на теорија, знаење и искуство, туку и на одредена ситуација и проценка на желбите на противникот во одреден момент.

Шахот често бил и политика. Да се сетиме на 1972 година и мечот на векот помеѓу Фишер и Спаски кога мечот се посматраше во светло на односите помеѓу Америка и Русија во периодот на Студената војна, каде во шаховските случувања на посреден начин беа вклучени и врвовите на двете земји. Тогаш прашањето Русин или Американец како шаховски првак беше повеќе од игра. Во 1992 година во Југославија за време на санкциите беше одржан повторен меч помеѓу Фишер и Спаски иако санкциите исклучуваа такви настани. Бидејќи не ја почитуваше забраната за играње, на Фишер му се закануваа десет години затвор и одземање на парите од наградите од страна на матичната држава, односно САД. И така, Фишер од 1992 па до 2005 година луташе по целиот свет сѐ додека во 2005 година не доби азил од Исланд.

Борис Спаски

Во светот шахот е на многу повисоко ниво отколку во Србија, но дури и во земјите каде е на највисоко ниво како што се Русија, Америка и Кина, тој не е медиумски и финансиски поддржан како фудбалот, кошарката и тенисот. Причината за таквиот третман не е непопуларноста на шахот, туку тоа што шахот малку се вклопува во капиталистичко-конзументскиот концепт на општеството. Сѐ што му е потребно за игра на шахистот во материјална смисла се фигури, табла и маса. Нема рекети што се кршат, нема додатоци за потење што се обновуваат, топчиња што се оштетуваат. Со еден збор нема обрт на капитал и атрактивност за спонзори во онаа смисла како што е можно кај некој од другите спортови. Потоа, љубовта кон шахот е посесивна и шахистите фокусирано се занимаваат со фигурите и како такви се помалку подложни за апсолитистичкиот капиталистички концепт. Останува прашањето дали некој маректиншки мудрец може да ме демантира. Бидејќи доминантна религија во 21 век е токму маркетингот, одговорот се наѕира.

И на крајот вреди да се спомене дека генијалните и харизматични поединци се оние што привлекуваат луѓе во некоја област. Боби Фишер беше мошне необичен, како отелотворена Алиса во земјата на чудата во машки облик. Како таков беше инспиративен за новинарите, а подоцна и за филмаџиите и така имаме низа книги и филмови за него. Им беше интересен на луѓето и ја голтаа секоја информација што беше поврзана со него.

Шахот се појавил во деветтиот век иако самите почетоци достигнуваат до шестиот век, а во тој формат се игра и денес. Парадоксално е што и покрај развојот на техниката и цивилизацијата ниедна игра, а ни софтвер за видео игра не го надмина шахот кој има крајно едноставна форма која ни е добро позната: 64 полиња, 32 фигури, двајца играчи, безброј комбинации. Шахот е доказ дека убавината се крие во едноставноста и дека таа е вонвременска и севременска.

Извор: https://pulse.rs

ОкоБоли главаВицФото